Обично утро

15.10.2018 09:47
Светови

Светови

Свет на калливи војници на воена вежба,
свет на сопственици на портабл компјутери,
свет на болници и на болни...
Свет на собрани на нечиј погреб.
А меѓу сите тие светови мојот свет.
Зошто не го собира во неколку збора?

Свет на патници во првиот утрински автобус.
Истоштени курви по завршената работа,
полумртви работници одат на работа...
Една ноќ ќе го дочекам тој утрински автобус,
и кога ќе станам дел од тој свет,
и мојот сопствен ќе го собере во неколку збора.

 

Обично утро

Кога ќе ти дојде, слободно набројувај ги сите ситници
што ти го привлекуваат вниманието, што ги забележуваш...

На патот од дома до трафика, одам по цигари,
жена во шалвари, црвени чорапи, баричка вода,
пред зграда продавачката го мие излогот на книжарницата,
станиол, поминува трамвај, месари истовараат месо,
луѓе брзаат на работа, нашминкани жени брзаат
и попат јадат виршли, гулаби на тротоарот
и по покривите, лесен ветар нечујно ги мрда лисјата
на костените, сѐ гледам, сѐ гледам,
ги бројам камчињата втиснати во асфалтот...

Со весникот под мишка и цигарите в рака,
се враќам и пак нови нешта, нов распоред,
стопати по истиот пат минувам, секогаш нешто
ново ми го привлекува вниманието. Жената со шалвари во редот
за виршли, во напречната улица ископ,
нови телефонски линии, работниците појадуваат,
ископана глина, погодна за правење ќупови...

Градот утринава е чист, зеленило, жолто небо,
гулабите уште отсабајле испокутнати од горештината,
пред зграда жена продава крушки, во лифтот
светилката прегорела, горе во станот водата за кафето
сигурно веќе врие, убав ден, ја загризувам меката крушка,
полна е со вода и по кошулата ми капе сок...

Барем двајца

Секогаш сме барем двајца.
Така никогаш не ми е здодевно,
така никогаш не сум сам.

Легнувам да се одморам.
Во него цивкаат белите дробови,
а јас ништо не сеќавам.

Денес многу пушев.

Сето ова ти го кажувам
за да бидеш многу претпазлив,
да бидеш многу внимателен
кога пак ќе се сретнеме.
Зашто можеби нема да бидам оној
што го сретна минатиот пат.

 

Улица

Мангупите седат пред влез,
седат и пљуцкаат на тротоарот.
Испљуцканата бара е толкава
што во неа може да се удави целиот свет.

Мангупите не знаат за дојденците
што зад капијата од ковано железо
излегуваат од своите изнајмени соби
и се слеваат во центарот од сите страни.

Мангупите седат пред влез,
седат, пљуцкаат и знаат:
нигде ништо не се случува.

 

Анатема

Тоа утро,
кога ја отворивме вратата,
здогледавме пред куќа
бушаво, црно, полумртво куче.

Во истиот миг,
пред куќата помина човек
со црна шапка на глава
и контрабас под пазува.

Истото тоа утро,
се урна ластовичиното гнездо
над нашата врата.

Расцвета кактусот во градината.
Цветот беше преубав,
ама ширеше смрдеа на мрша.

Напладне чета војници
промаршира покрај куќата.

Ништо веќе не се случи,
ама од тој ден,
никој не ни влезе в куќи.

Извор: Not just anything, Treći trg, Beograd, 2009

Превод од српски: Еѓуп Скокотле

Слики: Paul Maguire

Слични содржини

Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото