Фудбалот ќе го спаси светот

23.09.2010 14:52
Фудбалот ќе го спаси светот

Во Бразил, на плажата Копакабана, оваа година ќе се одржи осмото Светско првенство во фудбал за бездомници. На ова необично натпреварување се очекува учество на 64 нации.

Кон крајот на 2001 г. на Меѓународната конференција за улични весници во Кејптаун, Мел Јанг, соосновачот на The Big Issue, и Харолд Шмидт, уредник на Megafone, дојдоа до замислата за организирање Светско првенство во фудбал за бездомници. Две години подоцна во Грац, Австрија, беше одржан првиот турнир на кој учествуваа 18 репрезентации. Следната година, од 141 фудбалер, веќе 31 од нив имаа постојана работа.

Целта на Светското првенство за бездомници е остварување поинакво општествено влијание на маргинализираните групи и свртување на вниманието на проблемот со сиромаштијата во светот, како и промовирање на позитивното влијание на фудбалот како колективна игра. Кај учесниците се создава чувство на припадност, потреба и нужност од тимска игра. Луѓето кои се исклучени од животот во заедницата добиваат нова перспектива и градат нови, поздрави ставови за животот и самопочитта.

„Кога играм фудбал не размислувам за своите проблеми. Ја учам својата екипа да се однесува спортски и да им покаже на сите колку сме добри. Ако победиме, мислам дека тоа ќе биде најсреќниот ден во мојот живот“, вели Стив Кромвел, водачот на холандскиот тим, кој порано бил успешен фудбалер на „Спарта“ од Ротердам. Преку овој тим Кромвел заздравува од последиците на наркоманијата која го чинела кариерата, целиот приватен живот и која го исфрлила на улица.

Со секоја измината година успесите и влијанието на овој турнир се сè поголеми, а со самото тоа се зголемува и бројот на оние чиј квалитет на живот се менува по турнирот. Многу охрабрува податокот дека кај дури 71% од учесниците квалитетот на животот по турнирот се променил на подобро – улицата ја менуваат за постојана работа, се решаваат за понатамошно образовање, се откажуваат од дотогашните пороци и активно продолжуваат да се занимаваат со спорт.

„Целта на ова првенство е да им го сврти вниманието на луѓето на општата сиромаштија, посебно на луѓето кои немаат дом. Резултатите се одлични и фудбалот се покажа како одличен начин за поврзување на луѓето“, вели Мел Јанг, еден од идејните творци на турнирот.

На првенството, покрај стандардната шампионска титула се доделуваат и низа други награди: за фер игра, „Златна копачка“ за најдобриот стрелец, за најдостоинствен тим, за најдобар мешовит тим, за најдобар машки, но и женски играч. Физичката подготвеност или претходното искуство се најмалку битни услови за учество. Се игра т.н. „уличен фудбал“, сè попопуларната варијанта на фудбалот во светот: агресивна игра со брзо темпо, а во тимот можат да играат мажи и жени постари од 16 години. Играчите мораат да бидат бездомници, а единствен извор за нивните приходи претставува продавањето весници на улица, односно мораат да бидат дел од Street-paper мрежата.

Street-paper мрежата, односно меѓународната мрежа на улични весници, настана со цел намалување на сиромаштијата и економско зајакнување на бездомниците. Мрежата опфаќа повеќе од сто улични весници во над 40 земји, а исто така поддржува и нови проекти во земјите во развој. Преку уличните весници на бездомниците им се пружа единствена можност за вработување и вклучување во социјалните програми. Од 1994 г., кога беше основана, до денес Мрежата им помогнала на над 250 000 луѓе, со посебен акцент на оние од неразвиениот дел од светот.

Светското првенство во фудбал за бездомници ужива несебична поддршка од организации како УЕФА и ОН, спортски компании, фудбалски клубови, но и фудбалски ѕвезди како Дидие Дрогба и Риј Фердинанд.

Во време кога спортот, а посебно фудбалот, сè повеќе станува бизнис, добро е да се потсетиме колкава е силата на спортот и колкави можат да бидат радоста и енергијата што тој ни ги дава.

Мал историјат на турнирот

Инаку, второто првенство се одржа 2004 г. во Гетеборг, Шведска. Тогаш настапија 29 тима и титулата светски првак ја доби Италија, победувајќи го шампионот од првиот турнир, Австрија. Во 2005 град-домаќин беше Единбург од Шкотска. Овој турнир делумно беше засенет поради нехуманата одлука на британската влада која одби да им издаде визи на некои африкански тимови под изговорот дека немаат доволно пари за престој во земјата. Оваа одлука на британските власти дојде само десет дена по самитот на лидерите на Г8 кој беше посветен на намалувањето на сиромаштијата во Африка. Следната година турнирот се одржа во Кејптаун и на него учествуваа 48 тима. Шампион беше екипата на Русија. Шампиони во 2007 г. во Копенхаген беа репрезентативците на Шкотска, а 2008 во Мелбурн беше тимот на Аввганистан. Во 2009 г. во Милано, Италија, светски прваци беа Украинците.

Охрабрувачка статистика

Шест месеци по првенството во Копенхаген, извршените истражувања покажаа дека 93% од учесниците или 354 од вкупно 381 играч стекнале нов мотив за животна промена на подобро. Дури 83% од играчите ги зголемиле контактите со заедницата, а 29% од нив се вработиле по турнирот. Охрабрува и податокот дека 32% од нив се решиле за понатамошно образовање, а дури 71% и понатаму продолжиле активно да се занимаваат со фудбал. Проблемот на зависности од алкохол и дроги го решиле 118 играчи – бидејќи фудбалот го спасил нивниот свет!

Извор: liceulice

Има еден романски

Има еден романски документарен филм кој се вика Австралија. Имав можност да го гледам пред 2 години на еден филмски фестивал. Станува за збор романската репрезентација на бездомници која оди на светското фудбалско првенство во Австралија. Умрев од смеење додека го гледав. Романците имаат исти менталитет како нашиот, дури се и бетар од нас во однос на многу работи. Не сакам да ви откријам што се се случува во филмот ама верувајте ми, вреди да се гледа.

Слични содржини

Општество / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Свет / Спорт
Општество / Балкан / Спорт
Општество / Спорт

ОкоБоли главаВицФото