Булка во глава

08.10.2018 10:49
Булка во глава

Сцената беше речиси апокалиптична. Мајка ми затруби на труба за да го расположи внук ми, после што татко ми, кој спиеше на троседот во дневна, излета од острата кривина на пладневениот сон и ја расцепи главата во банкините на реалноста. Не е ништо, ми рече откако истрчав од долниот кат нагоре за да видам што се случило и го најдов пред огледало како се созема од ударот и става ракија на раната, ќе посадам булка во дупката, ќе помине... Го гледав вџашен и во шок додека дупката кај невидливиот десен рог ме обземаше како што висина зема акрофоб. Ништо нема да садиш ти, му реков откако се откачив од занесот, ќе посадат хирурзи, а потоа го фатив за рака и го внесов во автомобилот. На радио вртеше Страјк. Осети го студот, што да ти кажам друго, убива болест, но убива и љубов... По десниот образ на татко ми шуркаше крв и му се слеваше по вратот, а патот до болница изгледаше вечен во градот-неград.

На хирургија, докторите, му засадија булка во рутинска постапка, додека го пиеја пладневното кафе и безгрижно нѐ испратија оттаму. Си заминавме во молк.

Кога падна ноќта, во потесниот круг на фамилијата, повторно, по којзнае кој пат, како стилски вежби на Кено, вежбавме соживот и љубов. Се повторуваа елементарни работи, прости и едноставни нешта, како да се артикулира и како да се комуницира, се разменуваа прегратки и бакнежи, се оцртуваа тенките линии помеѓу и се слушаше стрпливо. И тоа траеше со часови, можеби ќе траеше и со денови и да не му текнеше на мојот двегодишен внук да ја скине булката од главата на татко ми, можеби ќе траеше и цела вечност. Татко ми се насмевна и го бакна малиот во чело, а потоа сите заминавме да спиеме.

Слични содржини

Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото