„Гледачот во современите изведувачки уметности“ – предавање на Ана Стојаноска

07.10.2018 23:39
„Гледачот во современите изведувачки уметности“ – предавање на Ана Стојаноска

Кој гледа и како се гледа театарска претстава? Проширеното поле на театарот – што се е театар денес? Институционален наспроти не-институционален изведбен чин? Промената на просторот значи и промена на начинот на гледање? Новинарска, културолошка и/или театролошка рецепција? Како современите медимиуми се однесуваат кон изведбата? Дали може да се пишува за театар денес и каде?

Ова се дел од прашањата и сегменти кои ќе бидат опфатени на предавањето на тема „Гледачот во современите изведувачки уметности“ од театрологот Ана Стојаноска, во рамки на програмата „Уметност Политика Институција Тело“.

Предавањето ќе се одржи на 9 октомври од 19 часот, а организатор е Локомотива- Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, кои потенцираат дека современата теорија на рецепција се посветува на гледачот и неговото влијание во перформативните уметности.

„Бидејќи, вообичаениот простор за следење на една театарска претстава е проширен, а со тоа се проширува и поимањето на театарот, гледачот треба да се адаптира на новите услови, а со самото тоа, да ги адаптира и сопствените очекувања и знаења за современиот театар. Ова предавање се фокусира на откривањето на позицијата гледач во современите изведувачки уметности. Гледачот како учесник и активен чинител на театарската или поширока изведба е главниот интерес“, соопштува Локомотива.

Инаку, програмата ќе опфати и затворени работилници кои ќе се реализираат во текот на денот, организирана за група на млади драматурзи, теоретичари, социолози заинтересирани за или активни во полето на современите изведувачки уметности.

Куратор на програмата е Биљана Тануровска Ќулавковски, Елена Ристеска е асистент куратор, а Виолета Качакова е проект менаџер.

 

ОкоБоли главаВицФото