Клима: колку повеќе се менуваат работите...

09.10.2018 13:36
Клима: колку повеќе се менуваат работите...

Пред триесет години потенцијално разорното влијание на емисијата на гасови од согорувањето на фосилните горива, кои предизвикуваат прегревање на Земјината атмосфера, како и судбината на прашумите станаа ударни вести.

Беше потребен цел век собирање научни докази и голема промена во начинот на перцепција за такво нешто да се случи. И, навистина, Сванте Арениус, шведски научник што 1896 година прв го проценил обемот на загревање од општо присутното согорување на јагленот, главно го видел ова како благодат, како за земјоделството, така и за „изедначена и попосакувана клима, особено кога се работи за постудените подрачја на Земјата“.

Низ децениите имало спорадични новинарски написи, меѓу кои имало и извонредно јасна статија во Њујорк тајмс од 1956 година, која соопштува дека акумулацијата на емисијата гасови со ефект на стаклена градина ќе предизвика долготрајни еколошки промени. Во заклучокот на статијата се предвидува сето тоа што стана главна пречка во решавањето на проблемот со штетните емисии: изобилството од фосилни горива. „Јагленот и нафтата и натаму ги има во изобилство. Во многу делови на светот се евтини, а нема сомнеж дека индустријата ќе го користи и едното и другото сѐ додека ѝ биде исплатливо.“

Меѓудржавниот панел за климатските промени е воспоставен кон крајот на 1988 година, откако мноштво фактори го поттурна ефектот на стаклена градина во прв план. Таа година во Соединетите Држави имаше големи горештини проследени со силна суша, а огромните пожари ги уништија амазонските прашуми и Националниот парк Јелоустоун. Планот за решение е оформен само една година пред тоа, кога државите во светот го усвоија протоколот од Монтреал, кој ги утврдува мерките што имаат цел да отстранат определени вештачки соединенија што ја загрозуваат заштитната озонска обвивка во атмосферата.

Моментот што ја направи ситуацијата кристално јасна се случува на 23 јуни при обесхрабрувачкото сведочење пред американскиот Сенат. Климатологот Џемс Хансен, кој своето внимание го преориентира од проучувањето на топлите услови на Венера на Земјината атмосфера, која се менува под влијание на луѓето, без заобиколување заклучува дека „ефектот на стаклена градина е откриен и токму сега ја менува нашата клима“.

Моето новинарско патување заради запознавање на науката за климатските промени, влијанието на тие промени и изборите на енергетски извори поврзани со нив почна подоцна истиот тој месец во Торонто, на првата Светска конференција за атмосферските промени. Тоа не ни престана, извивајќи се од Северниот Пол до Белата куќа, од лабораториите за развој на соларната енергија и базените за складирање искористено гориво во нуклеарните електрани до Ватикан. Некои работи се променија, ама главните проблеми во голема мера останаа приближно истите оние на кои другите новинари и јас наидовме во 1988 година.

Во октомври таа година мојата насловна приказна за списанието Discover се занимаваше со заканувачката поплава во Мајами, со потенцијално посилната сила на ураганот, со предвидувањето на растот на кинеската емисија на гасови, со ранливоста на калифорниската снежна покривка и, следствено на тоа, со нејзината снабденост со вода за пиење и слични теми. Исто така, ја опишав и вознемирувачката несигурност на предвидувањата во поглед на загревањето, што остана присутно и денес. Завршив со наведување на Мајкл Мекелрој, тогашен и сегашен професор на Универзитетот Харвард: „Доколку одбереме да се соочиме со овој предизвик, би можеле значајно да ја забавиме брзината на промените, што би ни дало време да развиеме механизми што би можеле да ја сведат на најмала мера штетата нанесена на луѓето и екосистемите. Алтернативата би била да замижиме, да се надеваме на најдоброто и да ја платиме цената кога ќе биде испратена сметката.

Тоа предупредување веројатно звучи познато. Научници, активисти што се занимаваат со климатските проблеми и загрижени политичари уште оттогаш даваат слични изјави. Нивните предупредувања не го запираат растот на емисиите на гасови.

Многу нешта се случуваат во врска со технологијата со обновливите извори на енергија. Наглиот развој на системите на соларен погон и на погон на ветер, како и развојот на перформансите на батериите за осветлување што работат и кога сонцето ќе зајде и ветрот ќе се смири. Но, повеќе од 85 проценти од луѓето и натаму веруваат во фосилните горива кога се работи за задоволување на нивната глад за енергија. Иако сиромаштијата опаѓа, растечката побарувачка за енергија од фосилни горива ја поништува користа од енергетската ефикасност и обновливата енергија. Во Соединетите Држави и во поголемиот дел на Европа нискоемисиската нуклеарна енергија е во повлекување зашто заедниците, присеќавајќи се на некогашните сензационалистички написи, вршат притисок остарените постројки да се затворат, а високите трошоци ја попречуваат изградбата на нови.

Со што се објаснува непостоењето на одлучен напредок во решавањето на проблемот со климатските промени предизвикани од човечки фактор?

Дали можеме да ги именуваме главните виновници? Постојат речиси исто онолку теории и мети колку што има и нивни заговорници. Меѓу нив е: недостигот од основни средства за истражување (често сум бил во таков табор), влијанието на индустријата врз политиката, малото медиумско известување и намерното сеење сомнеж, што го прават оние што инвестирале во фосилни горива или се противеле на државната интервенција. Тука е и „непогодниот ум“ – мојот опис за мноштвото човечки особини што се покажуваат во однесувањето и во општествените обрасци што одат спротивно од доведувањето на климатските промени во ред.

