Светлините на Бомбај

16.10.2018 12:08

Кога едно ноемвриско утро пристигна во Бомбај
Октавио Паз
едноставно се расплака.
Галебите гласно пискаа.
Осамнуваше уште еден сончев ден.
Топлиот ветер го милуваше градскиот брег.
Таму некогаш постоел остров. Неколкуте збора
што си ги разменија поетот и патникот,
за кој подоцна ќе се види дека му е брат на Оден,
беа доволни за величествено пристигање во пристаништето.
Индиецот покрај нив помисли, пак тие Англичани.

Тоа беше 1951-та година. Островската империја падна,
омразата меѓу хиндусите и муслиманите
пламна како битките во поезијата на Стара Индија.
Децата на полноќта проодеа,
а Салман Ружди наполни четири години.
Разбеснетите маси колеа невини,
илјадници бегаа во потрага по нов дом.
Гладните талкаа во потрага по храна, а храна - никаде.
Сништата на големиот народ кој никогаш тоа и не бил
полека почнаа да се уриваат. Митовите умираа
и се преселуваа на страниците на непрочитаните книги.
Нехру размислуваше за стопанството,
натписот на Ганди со крв на ѕидот
Ms life is Message конечно избледе.

Речиси половина век подоцна
мојата нога првпат втисна невидлива трага
во жешкиот асфалт на јануарското пладне.
Бомбај пламтеше, духовите баботеа.
Сè беше како на индиски филм.
Не го пречекорив прагот. Не ги сфатив настаните.
Сите задолжителни зла веднаш станаа
дел од мојот багаж: културен шок, пролив,
страв од метрополи, чкртање со заби.
Потем благо опипување на просторот
кајшто би можел да си го населам ликот.
Ако е воопшто можно. Преголема згуснатост, превисок пулс.
Не го пречекорив прагот. И никогаш нема.
Навечер тихум се прашував
зошто Бомбај ме потсетува на Њујорк,
на допирот со валканото небо,
на малиот човек кој си го загубил чадорот
и незабележливо си го потрошил животот.
Не помина многу време, но мене ми се чини
дека минале години, години поинаков живот.
Космичката матрица се гаснеше истовремено
со мојата претстава за Индија.
Првпат зад мислата ја почувствував смртта.
И нозете ми се стресоа. И помислив
дека за сè е виновна индиската огромност,
нејзината нераскинливост со космосот,
со природата и со човекот
кој се бранува во кружниот ток на дармата
изедначен и со животот и со смртта.

Ме облеа необично студенило,
иако таму за нас е секогаш жешко.
Европската патетика пропаѓаше
во длабочината на индиската ноќ.
Градот тонеше во соништата.
Во далечината се палеа последните светла,
во предградијата, пак, огништата.
Бомбајскиот монолит запре, застана.

Превод: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото