Мизерно чудо

11.10.2018 02:56
Мизерно чудо

Анри Мишо издаде три книги меѓу 1956. и 1959. кои се однесуваат на неговото искуство со мескалин . Тој исто така ни приложи вознемирувачка низа цртежи – повеќето црно бели, неколку во боја – изработени кратко по секое негово искуство. Неговата проза, неговите поеми, и неговите цртежи се блиско поврзани, зашто секој медиум на изразување ги поткрепува и просветлува другите. Цртежите не се само илустрации на текстовите. Сликите на Мишо никогаш не биле само прилог кон неговата поезија: двете се воедно автономни и надополнувачки светови.

Во случајот на „искуството на мескалин,“ линиите и зборовите сочинуваат целина која е речиси невозможно да се раздели во деловите кои ја сочинуваат. Формите, идеите и сензациите се преплетуваат како да се едно, зашеметувачки размножено битие. До некаде, цртежите, иако се далеку од илустрации на пишаниот збор, тие се некој вид на коментар. Ритамот и движењето на линиите се свесни за некој вид на невообичаена музичка нотација, само што не се соочуваме со метод на снимање на звук, туку со вители, расцепи, испреплетувања на сушност. Засеци во кората на времето, нешто меѓу идеограм и магичниот знак, црти и форми „повеќе опипливи отколку читливи,“ овие цртежи се критика на поетското и сликовно пишување, имено, на ниво над знакот и сликата, нешто што се издига над зборови и линии.

Сликањето и поезијата се јазици кои Мишо ги користи во обид да искаже нешто што е неискажливо. Прво бил поет, а почнал да слика кога сфатил дека овој нов медиум можеби ќе му овозможи да го каже тоа што сфатил дека е невозможно да го каже во поезијата. Но дали станува збор за изразување? Можеби Мишо никогаш не намерил да искаже нешто. Цел негов труд е насочен кон достигнување на таа зона, по дефиниција неопислива и необјаснива, во која значењата исчезнуваат. Центар кој е воедно целосно празен и целосно полн, тотален вакуум и тотална целост. Знакот и означеното – растојанието меѓу предметот и свеста која го поима – испаруваат, соочени со преплавувачка присутност, единственото нешто што постои. Опусот на Мишо – неговите поеми, неговите вистински и замислени патувања, неговите слики – е експедиција која талка околу некои од нашите бесконечности – најтајните, најстравотните, и напати најодвратните – во бескрајна потрага по другата бесконечност.

Мишо патува преку неговите јазици: линии, зборови, бои, тишини, ритами. И не се колеба да го скрши грбот на некој збор, како што коњаникот не се колеба да бодне коњот. За да пристигне: каде? Кај ништото што е тука, таму и секаде. Јазикот како возило, но и јазикот како нож и рударска ламба. Како каутер и завој, јазик како магла и сирена сред маглата. Копач кој удира в камен и искра во мракот. Зборовите повторно стануваат алатки, продолжение на раката, на окото, на мислата. Неуметнички јазик. Зборови кои сечат, засекуваат, доведени до нивната најнепосредна и мигновна функција: да се исчисти пат. Нивната употреба е сепак парадоксална, зашто не се употребени да овозможат комуникација, туку се впрегнати во служба на неискажливото. Извонредната тензија на јазикот на Мишо произлегува од фактот дека тој е несомнено корисен алат, но единствената улога му е да соголи нешто што е сосем бескорисно по својата природа: состојбата на незнаење која е над знаење, мислата што повеќе не мисли зашто е обединета самата со себе, целосна транспарентност, неподвижен вртлог.

Мизерно чудо почнува со оваа фраза: „Оваа книга е истражување. Преку зборови, знаци, цртежи. Мескалин, предметот на истражување.“ Кога ја прочитав последната страница, се запрашав дали резултатот на експериментот можеби бил сосема спротивен: поетот Мишо истражен од мескалин. Истражување или средба? Најверојатно второто. Физичка средба со дрогата, со земјотресот, со катаклизмата на битието, потресено до темел од внатрешниот свој непријател – непријател кој е едно исто со нашето интимно битие, непријател кој не се разликува и не се дели од нас.

