1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
Премногу дијалог
Постои речиси митско верување дека една од причините за тензиите и нестабилноста на Балканот, а особено во односите помеѓу Косово и Србија, е тоа што нема доволно комуникација и дијалог. Ако разговараа претставниците на овие две земји – нè убедуваат многумина, а особено либералите – историјата на регионот ќе беше поинаква. Индикативен пример за таквото уверување е воодушевувањето кое го покажуваат претставниците од Европа секогаш кога ќе се состанат лидерите на Косово и Србија – да се сетиме на возбудувањето на поранешната висока претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон кога Хашим Тачи и Ивица Дачиќ се ракуваа во Брисел. И токму тоа возбудување е проблематично: тоа е израз на фетишизација на преговорите како такви.
Сепак, овој наратив е заснован на недоволно познавање на поновата историја на Балканот. Од средината на деведесеттите па наваму, периодите во кои претставниците на Србија и Косово беа вклучени во дијалог и преговори – се подолги од периодите во кои немаше формален дијалог. Сè почна 1997 година кога со посредство на Заедницата Свети Еџидио беше постигнат договор помеѓу лидерот на косовските Албанци, Ибрахим Ругова и претседателот на Југославија, Слободан Милишевиќ за обнова на образованието на албански јазик. Војната на Косово изби во февруари 1998 година, а набрзо потоа во Рамбује почнаа преговорите помеѓу двете завојувани страни кои завршија со неуспех, по одбивањето на српската страна да ги проифати условите од мировниот договор.
Меѓутоа, преговорите продолжија дури на почетокот на 2000 година со учество на Обединетите нации, кои управуваа со Косово од јуни 1999 година до февруари 2008 година и чиј претставник во преговорите ги застапуваше косовските Албанци. Во 2005 година почнаа преговорите за конечниот статус на Косово кои завршија во декември 2007 без постигнување договор помеѓу двете страни. Неколку месеци подоцна, на 17 февруари 2008, Косово прогласи независност и сè до 2011 немаше формални преговори. Вреди да се напомене дека во јули 2010 година Меѓународниот суд на правдата усвои советодавно мислење според кое прогласувањето независност на Косово не е спротивно на меѓународното право. Во март 2011 година ЕУ ги доведе претставниците на Србија и Косово на преговарачка маса и тогаш почнува формалниот дијалог под покровителство на ЕУ кој официјално трае сè уште. На почетокот се нарекуваа технички преговори, чија цел беше подобрување на условите за живот на луѓето во Косово и Србија, а кои подоцна беа подигнати на повисоко политичко ниво, најпрвин на ниво на премиери, а од неодамна на ниво на претседатели. Од почетокот на дијалогот под покровителство на ЕУ, претставниците на Косово и Србија потпишаа неколку десетици договори, од кои само неколку се имплементираа во целост, неколку делумно, додека многу од останатите се мртво слово на хартија.
Значи, проблемот помеѓу Косово и Србија не е во тоа што нема дијалог, туку токму во тоа што има премногу дијалози и преговори. Ова треба да се сфати речиси буквално. Многу актуелни проблеми во односите на Косово и Србија делумно се резултат на досегашните преговори. Затоа притисокот на двете страни што побрзо да седнат на преговарачка маса предизвикува сомнеж. Историјата на преговарањето помеѓу Косово и Србија нè учи дека во одредени историско-политички околности преговорите наместо да придонесат за решение на проблемот, придонесуваат за нивно понатамошно комплицирање. Токму тоа се случува сега на Косово. Кога ситуацијата е напната како во односите на Косово и Србија, она што е неопходно е спротивставените страни да се раздвојат. Со други зборови, идеологијата на преговорите која подразбира постојано доаѓање на преговарачка маса, е дел од политичката динамика која ги одржува постоечките односи на моќ. Најкратко кажано: преговорите – вакви какви што се сега – се засноваат на претпоставката дека двете страни треба да разговараат зашто не се познаваат добро. Меѓутоа, впрочем до конфликт дојде затоа што косовските Албанци и владејачките структури во Србија меѓусебно се познаваа мошне добро и имаа спротивставени интереси.
Етнички поделби
Тековната фаза на преговорите помеѓу Косово и Србија имаше неколку клучни моменти. Најзначајниот се случи во август 2015 година кога беше постигнат договорот за Заедницата на српски општини. Според овој договор Косово би требало да биде поделено по должина на етничките линии, така што српското малцинство може да формира држава во држава. На ова треба да се додаде и статусот на екстериторијалност кој го предвиде планот на Ахтисари за Српската православна црква на Косово. Врз основа на договорот за Заедницата, општините на Косово со српско мнозинство, вклучувајќи и 4 општини на северот кои речиси во целост ги контролира Белград (формално преку Српската листа, и неформално преку претставниците на бизнисот во овој дел од Косово) – можат да добијат законодавни и извршни овластувања независно од правно-политичкиот поредок на Косово.
