Интерву со Ноам Чомски

15.10.2018 00:16
Интерву со Ноам Чомски

Наскоро ќе наполни 90 години и штотуку го напушти МИТ (Масачусетскиот институт за технологија). Таму ја револуционализираше модерната лингвистика и стана критичка свест на Соединетите држави. Во име на културниот додаток на El Paiso, Babelia го посетивме големиот интелектуалец на неговата нова адреса во Аризона.

Ноам Чомски (Филаделфија, 1928) ги надмина сите бариери на тривијалноста. Тој не зборува за својот приватен живот, не користи мобилен телефон и во тешките периоди останал непоколеблив. Апсен е заради противење на војната во Виетнам, бил на црната листа на Ричард Никсон, го поддржал објавувањето на документите на Пентагон и ја осудил валканата војна на Роналд Реган. Во текот на изминатите 60 години водел многу битки. Подеднакво ги брани правата на Курдите и се бори против климатските промени. Ги поддржа протестите на движењето Окупирај и ги брани правата на илегалните мигранти. Како млад лингвист во педесеттите години од минатиот век го вчудоневидил светот со својата генеративна граматика. Во постојаниот ангажман секогаш одел напред соочувајќи се со демоните на капитализмот, без разлика дали тоа биле големите банки, воените конгломерати или Доналд Трамп. Во својата последна книга „Реквием за американскиот сон“ тој изнесува аргументи од истоимениот документарец и ја открива срамната концентрација на богатството и моќта во западните демократии. Резултатот е 168 страници Чомски во најчист облик.

Дали се сметате за радикален?

Сите се сметаме за умерени и разумни.

Но вие сте идеолошки јасно определени.

Оние кои треба да се оправдуваат се моќниците на власт. Секоја хиерархија е нелегитимна додека не го докаже спротивното. Понекогаш може да се оправда, но главно не. Тоа е анархизам.

После 60 години предавање на Масачусетскиот институт за технологија (МИТ), професорот дојде да живее на границата на пустината Сонора. Во Тусон, на повеќе од 4 000 километри од Бостон, пронајде нов дом на Катедрата за лингвистика на Универзитетот во Аризона. Тоа е една од ретките зелани точки во овој спржен град. Јасени, врби, палми и ореви растат околу зградите со црвени цигли од 1904 година. Внатре на ѕидовите висат слики од насмеани студенти, мапи за тоа каде се простираат автономните племиња, плакати од културни настани, а на крајот од еден ходник е собата на најголемиот жив лингвист.

Дали живееме во време на разочарувања?

Неолиберализмот кој пред 40 години го водеа Роналд Реган и Маргарет Тачер го нападна светот. И тоа имаше ефект. Акутната концентрација на богатството во приватни раце беше проследена со губење на моќта на општата популација. Луѓето сè помалку се застапени и водат несигурни животи со сè полоши работни места. Резултатот е мешавина на бес, страв и ескапизам. Повеќе не им се верува ни на фактите. Некои тоа го нарекуваат популизам, но во реалноста тоа е дискредитација на институциите.

Така ги добивме лажните вести?

Разочарувањето од институционалните структури доведе до точка во која луѓето веќе не им веруваат на фактите. Ако не верувате никому, зошто би им верувале на фактите? Ако никој не прави ништо за мене, зошто би верувал некому?

Дури ни на медиумите?

Повеќето им служат на интересите на Трамп.

Но има и мошне критични, како што се Њујорк Тајмс, Вашингтон пост, Си Ен Ен...

Погледнете ги телевизиите и насловните страни на весниците. Нема ништо друго освен Трамп, Трамп, Трамп. Медиумите наседнаа на стратегијата на Трамп. Тој секој ден им фрла по една лага за да се најде под рефлекторите и за да биде во центарот на вниманието. Во меѓувреме, дивата републиканска фракција ја развива својата политика на радикална десница, скратувајќи ги работничките права и напуштајќи ја борбата против климатските промени, а тоа може да нè докрајчи.

Дали го гледате Трамп како ризик за демократијата?

Тој е голема опасност. Свесно и намерно ги ослободи брановите расизам, ксенофобија и сексизам кои беа латентни, но никој пред него не ги легитимизираше.

Дали ќе победи повторно?

Можно е, ако успее да го одложи смртоносниот учинок на своите политики. Тој е комплетен демагог и шоумен кој знае како да ја одржи активна својата база обожаватели. Му оди во прилог и тоа што демократите се во конфузија и дека можеби нема да излезат со уверлива програма.

Дали сè уште го поддржувате демократскиот сенатор Берни Сандерс?

Тој е пристоен човек. Го користи терминот социјализам, но впрочем се залага за демократски њу дил. Неговите предлози не би му биле чудни на Ајзенхауер (американскиот претседател од Републиканската партија од 1953 до 1961 година). Успехот на Сандерс, повеќе од оној на Трамп, беше вистинско изненадување на изборите во 2016 година. За малку ќе станеше претседателски кандидат без поддршка од корпорациите и медиумите, само со поддршка од јавноста.