Средба со мескалин: средба со самите себе, со познатото-непознато. Двојноста која го носи нашето лице и маската. Лицето кое постепено се разнебитува и трансформира во огромна исмејувачка гримаса. Ѓаволот. Кловнот. Ова нешто кое не сум. Ова нешто кое сум. Маченикотворлив призрак. А кога се појавува повторно моето лице, нема никој таму. И јас сум се напуштил себеси. Простор, простор, чиста вибрација. Голем дар од божествата, мескалинот е прозорец низ кој гледаме во бескрајни растојанија каде ништо не ни паѓа во око освен нашиот поглед. Нема Јас: има простор, вибрација, постојана анимација. Битки, ужаси, вознеси, паника, сладост: Мишо е или мескалинот? Сè е таму кај Мишо, во претходните негови книги. Мескалинот е потврда. Мескалин: сведоштво. Поетот го видел внатрешниот простор во надворешниот простор. Промената од внатре кон надвор – надвор кое е само по себе внатрешност, срцето на реалноста. Ужасен, непоимлив спектакл. Мишо можеби би рекол: Си го оставив животот зад себе за да ѕирнам во животот.

Сè започнува со вибрација. Неосетно движење кое се забрзува секоја минута. Ветар, долг пискотен свиреж, ураган кој камшикува, порој од лица, форми, линии. Сè паѓа, шика, се воздига, исчезнува, се појавува. Испарување и кондензација кои зашеметуваат. Меури, уште меури, камчиња, мали камења. Камени гребени од гас. Линии кои се вкрстуваат, реки кои се соединуваат, бескрајни раздвојувања, меандри, делти, пустини кои одат, пустини кои летаат. Дезинтеграции, аглутинации, фрагментации, реконструирање. Скршени зборови, копулација на слогови, размножување на значења. Уништување на јазикот. Мескалинот владее низ тишина – и вреска, вреска без уста и паѓаме во неговата тишина! Враќање кон вибрации, нуркање во разбранетоста. Повторувања: мескалинот е „машина за бесконечност.“ Хетерогеност, постојана ерупција на фрагменти, честички, парчиња. Вилни низи. Ништо не е фиксирано.

Лавини, кралството на небројни броеви, клето умножување. Гангренозен простор, канцерогено време. Зар нема центар? Пребиени од виорот на мескалинот, вшмукани во апстрактниот вртлог, модерниот Западњак нема баш за ништо да се фати. Ги заборавил имињата, Бог веќе не се вика Бог. Астеците или Тарахумарите требале само да го изустат името, и присутноста веднаш се спуштала, во сите свои бескрајни пројави. Единство и плуралност за древните. За нас, кои немаме богови: Расцветување и Време. Ги изгубивме имињата. Сето што ни останува е „причина и последица, претходници и консеквенции.“ Простор кој изобилува со тривијалности. Хетерогеноста е повторување, безоблична маса. Мизерно чудо.

Првото искуство на Мишо со мескалин завршува со откритието на „машината за бесконечност.“ Бескрајната појава на бои, ритами и форми на крајот се чини една воодушевувачка, апсурдна поплава од евтини дрангулии. Ние сме милионери со огромни азна панаѓурско ѓубре.

Втората низа експерименти (L’infini turbulent) предизвикала неочекувани реакции и визии. Сведоштво на постојани физиолошки празнења и немилосрдна психичка напнатост. Делење на пола. Истражувањето на мескалинот, како голем пожар или земјотрес, било опустошувачко; тоа што останало цело било суштинското, тоа што, поради својата бескрајна слабост, е бескрајно силно. Како да ја именуваме оваа способност? Дали е всушност способност, сила, или недостиг на сила, целосна беспомошност на еден човек? Сè ми се чини дека е второто. Оваа беспомошност е нашата сила. Во последниот момент, кога ништо не останува во нас – кога сепството е изгубено, идентитетот е изгубен – се случува фузија, фузија со нешто туѓо за нас што сепак е наше, единственото нешто што всушност е наше. Празната јама, дупката која сме ние се полни до претекување, и повторно станува оаза. Кога сушата е најтешка, прошикува вода.

