„Вистина, лаги и лајкови“ – главна тема на вториот Истражувачки филмски фестивал Скопје

10.10.2018 00:43
„Вистина, лаги и лајкови“ – главна тема на вториот Истражувачки филмски фестивал Скопје

Второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје ќе се одржи од 25 до 27 октомври во Кино Култура. Главна тема на настанот ќе биде „Вистината, лагите и лајковите“.

„Ако порано лагата шеташе половина свет, а вистината уште ги облекуваше чевлите, денес технологијата ѝ дава инстант-билет на лагата до секоја точка на Земјата, додека вистината уште се бори да игра по старите правила во новата дигитална ера. Заедно со низа позитивни аспекти и безброј можности онлајн-сферата донесе и феномени, како лажните вести, отворено поле за политичка пропаганда, манипулации, спинови и уште полесно наметнување на разните агенди од центрите на моќ. Борбата за јавниот интерес и потрагата по вистината како главна мисија на новинарството стануваат сè потешки“, наведуваaт од организаторот на фестивалот, Платформата за истражувачко новинарство и анализи и партнерите ФЕС – Скопје.

Второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје ја разгледува вечната борба за превласт меѓу вистината и лагата, која кулминира во дигиталниот 21 век.

Програмата почнува со Џејн Литвиненко од BuzzFeed News, со која ќе се бараат начините за дознавање на вистината и справување во дигиталниот универзум преку проверка на фактите.

Првиот фестивалски ден го носи и истражувачкиот документарец на британската телевизија Channel 4, Inside Facebook: Secrets of the Social Network овозможувајќи редок увид зад кулисите на социјалната мрежа во светот на модераторите што одлучуваат меѓу цензура и слобода на говор на омраза.

На второто издание на ИФФС првпат има и претставник од „Гугл“, Даниел Жаса, од нивната програма Google News Lab, кој ќе ги претстави можностите што најновите дигитални алатки им ги нудат на современите новинари. Новинарската лабораторија на „Гугл“ е тим што е дел од Google News Initiative, чија мисија е да соработува со новинарите и медиумските претприемачи за да придонесе во иновацијата во новинарството.

Годинава ИФФС ќе пречека и тројца врвни истражувачки новинари од Германија, Анете Довидајт од Welt, Фолкер Штајнхоф од најстариот истражувачки ТВ-магазин „Панорама“, и Оливер Шром, главен уредник на CORRECT!V, со кои ќе се води разговор за предизвиците со кои се соочува истражувачкото новинарство во Германија, како и опасноста од ширење лажни вести и дезинформации во Европа.

Со истражувачкиот новинар Карло Бонини од италијанскиот весник „Ла Република“ и Мат Сарнецки, продуцент од The Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP), ќе се разгледува сериозниот ризик што ги следи новинарите во секоја нова потрага по вистината и се разговара за безбедноста на новинарите во Европа. Бонини и Сарнецки ќе ги претстават документарните филмови „Дафне“ за убиството на новинарката од Малта, Дафне Каруана Галиција и „Убивајќи го Павел“, посветен на проблематичната полициска истрага за убиството на белорускиот новинар Павел Шеремет.

Годинава ИФФС ја носи и успешната приказна на хрватскиот портал Lupiga, каде што новинарите Ивор Цар и Ладислав Томичиќ ќе говорат за успехот на нивната crowdfunding-кампања, во која успеаја да соберат повеќе од 42.000 долари од своите читатели како финансиска поддршка за понатамошно независно функционирање на нивниот медиум.

Вториот фестивалски ден е македонски ден – посветен на медиумите и новинарството во Македонија и предизвиците на домашен терен. Настанот ќе се обиде да продре во актуелното прашање за власта и пиарот на социјалните мрежи, каде што новинари и медиумски личности ќе дискутираат со претставник од владиниот пиар. Ќе бидат разгледани задачите што им претстојат на новите генерации истражувачки новинари кај нас и ќе се разговара со помлади, но и поискусни познати новинари од Македонија, кои секојдневно работат на доближување на вистината до граѓаните.

Покрај документарците на СКУП и „Кадар“, ќе биде прикажана и велшката бајка Fake News Fairytale на лондонската режисерка Кејт Стоунхил. Од домашната платформа за кратки видеа „Види Вака“ ќе раскажат како во една минута да ја освоите публиката на социјалните мрежи.

Влезот за сите настани ќе биде бесплатен, а целосната програма и сите детали за настаните на ИФФС2 ќе бидат објавени набргу.

Партнери на ПИНА во организација на фестивалот се Friedrich-Ebert-Stiftung Skopje Office, со чија поддршка се реализираат настаните во трите фестивалски дена. Сите најнови детали за фестивалот може да ги следите на веб-страниците www.pina.mk и www.iffs.mk, како и на страниците на Фејсбук, Твитер и на Инстаграм.


 

ОкоБоли главаВицФото