За спогодбата меѓу Македонија и Грција

16.10.2018 13:00
За спогодбата меѓу Македонија и Грција

Повеќето анализи и интерпретации на Спогодбата меѓу Македонија и Грција за разликите околу името „Македонија“ што се изнесуваат во нашата јавност повеќе месеци наназад можат да се поделат на две генерални групи: целосно отфрлање на Спогодбата како капитуланска и штетна за нашата држава, и прифаќање на истата, но со некаква задршка дека истата „не е сјајна“, но дека и покрај одредени слабости или недоречености, е прифатлива бидејќи ги отвора нашите евроатлански интеграциии итн. Ако ја занемариме првата група интерпретации со отфрлање на Спогодбата како крајно тендециозна и која го кривотвори текстот на истата дури и кога го цитира, од поголема важност е анализа на втората група интерпретации, кај која генерално се забележува извесна блага горчина од некои решенија, иако генерално се прифаќа како позитивна и корисна за нашата иднина. Оваа блага воздржаност што провејува кај одреден број поддржувачи ќе се обидеме да ја развееме и добронамерно да укажеме на одредени факти за оние ценети аналитичари кај кои сè уште постои извесна горчина од дел од понудените решенија. Според наше мислење, оценката на Спогодбата треба да се темели на три базични премиси:

  • интерпретацијата на Спогодбата треба да ги следи нејзините одредби, без да се бара дополнителна поддршка со нашите евроатлански интеграции; таа е исклучиво билатерален договор меѓу две соседски земји, бидејќи само така ќе биде долгорочно одржлива;
     
  • применетиот интерпретативен модел треба да е ослободен од значителен дел од нашата досегашна аутистичка историографска и идентитетско-идеолошка матрица, задоена со мноштво ретроградни стереотипи за нашето минато и сегашност;


  • барем минимум етички заснована објективност во читањето на решенијата и дефинициите и ослободеност од стравот и загриженоста од некакви скриени дубиози во истата.

Значи, интерпретацијата на Спогодбата треба да се темели на позитивен стремеж за решавање на долгогодишниот спор, на објективен историографски третман на овој спор со рецидиви во подалечното минато и со минимум етика во признавањето и почитувањето на разликите и заедничките интереси меѓу двата соседа.

Доколку се примени посмирена и покултурна диоптрија во интерпретациите, значењето и употребата на клучните и спорните термини што се предмет на Спогодбата и заради кои истата се носи, ќе се види дека е применет единствениот можен методолошки пристап, а тоа е разграничување на овие термини и на нивното значење за двете страни. На тој начин, се нудат решенија за именските и придавските варијанти за термините Македонија и македонски на начин што обезбедува рамноправна примена и примена со различно значење. Со тоа за првпат во односите меѓу субјектите што биле дел од таканареченото „Македонско прашање“ во минатото, се прави темелно разграничување и признавање на посебностите на секоја страна, со што ова историско прашање конечно се затвора и се отвора можност за сосема поинаква цивилизациска практика.

Дополнувањето со географска одредница во името на државата коешто останува исто, Македонија, е само во функција на објективизирање на фактот дека нашата држава е северен дел од некогашната историско-географска област Македонија и со тоа само се прави попрецизно дефинирање на она што е нашата држава, всушност дел од една поголема историска целина. Одредницата е најпрецизната можна дефиниција и со тоа се отстранува евентуалното „значенско пречекорување“ во именувањето на државната територија. Со ова ограничување на она што сме, на она што нашата држава всушност е, дел а не цела некогашна Македонија, се прави само разумно разграничување и прифаќање на реалноста која требало да биде дефинирана многу порано, при создавањето на Република Македонија во 1944/45 година или барем со осамостојувањето на државата во 1991 година. Ако го прифатиме овој модел на ограничување во именувањето на државата на она што таа всушност е, тогаш правопропорционално треба истиот да се примени и онаму каде што именката Македонија е вградена во називот на одредени државни установи. Тие установи не се установи на некогашна цела Македонија, туку на нашата држава која е северен дел од некогашната Македонија. Државата, установите и ние како Македонци ништо не губиме во уточнувањето на овие установи со фактот дека истите се државни установи на Република Северна Македонија или на Северна Македонија. Придавката македонски во досегашната употреба секако не значеше етнички туку државен принцип. Доколку ваквата географска корекцијата на името на државата се прифати како единствено можно и коректно (дури и опонентите го прифаќаат овој назив за меѓународна употреба и тој за нив не е спорен), резервите околу севкупната употреба се крајно натегнати. Ако нешто е објективно, ајде да го затвориме еднаш засекогаш и да не оставаме дилеми и сомнежи за искрените намери од наша страна.