Можеби има точка каде битието на човекот и битието на универзумот се среќаваат. Освен ова, ништо позитивно: дупка, амбис, турбулентна бесконечност. Напуштеност, оттуѓеност, но не лудило. Лудаците се затворени во своето лудило, што е заправо онтолошка грешка: земајќи го делот за целото. На пола пат меѓу луцидност и лудост, визијата која Мишо ја опишува е целосна: созерцување на демонското и божественото – нема начин да ги заобиколиме зборовиве – како неделива реалност, врховна реалност. На човекот или универзумот? Не знам. Можеби на човекот-универзум. Човекот пробиен, освоен од универзумот.

Демонската фаза од експериментот е пред сè откритие на натчовечки еротизам – и затоа е бескрајно перверзна. Психичко силување, гнасно отворање и продолжување и изложување на најтајните делови од битието. Воопшто не е сексуална. Бескрајно сензуален универзум, од кој исчезнале човечкото тело и човечкото лице. Не е „триумф на материја“ или на кожата, туку визија на обратната страна на духот.

Апстрактен разврат: „Растворање – соодветен збор кој веднаш го сфатив. Сладост во станување течност.“ Искушение, во буквална смисла на зборот, како што велат сите мистици (Христијански, Будистички, Арапски). Сепак признавам дека воопшто не го разбирам пасусов. Можеби причината за чувството на одвратност кај Мишо не бил толку контактот со Ерос колку што била визијата за збунливоста на космосот, имено, откритието на чистиот хаос. Видливата утроба, обратната страна на присутноста; хаосот е исконското нешто, првичниот неред, а исто и универзалната матка. Слично чувство осетив, но многу помалку интензивно, во тешкото лето во Индија, за време на мојата прва посета во 1952 г. Еднаш штом паднав во збивтаната челуст, универзумот ми се чинеше како огромно, многубројно размножување. Наеднаш го наѕрев значењето на архитектурата на Конарак и еротскиот аскетизам. Визијата за хаосот е еден вид на ритуално капење, регенерација преку потопување во првичниот извор, враќање кон „животот претходно.“ Примитивни племиња, раните Грци, Кинезите, Таоистите, и други народи не се плашеле од оваа воодушевувачка средба. Западното гледиште е необмислено. Морално е. Моралот, големиот изолатор, големиот сепаратор, го дели човекот на пола. Да се вратиме кон единството на визијата значи да ги обединиме телото, духот, и светот. На крајот на експериментот, Мишо се присетува на дел од тантричка поема:

Недостапен кон оплодување,
Ужива во сите радости,
Допира сè како ветрот,
Сè го продира како етер,
Сечистиот јогин
Се капе во сетечната река.
Ужива во сите радости и ништо не го валка.

Божествената визија – неразделива од демонската визија, зашто двете се откритија на единство – започнала со „појавата на божествата.“ Илјадници, стотици илјади, еден по друг, во бескрајна низа, бесконечност на блажени лица, хоризонт на добродушни присуства. Дивење и благодарност. Но пред тоа: изливи на белина. Белина на секаде, ѕвонлива, сјајна. И светлина, мориња светлина. Потоа, божествените ликови исчезнале но спокојната, прекрасна каскада на битие не секнала. Восхит: „се држам до божествената совршеност во последователноста на Битието низ времето, последователност која е толку прекрасна – толку прекрасна што губам свест – толку прекрасна што, како што вели Махабхарата, самите бози станале љубоморни и дошле да и се восхитуваат.“ Доверба, вера (во што? само вера), чувството дека пловиш со совршеноста која тече постојано (а сепак не тече), секогаш идентична самата со себе. Миг се раѓа, се возвишува, се отвора, исчезнува, и се раѓа друг миг и се возвишува. Една среќа по друга. Патувањето е враќање: пуштање, одучување, одење дома кон раѓањето. Кога ги читав овие страници на Мишо, се сетив на претколумбиски предмет кој ми го покажа сликарот Пален пред некоја година: коцка кварц со ликот на стариот збрчкан бог Тлалок врежан на неа. Отиде до прозор и ја изложи на светлина:

Допрен од светлина
Кварцот е наеднаш каскада.
Богот леунче плови на водата.

