Случајот „Викторија Маринова“- (зло)употребата на едно убиство.

13.10.2018 02:06
Случајот „Викторија Маринова“- (зло)употребата на едно убиство.

Ужасното убиство на 30-годишната новинарка Викторија Маринова ја потресе цела Бугарија. Во неколку градови во земјата беа одржани масовни бденија во нејзино сеќавање.
Истовремено, тоа ѕверско убиство, чиј извршител сѐ уште се открива, повторно покажа колку е поларизирано бугарското општество. Но, посочи и на уште еден факт: тоталниот распад на сите институции, што ја компромитира секоја теза во јавната сфера.

Фактите

Телото на Викторија Маринова е пронајдено во саботата крај Дунав. Извршителот на убиството и неговите мотиви се непознати. Според обдукцијата, смртта настапила како последица од удари по главата и задушување. Жртвата била и силувана. Според една верзија на полицијата се работи за кражба. Според друга, можно е убиството да е поврзано со новинарската работа на Маринова. Но, втората верзија е помалку веројатна.

Случајот стана главна вест и ширум светот- речиси и да нема западен медиум во кој не се споменува убиството на Маринова како трет таков случај во ЕУ. Насекаде таа е претставена како „истражувачки новинар“, што пак, не е сосема точно.

Што покажува биографијата на Маринова? Имала 30 години, и седумгодишно дете. До февруари годинава била сопруга на Свилен Максимов, бизнисмен и сопственик на интернет оператор и на телевизијата „Нетворкс Бугарија“, која е една од поголемите во регионот. Со други зборови, Максимов е сопственик на медиумот во кој Маринова е директор. Според информациите, двајцата останале во добри односи по разводот.

Во последното издание на емисијата „Детектор“ на Маринова, беа интервјуирани новинарите на „Бивол“, Димитар Стојанов и неговиот романски колега Атила Биро, кои претходно беа уапсени од полицијата додека истражувале корупција со користење на фондовите на ЕУ, а поврзано со компанијата „Џи Пи Груп“.

Во емисијата, Маринова само го најавува интервјуто кое го водел нејзин колега од телевизијата. Во таа смисла, таа е водител, но не и истражувачки новинар. И нејзиниот колега не е истражувачки новинар, туку направил интервју со такви новинари. Пред да ја започне емисијата „Детектор“, Маринова водела магазин за лајфстајл на истата телевизија.
Тоа, се разбира, не значи дека немала искуство или смелост, а уште помалку дека не била искрена. Значи само дека не била истражувачки новинар. Од друга страна треба да се потенцира дека Маринова била во раководството на една телевизија која е меѓу ретките кои им даваа гласност на истражувања како оние на „Бивол“. На бугарската медиумска сцена, тоа е ретка пројава на храброст.

Што се случи потоа?

Како што вообичаено се случува во Бугарија, шокантното убиство поларизираше до крајност две гледишта. Првото, дека новинарката била убиена поради својата работа. И втората, дека станала жртва на психички болно лице од блиската болница.

Зачудувачки притоа е дека фактите останаа во втор план, а во медиумите и на социјалните мрежи севозможни аналитичари, новинари и лидери на општественото мислење, компетентно заклучија што се случило, без притоа да ги земат предвид фактите. Застапниците на двете позиции прибегнаа кон манипулации. Едните категорично ја исклучуваат верзијата дека Маринова била убиена поради нејзината работа, и побрзаа за убиството да обвинуваат „цигани“ и „бегалци“. Други пак, ја преувеличуваат нејзината биографија, прогласувајќи ја за истражувачки новинар- тврдење кое нема ништо заедничко со фактите.

Западните медиуми, пак, кои се посвесни за степенот на медиумските слободи во Бугарија од нас самите, потрчаа да го поврзат случајот Маринова со фактот дека Бугарија се наоѓа на 111 место на листата според слободата на медиумите. Никој не се сети дека еден ден по убиството е прерано да се прават такви врски во инаку очајната состојба на бугарската медиумска сцена. Впрочем, таа неспособност е и дел од проблемот со медиумската слобода.

Заблудите за случајот

Притоа, случајот со новинарката од Русе за последен пат потврди неколку факти. Основниот меѓу нив е дека општеството не им верува на своите институции, а тоа во пракса значи и распад на државата. Втор, не помалку значаен факт е, дека самите новинари се склони да ги преувеличуваат или премолчуваат информациите, што е еднакво на заблуда. А секоја заблуда има цел. Последно, но не и најмалку важно, тие две компоненти го формираат мислењето за земјата во странство- Бугарија изгледа како територија во која е „нормално“ новинар да биде убиен поради својата работа. И како држава која нема капацитет сама да се справи со проблемите.

На крајот и уште нешто: злоупотребата на една смрт е исто толку опасна како и самото убиство. А премолчувањето или измислувањето на фактите од нечија биографија е како повторно убиство.

 Извор: DW

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Европа / Балкан / Свет
Општество / Европа / Балкан

ОкоБоли главаВицФото