Промоција на Мало фолио за театар

12.10.2018 11:54
Промоција на Мало фолио за театар

На 12 октомври (петок) 2018 година, во Малата сала на Центарот за култура во Битола, со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Мало фолио за театар“ од проф. д-р Иван Додовски.

Промотори на изданието се: Владимир Милчин, режисер, и Иван Јерчиќ, актер и директор на Народниот театар од Битола. Специјална гостинка на промоцијата ќе биде актерката Јоана Поповска, доајенка на македонското глумиште. Настанот ќе го модерира Искра Гешоска, културолог.

„Мало фолио за театар“ од Иван Додовски содржи предговор, четири поглавја, прегледна театрографија и биографија на авторот, како и исцрпен индекс на имиња. Четирите поглавја се однесуваат на театарски критики, студии и осврти, записи од фестивали и интервјуа, кои авторот ги пишувал од 1993 година до денес. Собраните текстови, од кои некои за првпат се објавуваат во оваа книга, се однесуваат на најзначајните личности, појави и процеси во областа на драмата и театарот во независна Македонија, а меѓу нив особено за оние поврзани со градот Битола.

Рецензентите на оваа книга, проф. д-р Александар Стерјовски и д-р Љубиша Никодиновски-Биш, меѓу другото, истакнуваат:
„Книгата Мало фолио за театар од Иван Додовски е значајна публикација во која се собрани негови театарски критики, театролошки студии, осврти, записи од фестивали и интервјуа со врвни имиња од светот на театарот... Станува збор за редок опус создаван во последните 25 години. ... Речиси нема позначаен македонски режисер за чии претстави не пишувал Додовски. Особено внимание тој посветува на театарската продукција на Народниот театар од неговиот роден град – Битола, како и на претставите на театрите во Скопје. Едновремено, повеќепати ги следел и пишувал за театарските фестивали во Македонија, особено за „Млад отворен театар“ – МОТ, но и за други реномирани меѓународни фестивали, како „МЕСС“ во Сараево и „Хомо Новус“ во Рига, или за продукциите на театарските сцени во Лондон. ... Оваа публикација е важна и поради тоа што дава драгоцен придонес кон проучувањето на македонскиот театар и македонската култура воопшто, особено во периодот по осамостојувањето на Република Македонија. Мало фолио за тeатар е неодминлив извор за секоја идна историја на театарот“.
проф. д-р Александар Стерјовски

„Мало фолио за театар има висока културна, научна, педагошка и историска вредност. ... Додовски пишува студиозно, со знаење и искуство, со критички однос и убав јазик, со што може да се вброи меѓу значајните македонски театарски критичари. Неговата книга несомнено ќе даде значаен придонес во историја и развојот на современиот театар“.
д-р Љубиша Никодиновски-Биш

Проф. д-р Иван Додовски е роден во Битола, каде што завршил основно образование. Учел во Гимназијата „Ј. Б. Тито“ во Битола, а четвртата година ја завршил во САД. На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје студирал општа и компаративна книжевност со американски студии, а магистрирал во областа на македонската книжевност и наратологијата. Докторирал на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија. Тој е професор по критичка теорија, литература и културологија на Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС). Се афирмирал како поет, раскажувач, книжевен и театарски критичар, преведувач и научен истражувач. Досега објавил три поетски книги, збирка раскази и бројни научни трудови, а приредил и десетина значајни томови од областа на книжевната наука, културологијата и европските студии.

Oбемнатa театролошка студија „Мало фолио за театар“(358 стр., формат Б5) во голем дел се однесува на развојот на театарот во Битола и претставува капитален придонес во историјата на културата на градот Битола и на македонскиот театар и култура воопшто. Со оваа научна публикација се одбележува неговиот значаен јубилеј - 25 години театролошка работа - и со неа проф. д-р Иван Додовски на вистински начин го афирмира и му се оддолжува на својот роден град Битола.

 

ОкоБоли главаВицФото