Отровен коктел за светската економија

15.10.2018 00:43
Отровен коктел за светската економија

Суеверните би рекле дека се работи за лош знак: на индонезискиот остров Бали деновиве се среќаваат околу 20.000 луѓе кои сакаат да зборуваат за состојбата на светските финансиски пазари. И, токму на почетокот на Годишното собрание на Меѓународниот монетарен фонд и на Светската банка се затресе земјата. Од земјотресот никој не претрпе штети, но речиси никој не се сомнева дека светската економија би можела да трпи штети од опасната мешавина која се создаде во текот на изминатите месеци.

Проблеми колку сакаш

Практично истовремено со земјотресот почна да татни и вулканот во Вашингтон. „Мислам дека Фед побудалела“, затруби претседателот. Точно е дека тој се наоѓа во предизборен модус, но тоа едноставно не оди! Има доволно причини зошто Централната банка треба да остане независна во делувањето. Владите и претседателите треба да се воздржани, а не да се мешаат во монетарната политика. На Доналд Трамп му пречи зголемувањето на каматите од страна на Американската централна банка. Но, чуварите на доларот тоа не го прават од ќеф, или за да го налутат претседателот, туку трезвено гледаат на економските податоци и заклучуваат дека на американската економија ѝ се заканува прегревање. За да се спречи тоа, се зголемуваат каматите.

Но, доволно зборувавме за финансиско-политичкиот „креш-курс“ на Mr. President. Дека изјавите на Трамп ги турнале берзите надолу е само половична вистина. Зашто, во меѓувреме се имаат собрано многу непријатности за светската економија. Тука се трговскиот судир меѓу економските гиганти САД и Кина, економските кризи во важни земји во забрзан подем, како Аргентина, Бразил и Турција, кризата во Пакистан која може во страдање да однесе и други азиски земји, гигантската планина долгови кои ги има натрупано светот (182 илјади милијарди долари - може ли некој да си претстави колку е тоа?).Тука е и натаму нејасната ситуација околу излегувањето на Велика Британија од ЕУ, како и големите долгови на Италија, која е трета најголема економија во еврозоната.

Нема потреба од паника - засега!

Дефинитивно е прерано да се исцртува сценарио за пропаст на светот. Сѐ уште има стабилизирачки фактори. Тука е многу робустната американска економија. И за економиите во еврозоната во моментов не постои опасност од зараза со вирусот на криза. Но, мора добро да се внимава од каде доаѓаат опасностите. На американската економија ѝ е добро благодарение на мерките за стимулација, како даночни подароци, или поради веќе спомнатите протекционистички мерки, како казнените царини. Тоа, меѓутоа, го прави уште поголем ридот од долгови на САД, а од друга страна може да се смета и со тоа дека нишалото брзо ќе се врати во другата насока и дека американската економија набрзо ќе почне да страда поради контрамерките преземени од трговските партнери (при што „партнери“ и не е навистина точен опис).

Долговите се голема тема и во многу земји во развој и земји во забрзан подем. Аргентина, на пример, никогаш вистински не ја надмина кризата од 2001 година и успева само некако да се држи на површината. Со оглед на тоа што инвеститорите во меѓувреме своите пари повеќе сакаат да ги вложуваат во САД, затоа што таму добиваат повеќе, земјата сега е повторно во криза, со сите последици кои ги чувствуваат граѓаните - растечки цени, програми за штедење, загуба на работни места. Аргентина е во ѓаволски круг. Слична е ситуацијата и во Турција. Успешниот економски модел (креиран пред 15 години од тогашниот турски премиер Ердоган) сега се демонтира од страна на истиот Ердоган кој мутира во автократски претседател на државата.

Програми за штедење и губење работни места

Страдаат и земји во развој. На пример, Пакистан, кој премногу им се фрли околу вратот на Кинезите и нивниот гигантски Пат на свилата, па сега преживува катастрофа поради тоа што толку се има презадолжено за кинеските големи проекти, што мора да моли за кредити од ММФ во износ од милијарди долари. Ѓаволски круг, зашто и тоа значи - програми за штедење и губење работни места.

Ова не е првиот мини -крах годинава. Пазарите тоа го доживеаја уште во февруари, но по неколку дена сѐ се стабилизираше и работите повторно тргнаа по нагорна линија. Така би можело да биде и сега. Доколку кварталните резултати на американските компании бидат во извесна мера задоволителни, тоа ќе придонесе за смирување на состојбите. Така би можел да делува и пробив во преговорите за Брегзит наредната недела. Но, доколку сѐ повеќе земји влегуваат во кризен модус, тоа порано или подоцна може да стане опасно - на пример за силно извозно ориентираната германска економија. Значи, останува да биде возбудливо.

 Извор: DW