Контраспин: Волјата на граѓаните навистина е јасна – сакаат во ЕУ и НАТО преку Преспа

16.10.2018 00:05
Контраспин: Волјата на граѓаните навистина е јасна – сакаат во ЕУ и НАТО преку Преспа

Референдумот беше консултативен, а единствена сигурна бројка е над 600 илјади „За“. Пратениците, пак, според Уставот имаат право самостојно да решат дали ќе ја прифатат консултацијата со оние што се изјаснија, што реално постојат или со оние за кои не знаат дали се во земјата и каков е нивниот став – „За“ или „Против“. Но, јасно е дека пратениците треба да се изјаснат самостојно и без какви било пристисоци.

ВМРО-ДПМНЕ издаде соопштение во врска со парламентарната процедура околу уставните измени во кое има извртена вистина, т.е спин:

Спин: 1,2 милиони граѓани на Република Македонија на 30-ти септември кажаа не за промена на името, идентитетот, јазикот и историјата, не за откажувањето од македонското малцинство во соседството. Граѓаните кажаа не на капитулантскиот договор од Преспа и распродажбата на државните и националните интереси со единствена цел, спас на политичката кариера на Зоран Заев.

Секој еден од пратениците се избрани од граѓаните, да ги претставуваат нив и нивната волја, а волјата на граѓаните е јасна, тие не го прифаќаат капитулантското дело наречено преспански договор.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб-страна, датум: 10.10.2018]

Контраспин: Недели по референдумот опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, сите нејзини високи претставници и поддржувачи, искажуваат една извртена вистина, т.е. невистина околу волјата на народот искажана на референдум, до тој степен што треба да се постави прашањето дали јавноста во Македонија живее во паралелен свет и реалност од оној на партијата?

Волјата на граѓаните, за ВМРО-ДПМНЕ е едно, за сиот друг свет, вклучувајќи ги и над 70-те претставници на граѓаните во Собранието, е сосема друго. Но, без оглед на оваа реалност, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со спинот за волјата на граѓаните и упорно тврди дека 1,2 милиони избирачи кажале гласно не на „капитулантскиот договор од Преспа“!?

И, бидејќи се упорни во давањето неточни изјави, во интерес на јавноста ќе мора да се повторат неколку работи.

КОЈ ЗНАЕ ДА ЧИТА МИСЛИ

ВМРО-ДПМНЕ би требало да објасни дали има доказ или индиции дека од тие што не излегле на гласање, тоа не го сториле зашто што се против Договорот од Преспа или поради други причини? Ако се земе предвид дека има граѓани кои апстинираат од какви било гласања, луѓе кои едноставно не биле заинтересирани да излезат, но тогаш причините не мора да бидат дека тие се против договорот.

Второ, од преостанатите неизлезени на референдумот, колку биле во состојба да излезат, а колку едноставно не можеле? Од сезонска работа во земјоделие, студенти кои не студираат во своето родно место, службени патувања во земјата или странство и друго.

Трето, колку од нив не излегле поради дезинформациите што им ги пласираше ВМРО-ДПМНЕ за фактите во Договорот од Преспа, односно што биле дезинформирани или малку информирани, за што секако вина носи и владејачката колиција?

Четврто, од тие што сакале да излезат, колку не излегле поради јавните и тајните закани кои одеа дури и до високи претставници на партијата после нивните настапи во медиумите, а по референдумот се преточија и во разрешувања од функции. Колку се таквите граѓани, да каже партијата. Колку, на пример, не излегле поради заканите дека сите што ќе излезат се предавници или поради тоа што можеби ги гледале ден пред гласањето срамните и јадните слики од притисоците врз македонските граѓани што сакаа да гласаат во Австралија?

ПРИСВОЈУВАЊЕ НЕПОСТОЕЧКИ ГЛАСОВИ

И така, аргументите може да се редат уште. Но, едно е сигурно. Никој нема право да ги брои тие што не излегле како потврда за своите политички ставови, односно дека сите се против Договорт од Преспа. Од друга страна, сепак, над 600 илјади гласачаи рекоа „За“ договорот. Не само што владејачката коалиција има право да ги толкува како волја на мнозинството (зашто референдумот и без оглед на немањето цензус е консултатитвен), туку опозициската партија нема никакво право да ги множи со нула, како да не постојат, како што тоа го стори неодамна Ѓорге Иванов.

Оттука доаѓаме до спинот насочен кон пратенциите, да не ги прифаќаат уставните измени, со образложение дека волјата на граѓаните била јасна. Да, точно така како што вели ВМРО-ДПМНЕ дека секој еден од пратениците „се избрани од граѓаните да ги претставуваат нив и нивната волја, а волјата на граѓаните е јасна“. Јасна е волјата на над 600 илјади граѓани кои рекоа дека сакаат во ЕУ и НАТО преку договорот од Преспа.

Конечно, референдумот беше консултативен. Пратениците, пак, според Уставот имаат право самостојно да решат дали ќе ја прифатат консултацијата со оние што се изјаснија, што реално постојат, или со оние за кои не знаат каков е нивниот став, дали „За“ или „Против“. Или, пак, ќе си донесат некакво друго решение. Но, јасно е дека пратениците своето изјаснување треба да го донесат самостојно и без какви било пристисоци. Најмалку со спин дека 1,2 милиони граѓани биле гласни и јасни.

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

 Извор: Вистиномер