Дали го забележувате свртувањето кон десно во политичкиот спектар?

Тоа постои кај политичките елити, но не кај општата популација. Од осумдесеттите години на минатиот век дојде до раскол помеѓу она што го сакаат луѓето и јавните политики. Тоа добро се гледа преку примерот на даноците. Анкетите покажуваат дека повеќето луѓе сакаат поголеми даноци за богатите. Но тоа не се случува. Наспроти тоа се промовира идејата дека намалувањето на даноците носи предности за сите и дека државата е непријател. Но, кој има корист од намалување на давачките за патишта, болници, чиста вода и чист воздух?

Тогаш, дали неолиберализмот победи?

Неолиберализмот постои, но само за сиромашните. Слободниот пазар важи само за нив. Тоа е историјата на капитализмот. Класната борба ја почнаа големите корпорации, тие се автентични марксисти, но со обратни вредности. Принципите на слободниот пазар одлично се применуваат на сиромашните, но многу богатите се заштитени. Големите енергетски индустрии добиваат субвенции од неколку стотици милиони долари, финансиските институции добиваат масивна помош откако ќе пропаднат. Сите тие живеат на сигурно: тие се сметаат за преголеми за да можат да паднат и мораат да бидат спасени ако имаат проблеми. Најпосле, даноците служат за субвенционирање на овие ентитети, а со тоа и на богатите и моќните. Тогаш на населението му се вели дека државата е проблем и се намалува нејзиното подрачје на делување. И што се случува? Просторот на државата е окупиран од приватната моќ, а тиранијата на големите ентитети расте.

Ова што го опишувате звучи орвеловски.

Дури и Орвел би бил вчудоневиден. Живееме во фикција дека пазарот е прекрасен зашто ни зборуваат дека тој се состои од информирани потрошувачи кои донесуваат рационални одлуки. Но, само вклучете го телевизорот и погледнете ги рекламите: дали настојуваат да го известат потрошувачот кој ќе донесува рационални одлуки? Или само го заведуваат? Размислете, на пример, за рекламите за автомобилите. Дали тие нудат податоци за нивните карактеристики? Дали прикажуваат извештаи од независни експерти? Тоа би создало информирани потрошувачи способни за донесување рационални одлуки. Наместо тоа, она што го гледаме е летечки автомобил кој го вози познат глумец. Компаниите не сакаат слободни туку затворени пазари. Инаку ќе се срушат.

Дали одговорот на општеството е преслаб за овие предизвици?

Постојат многу активни јавни движења, но не им се посветува внимание зашто елитите не сакаат да се прифати фактот дека демократијата може да функционира. Тоа е опасно за нив. Тоа може да ја загрози нивната моќ. Најдобро е да се наметне визијата која ви вели дека државата е непријател и дека сте препуштени самите на себеси.

Трамп често го користи поимот анти-американизам, како го сфаќате тоа?

Во САД заради критикување на владата ве обвинуваат за анти-американизам. Дојде до воспоставување идеолошка контрола над општеството со помош на запаливиот патриотизам.

На некои места во Европа се случува истото.

Но не е слично со она што се случува тука. Нема ниедна земја со толку знамиња.

Се плашите од национализмот?

Зависи, ако тоа значи да се биде заинтересиран за вашата локална култура, тоа е добро. Но ако тоа е оружје против другите, знаеме каде може да води тоа, веќе видовме и го искусивме.

Дали мислите дека е можно да се повтори она што се случи во триесеттите години од минатиот век?

Ситуацијата се влоши; после изборот на Барак Обама започна расистичка реакција со огромна вируленција, со кампањи кои го негираа неговото државјанство и го идентификуваа црниот претседател како антихрист. Имаше многу манифестации на омразата. Меѓутоа, Соединетите држави не се Вајмарска република. Има причини за загриженост, но шансите да се повтори нешто такво се мошне мали.

На почетокот од вашата книга се присетувате на Големата депресија, времето кога „сè беше полошо од денес, но постоеше чувство дека ќе биде подобро“.

Добро се сеќавам. Моето семејство ѝ припаѓаше на работничката класа, беа невработени и без добро образование. Објективно, тоа беше многу полошо време од ова денес, но постоеше чувство дека сите заедно сме во тоа. Тогаш имавме претседател кој сочувствуваше со страдањето на луѓето, синдикатите беа организирани... Постоеше идејата дека заедно можеме да ја победиме кризата. Тоа чувство е изгубено. Сега ни се чини дека сме сами во безизлез, а дека државата е против нас.

Имате ли уште надеж?

Секако. Се уште постојат јавни движења, луѓе подготвени да се борат. Приликите се тука, прашање е само дали сме способни да ги искористиме.

Чомски завршува со насмевка. Се збогува со нас со својот длабок глас. Потоа заминува од канцеларијата, се спушта по скалите во факултетот и излегува во светлината на пустината Сонора.

Илустрации: David Rowe

Извор: https://elpais.com