Во вториот значаен сегмент во Спогодбата, третманот на „идентитеските“ прашања за јазикот и културниот хабитус на она што значи придавката македонско, македонски, македонска, недвосмислено и таксативно е применет моделот на посоченото разграничување. Притоа за првпат имаме меѓудржавно истакнување и признавање на нашиот културен идентитет и неограничено право на употреба на истиот. А тоа дека овој идентитет е словенски, а не хеленски, т.е. грчки, нашата страна требаше самата да го расчисти одамна. Расчистувањето на сите насобрани историографски и идентитетско-идеолошки небулози од поблиското или подалечното минато е од првокласно значење за нашата култура и без оваа Спогодба со Грција. Во таа смисла, работата на проектираниот Комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања меѓу двете земји е само за поздравување, имајќи предвид дека истиот треба да работи исклучиво врз база на докази, и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Донекаде имаме разбирање за опонентите на оваа точка од Спогодбата, бидејќи научното и цивилизациско испитување и интерпретација на одредени историски аспекти, појави и состојби во нашиот регион може целосно да ја разоткрие и да ја разори нивната фантазматска историско- идеолошка матрица.

Грижата за нашето малцинство во Грција е меѓу најгласните забелешки на опонентите на Спогодбата. Секако, нивните стравувања и обвинувања не се засновани на објективна проценка, туку на најприземно политиканство. Бидејќи со досегашната формулација во нашиот Устав по ова прашање грижата за нашето малцинство во изминатите децении не е реализирана или овозможена ниту со минимален успех. Сведена е на нула. Со признавањето на македонскиот културен ентитет и идентитет како словенски (и недвосмислено јужнословенски јазик), може само позитивно да се отворат процесите на признавање на таков ентитет, во смисла на култура и јазик, во Грција денес. Ваков ентитет дел од грчката напредна научна и интелектуална елита признаваше и досега, како што во минатото било признавано и во редовите на грчкото комунистичко движење. Денес овој словенски македонски ентитет разграничен од грчкиот македонски ентитет во Грција има значително поголема шанса да биде признат, особено ако и во Спогодбата се предвидени сите меѓународни механизми за почитување на малцинските права.

Имајќи ги предвид генералните и поединечните решенија за разликите меѓу двете држави во Спогодбата, може да се констатира дека е применет еден прилично избалансиран пристап, едно наполно објективно разрешување и надминување на проблемите со примена на историографски, правни и политички стандарди недвосмислено поддржани од светската прогресивна јавност и релевантните меѓународни институции и наши пријатели. Во таа смисла, не само што не треба да се чувствува извесна горчина од дел од понудените решенија во Спогодбата, туку, напротив, со гордо крената глава треба да ги прифатиме истите како објективни и културни модели на однесување со кои само ги собираме неподелените симпатии на целиот еманципиран свет денес. А тој свет, денес и во минатото, знае многу повеќе од нас за историската Македонија и за сите Македонци што живееле и живеат на нејзината територија, и само во нашата зачмаена провинцијална идолатрија заробена во минатото може да се тврди спротивното.


(авторот е историчар на уметноста)
Слики: Paco Pomet