Со години мислев дека одговорот е сличен на разрешувањето во романот на Агата Кристи, „Убиство во Ориент Експрес“: дека сите осомничени се криви. Можеби климатските промени се помалку еколошка грешка што треба да се поправи, а повеќе надоаѓачки збир од ризици – случајот со енергетското пречекорување на планетарно ниво, кој, барем засега, ја надминува нашата способност да го обуздаме нашето големо влијание. Во текст од 2009 година, објавен под наслов „Планетарниот пубертет“, се поигрувам со оваа мисла, сугерирајќи дека нашиот вид поминува низ турбулентна промена од адолесценција во зрелост, опирајќи им се на опомените дека треба да порасне – сосе фосилните горива, кои играат улога на тестостерон.

Меѓутоа, ситуацијата е уште позаплеткана. Колку повеќе известував од неосветлените кениски сиромашни квартови и индиските села каде што луѓето готват на нелегален ќумур или на собрани гранчиња, стануваше појасно дека не постои единствено „ние“ кога се работи за енергијата, како ни во поглед на ранливоста пред климатските ризици. Богатите „ние“ можат да си го дозволат преминот на чиста енергија и да ја смалат ранливоста пред горештините, поплавите и уште многу работи. Остатокот од човештвото сѐ уште се бори да ја оствари основната економска корист што ја имаме од согорувањето на фосилните горива.

Истражувањето на низа научници и учени луѓе го поткрепува еден обесхрабрувачки заклучок: климатските промени не наликуваат на ниеден еколошки проблем со кој сме се соочувале досега. Не можеме да ги „поправиме“ на начин на кој почнавме да го поправаме присуството на смогот или озонската дупка, со ограничени прописи и договори и оскудни технолошки промени. Климатските промени се преголеми просторно, временски и според сложеноста. Емисиите што ги предизвикуваат се, и тоа како, главна последица за напорот на околу 7,5 милијарди сегашни луѓе, а околу десет милијарди за неколку децении, да остварат успех на Земјата.

Вистинскиот обем на тоа што се случува на Земјата се истакнува само кога растот на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина се разгледува паралелно со другите мерки на човечката активност. Научниот извештај од 2015 година под наслов „Големо забрзување“ содржи планетерна контролна табла со графикони во кои се внесени знаци на човечка активност, од исчезнувањето на тропските шуми, преку производството на хартија, до потрошувачката на вода. Повеќето од нив имаат иста форма како кривата што ја покажува емисијата на јаглерод диоксидот. Загадувањето и влијанијата на климата, така гледано, се симптоми на една поширока состојба: на геолошкиот момент со кој доминира човечкото присуство на Земјата, а кој сѐ повеќе го оправдува својот назив: антропоцен.

Адам Френк, астрофизичар од Универзитетот Рочестер, почна да врши проценки на можните исходи за нашата планета како последица на различните сценарија.

Иако математичките модели се доста едноставни, се појавуваат три јасни сценарија, кои Френк ги опишува во својата нова книга „Светлината на ѕвездите“. Првото сценарио е „меко приземјување“, според кое цивилизацијата со својата планета лесно стигнува во нова, стабилна состојба. Второто е „изумирање“, според кое животните услови на планетата деградираат, а бројот на жители нагло опаѓа, ама човештвото сепак опстанува.

А тука е и третото сценарио: „пропаст“. „Бројот на жители расте, планетата се прегрева и во некој момент бројот на жители паѓа на нула“, вели Френк. „Наидовме дури и на такви решенија каде што пропаста би можела да се случи откако населението го заменило енергетскиот извор со високо влијание – а тоа се фосилните горива – со некој извор со ниско влијание, да речеме соларниот.“

Од Френковата меѓупланетарна перспектива станува јасно дека климатската криза е нешто навистина поголемо од еден голем предизвик, како што е борбата против ракот или сиромаштијата, на што луѓето работат цел живот, дури и повеќе генерации луѓе, со итност здружена со трпение. Промената на перспективата е загрижувачка, ама и ослободувачка: таа подразбира дека секој што има мотивација и истрајност може да придонесе – како наставник или инженер, уметник или инвеститор, или едноставно како ангажиран граѓанин на планетата.

Додека ѕирка во вселената за да ѝ ги процени шансите на Земјата, Френк се враќа на појдовната точка на Џемс Хансен – неговото рано истражување за нашата супертопла сосетка Венера. На почетокот на оваа година го прашав Френк како ја гледа иднината на Земјата:

Френк мисли дека за каква било биосфера што развива индустриска цивилизација на планетарно ниво веројатно би било тешко да го избегне големото разорување. „Прашање е колку често цивилизацијата минува низ транзиција за од неа да излезе како сѐ уште важен дел од сега веќе изменетата биосфера.“

Тоа е прашање за Земјата, вели Френк: Дали го имаме тоа што ни е потребно? Се надевам, а погодувам дека доста брзо ќе го востановиме.“

Силата на климатските промени

За да објасни како огромноста на климатските промени му влијае на нашето поимање, Тим Мортон од Универзитетот Рајс наведува сцена од серијалот „Војна на ѕвездите“, конкретно од филмот „Империјата го возвраќа ударот“, каде што Милениумскиот сокол влетува во „пештерата“, а всушност во челуста на џиновскиот црв. Таков е животот со климатските промени, вели тој: „Зашто овој црв е ‘сеприсутен’ во вашето видно поле, така што не можете да го разликувате од астероидот на кој мислите дека сте слетале. Некое време можете да се лажете дека не сте завршиле внатре во џиновскиот црв – сѐ додека не почне да ве вари“.


Извор: National Geographic

Фотографии: National Geographic