„Силиконопис“ изложба на Љубиша Камењаров

13.10.2018 12:45
„Силиконопис“ изложба на Љубиша Камењаров

На 14 октомври (недела), во 19, 30 часот во Мобилна/монтажна галерија ќе биде отворена изложбата „Силиконопис“ на Љубиша Камењаров.

„Силиконопис“ раскажува за уметничките производи, и за уметностите воопшто, преку игра на зборови која го преразгледува современото живеење на луѓето, нивниот однос кон екраните - од (сега веќе тадиционалниот, па дури и старомоден) телевизор, преку компјутерот, лаптопот, таблетот и (особено) смартфонот - сите изникнати од „Силициумската Долина“. Со извесна доза на иронија и сатира кон постојаното поклонение пред иконостасите на новата владејачка мода - високата технологија, „Силиконопис“ се обидува да се избори со предрасудите и да потсети на човечките доблести.

„Ништо не се менува. Не вистински. Технолошкото ветување за неограничени можности (корнукопијата), која наводно ја нудат (овозможуваат!?) технолошките, социолошките и општествените случувања во 20 и 21-от век, се негира од истоста на човековата природа, завршува со безброј варијации на едно - исто. Тој што има, секогаш на оние коишто умеат, ќе им даде малку (како парчето баклава што султанот ќе им го даде на новите војници). Тие што умеат, секогаш ќе бидат (сведени на) енклава која ќе го врви својот горчлив пат, сè дур не почне да исчезнува како ајвар од Кочевје.
Или можеби не е така! Можеби сè што ни треба е да се потсетиме дека никогаш ништо не треба да сфаќаме премногу сериозно! Можеби само треба на работите да им се насмееме за...за сè!“, се вели во најавата за изложбата. 

Љубиша Камењаров, роден во Скопје 1978 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек вајарство 2004 година.
Од 2003 – 2014 има две самостојни, и е учесник е на голем број групни изложби, ликовни колонии и фестивали. Од 2005 – 2007 работи на изработка на сценографии за драмска и филмска продукција. Од 2007 – 2017 член на перформативната група Свирачиња. Во 2018 изложува самостојна скулптурална инсталација „Рамнотежист” во Мобилна/Монтажна галерија.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура, како дел од манифестацијата „Културен бран“.