Невизија: надвор од актуелност, историја, цели, калкулации, омраза, љубов, „над расплет и копнеж кон расплет, над претпочитања,“ поетот патува назад кон повторливо раѓање и ја слуша „бескрајната поема, без рими, без музика, без зборови, која Универзумот бесконечно ја рецитира.“ Искуството е учество во бесконечноста на такт и ритам. Зборовите вода, музика, светлина, ширум отворен простор, во одек и повторен одек, неизбежно ни доаѓаат на врв на јазик. Сепството исчезнува, но нема друго сепство да го окупира празниот простор. Нема бог туку божествено. Нема вера, туку исконското чувство кое ја издржува сета вера, сета надеж. Нема лице туку безлично битие, битието на сите лица. Мир во кратерот на вулканот, повторно обединување на човекот – тоа што останало од човекот – со целосното присуство.

Пред да крене котва кон неговиот експеримент, Мишо пишал: „Намерувам да ја истражам медиокритетната состојба на човекот.“ Вториот дел од оваа реченица – реченица која се однесува, можам да додадам, на целиот опус на Мишо и на кој било друг голем уметник – испаднал очигледно погрешен. Истражувањето покажало дека човекот не е медиокритетно суштество. Дел од себеси – заѕидан дел, затскриен од самиот почеток на почетокот – е отворен кон бесконечното. Таканаречената состојба на човекот е точка на вкрстување со други сили. Можеби нашата состојба и не е само човечка.

Слики: Ѓорѓе Јовановиќ

Анри Мишо (1899-1984) е роден во Намир, Белгија, син на адвокат, а образован во језуитско училиште во Брисел. Размислувал да се насочи кон попство, се свртел кон медицината, а потоа целосно го напуштил училиштето и се пријавил како огнар во француската трговска морнарица. Патувањата на Мишо, низ Америките, Азија и Африка, ги инспирирале неговите две први книги, исклучителните патописи Еквадор и Варвар во Азија [подоцна преведена на шпански од Хорхе Луис Борхес]. Откако се доселил во Париз, Мишо почнал да пишува и да слика, и неговите дела, особено прозните поеми кои ги раскажуваат чудните и многу смешни непогодици на ликот кој го нарекол Монсје Плум, го привлекле вниманието и фалбата на други писатели, меѓу нив и Андре Жид. Во 1948 г. умира жена му на Мишо откако случајно ја запалува својата ноќница; уништен, Мишо се посветил сè повеќе на своите впечатливи калиграфски цртежи со мастило. Исто така почнал да зема мескалин редовно, запишувајќи ги своите длабоко дезориентирани, често трауматични искуства во низа непоколебливи текстови, започнувајќи со Мизерно чудо. Иако бил прославен во Франција и низ светот за неговите достигнувања како писател и уметник, Мишо ја задржал аверзијата кон публицитет и јавни почести низ неговиот живот, а во 1965 ја одбил француската Grand Prix National des Lettres. Долго време, единствената фотографија од него која дозволил да циркулира во јавност е од неговата десна рака која држи пенкало врз лист хартија на хаотично биро.

Октавио Паз (1914-1998) е роден во Мексико Сити, и неговиот исклучително зафатен и плодотворен живот го однел од граѓанската војна во Шпанија до надреален Париз, од универзитети во Сад до Мексиканската амбасада во Њу Делхи, каде служел како амбасадор шест години пред да даде оставка, протестирајќи го сузбивањето на студентските протести од страна на неговата влада на Олимписките игри во 1968. Паз, извонреден поет, исто така е автор на многу есеи и студија за мексиканскиот идентитет, Лавиринтот на самотија, како и основач и уредник на две важни списанија, Plural и Vuelta. Октавио Паз ја добил Нобеловата награда за литература во 1990 г.

 

 

Слични содржини

Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Општество / Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото