Протестот како чин на верба

11.10.2018 01:48
Протестот како чин на верба

Додека Сенатот ја разгледуваше номинацијата на Брет Кавано за судија на Врховниот суд, обезбедувањето од салата извлекуваше десетици луѓе. Сенатот веројатно не памети поголема мешаница на некое сослушување. Еден месец подоцна, за време на гласањето за номинацијата, во Вашингтон се собраа илјадници демонстранти, повеќето жени. Кордони полиција ја опколија зградата на Капитол за да ги спречат демонстрантите да дојдат поблиску. Многумина учесници на протестот допатуваа со автобус од Њујорк и со авион од Калифорнија. Една од нив, за среќа, штотуку објави книга за тоа како да го разбереме овој настан.

При крајот на нејзината книга „Како да се чита протестот: уметноста на организирање и отпор“, ветеранката на протестирањето, Л.А. Кауфман спомнува еден „збунет текст“ во кој новинарот се мачи да ја фати смислата на разидинетото движење без водач, кое на неочекувани начини влијае врз американската политика. Нејзината книга е всушност одговор на таа збунетост. Книгата е тенка, заправо проширен есеј во два дела: во првиот се занимава со деталите на историјата на првиот Марш на Вашингтон во 1963 година; вториот дел е фокусиран на последното издание, Маршот на жените во 2017 година и движењето што го иницираше тој марш. Во меѓувреме, Кауфман тврди дека масовните мобилизации на луѓе, претежно во форма на марш на Вашингтон, станале спрецифичен жанр на протести во САД. Меѓутоа, маршевите на жените остануваат посебен феномен.

Маршот на Вашингтон од 1963 –та година, беше на секој начин, акција координирана од врвот. Условите на протестот биле предмет на грижливи преговори со многу нервозната администрација на Белата куќа. Преговорите ги воделе десетмина мажи актвисти задолжени за маршот. На учесниците им биле дадени инструкции да носат транспаренти кои биле исклучиво претходно подготвени од организаторите; строго се спроведувала забраната за своерачно изработени пораки.

Маршот кулминирал со собирањето и обраќањето на говорниците според утврден список. Додека Мартин Лутер Кинг стигнал на ред со својот говор за сонот, повеќетео луѓе веќе биле разотидени. Нивната задача била да маршираат, а потоа да стојат и да слушаат. „Пасивноста беше составен дел од планот за маршот на Вашингтон“, пишува Кауфман. „Учесниците беа мобилизирани како тела, а не како гласови“. Во тоа време, забележува авторката, самото присуство на црни тела „таму кадешто не им е местото, било да седат во кафеана за белци или да блокираат улица, беше доволно јасна порака“.

Во сите важни аспекти, женските маршеви одржани во текот на 2017 година се разликуваат од своите претходници од 1963 –тата година: тие се децентрализирани, ги осмислиле жени на терен со цел на учесниците да им овозможат прилика да се сретнат лице в лице, да ги разменат своите креативни пораки и на светот да му упатат своја заедничка порака.

„Тешко е да присетуваш на стравот и немоќта кои ги обзедоа многумина Американци, по изборите во 2016 година“, пишува Кауфман.

„Доживеавме тешка несреќа: местото на претседателот го зазеде расистички, мизоген, авторитативен кловн и тоа не благодарение на гласовите на мнозинството граѓани, туку заради фактори кои отворија сериозни прашања за легитимноста на нашите избори. Но, првите реакции беа изненадувачки скромни и пригушени“. Маршевите организирани ширум земјата на 21 јануари 2017 година го окончаа тој период на нем шок: „Директното, телесно искуство на масовното собирање и заедничката акција...ја разби клетвата на стравот и тишината“.

Протестите не се одвиваат секогаш онака како што многу Американци интуитивно очекуваат. Масовните маршеви, тврди авторката, не се покажаа како ефикасна тактика за притисок. Од антивоеното движење во 1960 –тите години до собирите во име на правото на абортус во 1980-тите и 90-тите години и демонстрацииите против војната во Ирак, на кои Кауфман била една од клучните организаторки, маршевите „помагаат несогласувањето да се одржи живо и видливо, но кога станува збор за промена на политиката, ефектот е безначаен“. Општествените движења ги користат маршевите за да го зачуваат почетниот импулс и да го потврдат својот идентитет, но до позначајни промени се доаѓа со други средства.

Од друга страна, смета Кауфман, понекогаш и само еден протестен настан може да предизвика значајни последици. Како доказ, таа ги наведува резултатите на академската студија која го следела развојот на организациите во рамките на конзервативното движење Чајанка на разлини места, поврзувајќи ја нивната масовност и влијание врз локалната средина со успехот на почетните акции на Чајанката на Денот на даноците во 2009 година (инаку тие главно зависеле од временските прилики). Корелацијата помеѓу првобитното собирање и силата на локалните организации била доволно јака да го поддржи тврдењето што го изнесува Кауфман дека „текот на развојот на само еден протест може пресудно да влијае врз обликот и силата на движењето кое настанува од тој протест“.

Женските маршеви од 2017 година не само што го вообиличија и го поттикнаа општественото движење; тие всушност го создадоа. „Движењата често создавале масовни маршеви, но овојпат, непредвидливо и величенствено, масовните маршеви создадоа движење“, пишува Кауфман. По една година од настанувањето „секој марш на жените од јануари 2017 година, зад себе остави барем 10 локални групи на отпор, вкупно околу 6 илјади.

Тоа е далеку повеќе од некои 800 – 1000 локални фракции колку што имаше Чајанката на врвот од своето дејствување“. Овие групи се ангажираат околу локалните избори, но и околу прашања како имиграцијата, климатските промени, сексуалните напади и вознемирувања, контрола на оружјето и расизмот. Локалните мрежи и ги донесоа луѓето во Вашингтон за сослушувањето за номинацијата на Кавано; нив може да им се заблагодариме за единствениот зрак надеж во текот на тоа искушение, кога две жени застанаа пред сенаторот Џеф Флејк во лифтот што изгледа го наведе да побара истрага на ФБИ за обвиненијата против Кавано за сексуален напад.

Минатата недела, додека Сенатот се подготвуваше да го изгласа Кавано, Кауфман беше на протестот во Вашингтон, бидејќи како што пишува:

„Дејството на протестот честопати не може да се забележи во моментот додека се одвива. Неговите ефекти понекогаш се суптилни, распослани на различни страни и посредни. Некогаш сте осудени на пораз и протестот тогаш е само излив на фрустрација. Но, понекогаш историскиот лaк се закривува кон правдата и предизвикува магичен неочекуван момент на победа. Протестот секогаш е чин на верба, обложување на невидено дека една акција ќе предизвика други акции, дека инспирацијата ќе тргне по непредвидливи патишта, дека храбриот исчекор ќе покрене нови сили, дека правдата ќе победи.

Најтешкиот предизвик на општествените движења можеби е тоа како да се сочува надежта која им е неопходна на луѓето за да продолжат да дејствуваат. Затоа понекогаш најдоследен чин на масовниот протест е токму промената во самите учесници, кога ќе ја вкусат колективната сила што им е потребна да останат во својата борба“.

Извор: The New Yorker

 

ОкоБоли главаВицФото