Дома - фото приказна

13.05.2009 12:07
Дома - Иван Блажев

 Студентскиот дом Стив Наумов е лоциран во населбата Автокоманда, под парк-шумата Гази Баба и Природно-Математичкиот Факултет, во Скопје. Домот е составен дел на Државниот Студентски Центар – Скопје, државна институција која обезбедува сместување и исхрана за студентите од внатрешноста. Стив Наумов е најголемиот студентски дом во државата, со капацитет за сместување на околу 2000 студенти. Составен е од бараки стари 40-ина години, нешто понови две машки згради и една женска зграда изградена последна, во почетокот на деведесетите години.

 Прв пат го посетив домот есента 2007-ма. Колку и да сте подготвени, уште при првата посета силен впечаток оставаат физичките условите во кои се одвива секојдневието на станарите во Стив; тешкиот мирис од ВЦ-еата кој се шири низ ходниците, полураспаднатиот мебел во собите, малиот број на функционирачки тушеви (2-3) по спрат за околу 70-80 студенти, соби без телефонски и интернет приклучок и сл. Исто така уште од самиот влез забележливи се разните пораки и графити напишани по вратите и ѕидовите на ходниците кои го навестуваат духовниот отпор и обидот на местото да му се даде личен печат и така, преку хумор (а понекогаш и вулгарност) да се неутрализираат негативните аспекти кои најчесто и не зависат од самите станари.
 Фотографиите ги портретираат пред се станарите и нивните лични приказни, исто како и условите во кои битисуваат овие млади луѓе, меѓутоа фотографиите постојат како сведоци и опомена за заедничката (не)одговорност и (не)солидарност. Фотографиите може да претставуваат поттик за студентите, но и за нас останатите за преземање одговорност и акција во насока на овозможување и создавање достојни услови за живот.
Дома е приказна која се обидува да навлезе под површината. Приказна за способноста на човечкиот дух за приспособување и истрајност. Приказна за желбата и обидот позитивно да се влијае врз средината во која живееме. Дома е приказна за домувањето и потребата од создавање на место кое ќе можеме да го нарекуваме дом.
 *КЛИКНИ НА СЛИКИТЕ ЗА ПОКРУПЕН SLIDESHOW

Сашко: Јас сум во Стив веќе 4 години и многу ми се допаѓа начинот на живот овде. Ваквиот начин на живот не можете да го најдете ни во еден друг студентски дом. Животот во Стив ти е како да живееш во Америка. Овде владее вистинска демократија.

Дејан: Кога дојдов немаше ништо во собата. Ако дојдеш пред другите можеш да си најдеш нешто од некоја друга соба, дали полица, маса, столче, што ти треба. Јас најдов нов кревет од соба во која уште немаше никој. Мојот беше искршен па морав да најдам друг.

Светлана и Зуле: Лани бевме во стан и беше поглупо. Немаш друштво. Слушнавме дека е катастрофа во Стив па отидовме во стан, ама повеќе се дружевме тука, па дури и во читалната тука доаѓавме да учиме. И оваа година се преселивме тука.

Христијан: Во собата сме тројца цимери ама во секој момент има барем уште 7-8 души. Работиме 22 саата дневно: спортска, карти, имаме и телевизор. Понекогаш одиме и на факултет, чат – пат. Некогаш не спиеме цела вечер па директно одиме на факултет, а спиеме кога ќе се вратиме.

Мице: Пет години сум во Стив и со цимерите супер до сега сем во еден случај кога седев со женски, со цимерки. Спиев со девојка ми во ист кревет во женска соба и затоа со цимерки. И не ми оставија добар впечаток, не се слагавме. Лошо одржуваа хигиена во собата. Јас повеќе се ангажирав од нив. И се женски муабети, за шминки, за кармини, главата тапан ми беше.

Јован: Првата година, една вечер си седиме со цимерот кога почна некој да вика во ходникот. Се скараа едни комшии, цимери беа. Па почнаа да се гаѓаат со столови, па со тегли ајвар и на крајот извадија ножеви и се бркаа низ ходникот. А ние останавме во собата, страв ни беше да излеземе. После дојдоа таму, ги смирија и ги разделија.

Александар: Многу ‘рчат цимерите во Стив. Јас имам двајца цимери и двајцата хрчат. Ќе престане едниот таман да заспијам ќе почне другиот. Што вика едно дете, каква среќа имав оваа година сите три цимера ми хрчат. А ако се случи во некој момент ниеден да не хрчи тогаш се слуша некој од кај комшиите како хрчи.

Борче и Сашко: Запознаваш нови луѓе, шириш нови пријателства.

Анета: Лани за Божиќ останавме сами со цимерката. Немаше никој во Стив. Кршевме паричка и сé падна кај цимерката.

Зоран: Стив ти е како цел живот. Тој што ќе успее тука ќе има многу повеќе успех и искуство него ли некој друг што седел во стан. И не е како што некој други го претставуваат од страна – мизерија, тука ќе фатиш болести. Тоа нема врска, нема врска! Има примери и за одлични студенти. Викаат немало услови за учење?! И тоа нема врска! На пријателов тука цимерот има 9,4 просек на биохемија, а седи у Стив.

Елеонора: Ние што седиме во бараките имаме бањи и тушеви на 100 метра од тука. Внатре се бањаат и машки и женски. Еден ден си се бањам јас и случајно погледнувам нагоре и гледам типот од соседната бања се качил на чешмата и ме ѕирка од горе. Една минута се гледаме така, јас незнам што да кажам. И наеднаш почнав да викам, да пцујам и типот се исплаши, скокна од чешмата, испадна надвор и избега.

Ангел: Некој ми ги одлепува рекламните плакати многу често. Изгледа имам конкуренција, сигурно има уште некој фризер во Стив.

Дарко: Има една добра традиција да се направи нешто, да се изведе некоја глупост за роденден место поклон. Така еднаш еден добар другар го бевме киднапирале за роденден. На излегување му ставивме селотејп на уста, вреќа на глава, па во кола. Го тепавме, го малтретиравме, што не му правевме. Кога го извадивме рече дека ова му е најдобриот роденден до сега. Се беше документирано.

Сања: Многу ми е убаво во Стив, кога ке го напуштам ќе ми биде многу тешко… Едни од најубавите денови од мојот живот ги поминав овде каде што ја запознав и мојата прва љубов.....

Роберт: Четврта година сум тука во Стив. Откако го донесов сајзерот лани повеќе женски имам фатено, повеќе се палат.

Слични содржини

Активизам / Фотографија / Уметност
Активизам / Фотографија / Свет / Уметност / Око
Фотографија / Уметност
Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Фотографија / Уметност
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Фотографија / Живот / Уметност
Фотографија / Уметност

ОкоБоли главаВицФото