Според одлуката на Уставниот суд на Косово од 23 декември 2015 година овој договор не е во согласност со Уставот и затоа мора да биде ревидиран. Меѓутоа, сите страни во дијалогот инсистираа постоечката верзија од договорот да влезе во процедура во косовскиот парламент. Во текот на тој период, кој траеше околу 8 месеци, Собранието на Косово беше блокирано и претворено во место на протест и конфликт помеѓу опозициските партии и владата. На сите ни се познати сцените во кои опозициските пратеници фрлаат солзавец во собранието. Надвор од парламентот десетици илјади луѓе излегоа на улиците протестирајќи против договорот за Заедницата, како и против договорот за демаркација со Црна Гора кој го ратификуваше Собранието на Косово во март 2018 година и со кој Косово изгуби 8 200 хектари земја. Ратификацијата на овој договор со Црна Гора требаше да биде последниот услов кој му го постави ЕУ на Косово за добивање безвизен режим за Шенген зоната. Вреди да се спомене дека Косово е единствената земја во Европа за која се применува визен режим во Шенген зоната. И покрај ратификацијата на договорот со Црна Гора, процедурата за добивање шенгенски визи и натаму е голема главоболка, но и понижување за граѓаните на Косово.
Сето ова е многу важно, зашто во голема мера ќе го одреди продолжувањето на преговорите кои ЕУ и останатите ги нарекуваат нивна финална фаза. Од разни страни може да се слушне дека историски договор помеѓу Косово и Србија ќе се постигне во наредните неколку месеци, најдоцна до март – значи, пред изборите за Европскиот парламент кои се закажани за мај 2019 година.
Конечен договор
Иако изразот „финална фаза од дијалогот“ влезе во секојдневна употреба, сметам дека следниот договор помеѓу Косово и Србија нема да биде конечен договор, ниту ова ќе биде последна фаза од дијалогот. Се чини дека проаѓаме низ ноќта на живите мртовци – оние кои веќе немаат никакво политичко влијание, но се борат да останат во живот и се преправаат дека имаат контрола над политичката реалност. Ова е случај со Хашим Тачи, претседателот на Косово, чиј досегашен политички опстанок секогаш беше условен со преговорите со Србија. Во исто време склон на уцени и уценување на другите, Тачи совршено се вклопува во идеолошката рамка на преговорите. Впрочем, мошне тешко е да се одвои Тачи од дијалогот. Преговорите со Србија станаа приоритет за Косово и самиот тој факт бара внимателност. Се чини дека Косово постои за да преговара со Србија, додека Србија ги користи преговорите на два начини: за да ја прошири и зацврсти својата улога на мини-империјална сила во регионот и да напредува кон членство во ЕУ побрзо од останатите земји во регионот. Од друга страна, 5 држави членки на ЕУ и натаму не ја признаваат независноста на Косово, што Косово го спречува да поднесе барање за членство во ЕУ. Тука е важно да се напомене дека потенцијалното членство на Србија во ЕУ, како и перспективата за членство на Косово, формално се условени од таканаречената „нормализација“ на меѓусебните односи и дека токму тоа е она што двете страни ги принудува да седнат на преговарачка маса.
Во мноштвото предлози за конечно „историско“ решение, според својата сериозност се издвојуваат три: 1) поделба на Косово (северниот дел би бил присоединет со Србија); 2) размена на територии (Косово би добило дел од Прешевската долина, додека Србија би го добила Северно Косово); 3) разграничување (останува нејасно што точно подразбира оваа опција). Се чини дека и за Тачи и за Вучиќ прифатливи се сите три решенија и ова не треба да нè чуди. Двајцата претседатели се автократи кои своите држави ги сфаќаат како феуди кои неотуѓиво им припаѓаат. Тие зборуваат за размена на територии, поделба и разграничување како да се работи за нивни приватни поседи.
Меѓутоа, би сакал да предложам една друга теза која се чини поверојатна од предлозите за решение кои деновиве доминираат во вестите. Хипотезата е следна: тешко може да се замисли дека преговорите помеѓу Косово и Србија ќе завршат со поделба или размена на територии на Косово; во моменталните историско-политички околности оваа опција делува речиси невозможно. Меѓутоа, тоа никако не значи дека можеме да воздивнеме. Поделбата на територијата не е единствената сериозна закана и токму заради тоа што е малку веројатно дека ќе дојде до тоа, треба да нè загрижат другите опции кои се скриени зад поделбата како политичка димна завеса. Значи, се поставува прашањето: што е тоа што се крие зад сите тие идеи за демаркација, размена на територии, поделби, заемно признавање преку правно обврзувачки договор? Според моето мислење тоа е воспоставување еден вид Република Српска на Косово по примерот на онаа во Босна и Херцеговина. Но независноста на Косово е последица на долгата борба за слобода и еднаквост, а Република Српска е производ на војна и геноцид во Босна и Херцеговина, ентитет заснован на идејата за етничко разграничување. Така и Заедницата на српски општини претставува етничко решение на проблемот кој во својата суштина не е етнички ни културолошки.
И во тоа е целата иронија: додека Слободан Милошевиќ, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ се или мртви или осудени за геноцид, нивните политички проекти и натаму се спроведуваат – прво во Босна и Херцеговина, а сега и на Косово. Претседателот Вучиќ на почетокот на септември беше во посета на северот од Косово и во говорот кој требаше да биде „најважниот говор во неговиот живот“ го рехабилитираше Слободан Милошевиќ нарекувајќи го „голем српски лидер чии намери секако биле најдобри, но резултатите ни биле многу полоши“. За Вучиќ проблемот не е во тоа што Милошевиќ беше злосторник, одговорен за три војни во регионот во деведесеттите, 130 000 мртви и речиси 4 милиони раселени и прогонети, туку негов недостаток е тоа што не успеа да ја реализира Голема Србија. И заради овој „историски“ неуспех, Вучиќ имаше намера да го извлече она што може да се извлече: да ја прошири својата контрола над Косово, заедно со политичката и економската контрола во Босна и Црна Гроа.
Целите за воспоставување на Заедницата на српски општини не се сосема јасни. Извесно е дека Заедницата како етничко решение би го продлабочило присуството на Србија на Косово – во неоколонијален облик. Од друга страна, идејата на ЗСО, српско-албанскиот проблем го префрла од доменот на економската неправда, политичката експлоатација и окупацијата на теренот на идентитетите, претставувајќи го како културолошко-етнички проблем на две нации. Разликата помеѓу ЗСО како етничко решение и прогласувањето на косовската независност е огромна и останува за неа да се пишува во некој друг текст. Проблемот со Заедницата е во тоа што таа нема да заштити, зајакне и обезбеди повеќе права за косовските Срби – таа на Косово ќе биде само продолжена рака на Владата на Србија, на тој начин одржувајќи ја Србија во позиција на мини-империјална сила. Зашто преговорите кои доведоа до договор за Заедницата не се преговори за права, туку за територии; тоа не се преговори помеѓу две страни, туку помеѓу двајца луѓе.
Затоа итно ни е потребна политичка мобилизација против моменталната форма на дијалогот помеѓу Косово и Србија, но и против потенцијалниот „конечен“ договор кој би произлегол од ваквиот дијалог. На Косово предуслов за политичка мобилизација е бунт против Тачи и косовската влада и веројатно тоа ќе почне мошне брзо, уште овој месец. Што значи дека има надеж. Најголемата опозициска партија, која по изборите во јуни 2017 година стана најголема партија на Косово, Движењето Самоопределување!, се противи на дијалогот помеѓу Белград и Приштина и наместо тоа се залага за дијалог помеѓу косовската влада и косовските Срби, како и другите малцинства на Косово. Движењето Самоопределување! ги повика граѓаните на Косово на 29 септември да излезат на протест против преговорите Вучиќ-Тачи, но и против владата на Косово која одамна го изгуби легитимитетот. Важно е да се каже дека овие демонстрации нема да бидат моно-етнички – припадниците на националните малцинства го поддржаа протестот и изразија подготвеност да му се придружат. Во сегашната ситуација, дијалогот помеѓу косовските Албанци и останатите етнички групи на Косово добива свој израз во солидарноста во акција.
Авторот, заедно со Френк Руд и Славој Жижек, е коавтор на книгата „Читајќи го Маркс“. Ја напишал и книгата „Алтисер и Пазолини: Филозофијата, марксизмот и филмот“, а со Славој Жижек е коавтор на студијата „Од мит до симптом: случајот на Косово“.
Текстот е објавен во Коха Диторе на 25.09.2018. Напишана е и англиска верзија за Јакобин.
Извор: https://pescanik.net