#MeToo - Кавга која се исплати!

08.10.2018 23:45
#MeToo - Кавга која се исплати!

На почетокот постоеше само сомнеж. Кога прилозите #MeToo од моите пријателки, колешки и неброени, мене непознати жени, минатиот октомври ја преплавија мојата коресподенција - понекогаш со искуства од полово злоставување и насилство, а понекогаш и без тоа - бев согласна со тој хор на засегнати жени. #MeToo се прошири низ 85 земји и само првиот ден беше споменат на Твитер 200.000 пати. И покрај тоа, тогаш не бев сигурна дали од тој хаштаг ќе се развие нешто повеќе од краткотрајна кампања на социјалните мрежи и колку долго ќе живее тој бран на запрепастување поради мачо-културата во Холивуд.

Се разви во многу повеќе од тоа! Во колкава мера се прошири свеста за сексизмот и структуралните злоупотреби во овие дванаесет месеци по случајот со Харви Вајнстин, се разликува од земја до земја и тоа секој го доживува на свој начин. Но, едно е јасно: крајот на расправата уште не може да се насети.

„Зошто отпосле?“

Пред две недели корисничките на Твитер започнаа ново издание на #MeToo и под хаштагот #WhyIDidNtReport пишуваат зошто веднаш не го пријавиле злоставувањето, а често не се ни довериле никому. Оваа недела телевизиската легенда Бил Козби, во својата 81. година, ги отслужува своите први денови од повеќегодишната затворска казна поради сексуално напаѓање, додека во САД внимателно се следат обвинувањата за злоупотреба на три жени против кандидатот на американскиот претседател за Врховен суд на земјата, Брет Кавано.

Во Германија овој понеделник со работа започна Службата за проверка обвинувања за полово злоставување и насилство, настаната во широкиот сојуз на филмски, телевизиски и театарски работници. И во Кина дебатата неодамна доби залет, додека признанието на една млада жена од Судан во емисијата „ДВ Шабабток“ во нејзината татковина предизвика закани со насилство и повици за бојкот. Во јануари се планира „Женски марш“ во целиот свет.

Случајот Кавано: проверка на реалноста

Системот се ниша, границите на она што молчешкум се прифаќало, осетно се поместуваат. Сепак, токму случајот Кавано покажува уште колку многу труд е потребен за да се стигне до длабоки општествени промени.

За многу жени претставува јавна шлаканица тоа што американските Републиканци во Комисијата за правосудство дигнаа рака за Кавано, а без дури и да ги проверат обвинувањата против него. Зашто, тоа може само да значи дека на најврвните политичари во Вашингтон воопшто не им е јасно, или пак им е сеедно, каква порака со тоа испраќаат до жртвите на сексуално злоставување.

Немојте да се залажувате со илузии: ќе биде потребно повеќе од една година за исправање на проблематичните разлики во моќта и нормите на социјален соживот, кои за многумина се сѐ уште комотни или дури им овозможуваат предност. Доследна солидарност на сензибилизираната јавност со жртвите може да го забрза тој процес. Тука не може паушално да се одредат ни улогите на мажи и жени, што го покажува и случајот со Азија Арџенто, активистка на #MeToo, која и самата е соочена со обвинување за злоупотреба.

Се исплаќа...

Сепак, според актуелно истражување на британската организација за женски права „The Fawcet Society", мнозинството мажи од 18 до 34 години тврди дека од почетокот на кампањата #MeToo, повеќе се ангажира против полова злоупотреба.

Уште поважен е постојаниот дијалог. Рефлексните стравови на поединци од меѓусебна борба меѓу половите, од лов на вештерки меѓу познатите лица и наводни забрани и за невин флерт, јавени во почетокот, јасно ја покажуваат сложеноста на дебатата и повеќеслојноста на неправдата.

Ако не сакаме секнување на импулсите #MeToo во 2019. година, мораме и натаму да разговараме за тоа, па и да се караме: на кујнската маса и на работното место, на Твитер и во јавниот превоз. И настрана од половите и генерациски граници, настрана од разликите во приходите, секторите и политичките гледишта. Тоа од сите учесници бара многу трпение, како при слушањето, така и при објаснувањето. Но, изминатата година покажа дека тоа се исплаќа.

Извор: DW