1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
На 12 октомври (петок) во галеријата на Младинскиот културен центар во 20 часот ќе биде отворена изложбата на која ќе биде презентиран целиот процес на изработка на графичката новела „Хашиш“ од Ѓорѓе Јовановиќ, по текст на Анри Мишо, како и селекција на цртежи, развојните фази на книгата, неколку решенија за корицата и фонтот што специјално е изработен за оваа графичка новела.
Графичката новела „Хашиш" е седма книга од стрип едицијата „Лифт" на издавачката куќа Темплум.
Анри Мишо е еден од најуникатните творци во 20-иот век. Пишувал поезија, проза, патеписи, а долги години се занимавал и со сликарство. Преокупација на Мишо е „внатрешниот свет" на човечките сништа и кошмари. Во еден период од неговото творештво користел дроги, особено мескалин, за да достигне состојба на поголема чувствителност што би влијаела врз неговата уметност.
Мишо им припаѓа на групата уметници кои ги уривале конвенциите во литература. Неговиот свет е полн со страв, вознемиреност и отуѓување. Тој создава надреални слики кои произлегуваат од впечатливата моќ на имагинацијата, и често се исполнети со апсурден хумор.
„Битно за мене беше тоа да не биде ‘сува’ илустрација на текстот туку поттик да го пресоздадам низ моја визура. Светот во графичката новела 'Хашиш'' изобилува со ситуации кои претставуваат голем предизивик да бидат преточени во слика или графичка новела. Предизвик е и фактот што текстот нема класична наративна линија туку претставува збир од фрагменти-записи или дневник што Мишо го водел додека експериментирал со хашишот. Таквата фрагментирана структура ми даде голем простор за ‘маневрирање’"- вели Ѓорѓе Јовановиќ, визуелен уметник од Скопје.
Изданието е помогнато од Фондацијата Отворено општество - Македонија и Хопс -Опции за здрав живот, Скопје.
Цртежи: Ѓорѓе Јовановиќ (од книгата „Хашиш“; Темплум, 2018)
Овде бесплатно можете да ги разгледате првите дваесетина страница од новелата.