Префрлање на одговорноста - изложба на Сашо Станојковиќ

09.10.2018 02:03
Префрлање на одговорноста  - изложба на Сашо Станојковиќ

Центарот за современи уметности - Скопје ја најавува изложбата насловена „Префрлање на одговорноста“ на Сашо Станојковиќ.
Изложбата ќе биде отворена на 10 октомври, со почеток во 19 часот во Мобилна/монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата.

Изложбата Префрлање на одговорноста претставува колоритна и дискурзивна архива на остатоците од Шарената револуција (Македонија, 2016). Таа е резултат на долгогодишниот истражувачки проект Делиберативно културно наследство на уметникот Сашо Станојковиќ што ќе продолжи и по отворањето на изложбава.

Во рамките на овој проект Станојковиќ уште во 2016 година поднесе официјален Предлог – барање (Петиција) за прогласување за културно наследство на остатоците од колоритните интервенции врз спомениците од проектот СК 2014 и други објекти (изведени во текот на протестите наречени Шарена револуција). Барањето со кое уметникот посочи на парадоксите околу дефинирањето на културното наследство во Македонија беше доставено до релевантните и компетентни институции: НУ Конзерваторски центар-Скопје, Управа за заштита на културно наследство на Република Македонија, Град Скопје, оддел за култура и До Градоначалникот на општина Центар. На изложбата ќе биде презентирана претежно едностраната преписка со нереспонзивните институции што продолжи и по промената на власта. Имено, институциите најчесто избегнуваа да одговорат на Предлог-барањето за прогласување за културно наследство на колоритните интервенции врз спомениците и објектите од проектот СК 2014 или ја префрлаа одговорноста за прогласувањето за културно наследство на спомнатите објекти врз други сродни институции.

На изложбата ќе биде изложен само еден дел од архивата што е составена од медиумските одгласи на Шарената револуција и од фото-документација на единствените видливи колоритни интервенции што демонстрантите ги нанесоа врз некои објекти, а кои што останаа неизбришани од претходната власт. Според истражувањето на уметникот трагите од овие исклучително ретки и важни изливи на граѓанската волја се сè уште видливи само на фасадите на девет објекти и еден споменик во центарот на Скопје. Така тие претставуваат еден вид загрозени мултинационални и мултикултурни споменици на будењето на граѓанската свест за потребата од почитување на еднаквите права на сите граѓани.

Во рамките на изложбата ќе биде прикажано и партиципативното видео Што остана од Шарената револуција.

Видеото беше снимено точно на двегодишнината од почетокот на Шарената револиција (на 12 април 2018) во внатрешноста на Порта Македонија - еден од објектите на владиниот проект СК 2014. Имено фактот што овој објект беше официјално прогласен за национален споменик на културното наследство (ех леге) во 2013 - само една година по завршувањето, беше и првичниот повод за целиот проект и за изложбава на Станојковиќ. Во видеото десетмина учесници на протестите меѓу кои политички активисти, културни работници, уметници и други граѓани од различни генерации, етницитети, род и сексуална ориентација одговараат на прашањето: Што остана од Шарената револуција? Тие потсетуваат на солидарноста што се воспостави меѓу припадниците на различните етнички заедници, партии и интересни групи во текот на протестите и воедно упатуваат на опасноста сеќавањата на овој исклучителен блесок на колективна свест наскоро да избледат од колективната меморија, како што впрочем боите веќе бледеат од фасадите.

Изложбата беше поддржана од: Министерството за култура на Р.М., Град Скопје и НУБ Св. Климент Охридски.