Сè повеќе жени во Европа гласаат за радикално десни партии

12.10.2018 00:30
Сè повеќе жени во Европа гласаат за радикално десни партии

Марин Ле Пен

Повеќето луѓе се склони да го замислуваат прототипниот следбеник на германското радикално десно движење ПЕГИДА и десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) како бесен бел маж. Но, според новата студија на фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС), тоа не е сосема точно. Извештајот, во кој се испитани гласачите и гласачките на десно-популистичките партии во Германија, Франција, Грција, Полска, Шведска и Унгарија, покажа дека жените сè почесто се насочуваат кон десничарските популистички партии.

Што ги прави овие партии привлечни за жените?

Десно-популистичките партии вообичаено пропагираат анахронистичка слика за женственоста. Меѓутоа, тоа не запре околу 17 проценти од жените во источна Германија да го дадат својот глас за АфД на парламентарните избори во 2017 година; осум проценти од жените во западна Германија го направија истото. Во Полска, за владејачкјата партија од десницата Право и правада (ПиС) на изборите во 2015 година гласаа повеќе жени отколку мажи.

Значи, што ги прави овие партии толку привлечни за жените? Елиса Гутше, која ја уредуваше студијата на ФЕС, рече дека многу десничарски популистички партии опфатени во извештајот настојуваат да ги соберат женските гласови ветувајќи дека ќе го зајакнат системот за социјална заштита.

„Партиите велат дека ќе ја зголемат исплатата на детските надоместоци и ќе воведат дополнителни мерки за промовирање на семејствата“, рече Гутше. Полската партија ПиС, на пример, ја започна иницијативата Family 500+ која на семејствата со две деца им гарантира месечна исплата од околу 120 евра по дете додека децата не наполнат 18 години.

Беата Шидло

Понатаму, германскиот АфД ја истакнува „културата за добредојде на децата“ – спротивино на познатата германска „култура на добредојде“ кон бегалците. Значителен број жени одлучија да ја поддржат партијата токму од страв за својата иднина и можно рушење на пензискиот систем. Значи, социјалните прашања се еден од главните мотиви кои ги поттикнуваат жените да ги поддржат десните популисти.

Привид на рамноправност на половите

Истражувачите и истражувачките од ФЕС исто така ја проучувале улогата на политичарките во европските десно-популистички партии. Откриле дека во тие организации има само неколку жени, а повеќето од нивните парламентарни преставници се мажи. На пример, во германскиот парламентарен клуб на АфД има 92 места, а има само 10 жени. Меѓутоа, многу десно-популистички партии имаат истакнати женски фигури во своето раководство, на пример потпретседателката на парламентарната група на АфД, Алис Вајдел, претседателката на Национален фронт Марин Ле Пен и поранешната премиерка на Полска и членка на ПиС, Беата Шидло.

„Овие жени се таму за на партиите да им дадат поотворен, помодерен изглед и да ги привлечат женските гласачи“, објасни Гутше. „Тоа не се прогресивни партии, нема реална рамноправност на половите“.

Изненадувачки моќни ксенофобни уверувања

Исто така, извештајот нагласува дека токму жените се понаклонети кон прифаќање на моќните ксенофобни и исламофобни уверувања од мажите. „Тој наод ме изненади најмногу“, изјави Гутше. Во патријархално општество жените постојано се соочуваат со пречки, рече. Поверојатно е да имаат лошо платени работни места и изложени се на поголем ризик од сиромаштија во староста. „Мислам дека жените чувствуваат дека се на пониските рангови од општеството и дека притоа се натпреваруваат против бегалците и мигрантите“, рече Гутше. Според нејзиното мислење тоа исто така придонесува за објаснувањето на женската поддршка за десно-популистичките партии.

Алис Вајдел, уредничката на студијата на фондацијата Фридрих Еберт

Феминистичкиот одговор

Резултатите од студијата исто така порачуваат дека голем дел од феминистичките реакции на десниот-популизам се фрагментарни и дека им недостасува поширока општествена и економска димензија.

Гутше во студијата особено ја истакна неадекватноста на постоечките законски решенија кои се ориентирани само на постигнување еднаквост на пазарот и воспоставување рамнотежа помеѓу деловниот и приватниот живот. Таквите политики едноставно го поддржуваат интегрирањето на жените на пазарот на трудот, но не ги решаваат нивните структурални проблеми. Интеграцијата на пазарот претпоставува прекарна егзистенција, слабо платено привремено вработување, недостаток на детски градинки и слично – ситуација во која жените, но и мажите, се изложени на голем притисок и голема несигурност.

„Затоа, феминистките и феминистите и социјалдемократските партии треба да се вратат кон социјалните прашања и да посветуваат внимание на класните односи. Ако не го направат тоа тогаш само ќе учествуваат во подготовка на теренот за десничарските популисти“, рече Гутше.

Извор: https://www.dw.com