Што ќе ни е образование?

24.09.2010 12:29
Што ќе ни е образование?

Навикнавме да го сметаме учењето како добро само по себе. Меѓутоа, стручњакот за еколошко образование Дејвид Ор нè потсетува дека нашето образование досега, на некој начин, создало чудовиште. Овој есеј е напишан во 1990 г., а денес, и по 20 години, сè уште делува актуелно и свежо.

Ако денешниот ден е типичен за планетата Земја, ќе изгубиме околу 200 квадратни километри дождовни шуми. Уште 110 кв. км ќе проголтаат пустините кои се шират како последица на нашето лошо користење на земјата и поради пренаселеноста. Ќе исчезнат меѓу 40 и 100 биолошки видови, а никој нема да знае дали бројката ќе биде 40 или 100. Денес Земјата ќе добие уште 250 000 жители, а ние ќе додадеме дополнителни 2700 тони хлорофлуорјаглерод (CFC) во атмосферата, како и 15 милиони тони јаглерод диоксид. Вечерва Земјата ќе биде потопла, водите покисели, а животните нишки поистенчени.

Важно е да се нагласи дека причините за сите овие незгоди не се дела на необразованите луѓе. Напротив, тие главно се последици на делата на луѓе со факултетски дипломи, магистери и доктори. Ели Визел изведе сличен заклучок во говорот на Глобалниот форум во Москва минатата зима кога рече дека оние кои го изведоа и смислија холокаустот беа наследници на Гете и Кант. Во многу полиња Германците беа најобразованите луѓе во светот, но нивното образование не им послужи како вистинска бариера од варваризмот. Што било погрешно во нивното образование? Според Визел, тоа било „нагласувањето на теориите наместо вредностите, на концептите наместо прашањата, на идеологијата и ефикасноста наместо совеста“.

Истото може да се каже и за начинот на кој нашето образование нè подготви да размислуваме за светот на природата. Образованието не гарантира пристојност, разумност или мудрост. Колку повеќе луѓе се образовани на ист начин толку нашите проблеми ќе се усложнуваат. Вредноста на образованието денес мора да се мери преку стандардите за пристојноста и човечкиот опстанок. Нам нема да нè спаси образованието, туку одредениот начин на образовање.

Шест митови за основите на модерното образование

1. Незнаењето е решлив проблем

Не е. Тоа е неизбежен дел од човечката природа. Предноста на знаењето секогаш со себе носи и одреден облик незнаење. Кога во 1930-те беше откриен гасот CFC, она што дотогаш беше дел од тривијалното незнаење стана клучен фактор во загрозувањето на животот во биосферата. Прашања немаше сè до 1970-те кога се откри дека CFC го предизвикало истенчувањето на озонската обвивка на нашата планета. Со откривањето на CFC се зголеми знаењето; но како обем на кругот кој се шири, се зголеми степенот на незнаење.

2. Со доволно знаење и технологија можеме да управуваме со планетата

Звучи убаво. Но со сложеноста на нашата планета и животните системи на неа никогаш не може сосем безбедно да се управува. Екологијата сè уште не е доволно позната, како и односот со поголемите системи во биосферата. Она со кое може да се управува сме ние: човечките желби, стопанството, политиката и заедницата. Меѓутоа, нашето внимание е насочено кон избегнување на тешките избори кои ни ги поставуваат политиката, моралот и здравииот разум. Многу е поразумно да се преобликуваме себе си за да се вклопиме во планетата со ограничено постоење, наместо да се обидување да ја преобликуваме планетата во склад со нашите неограничени желби.

3. Со зголемувањето на знаењето се зголемува и човечката добрина

Светот денес е изложен на експлозија од информации. Но оваа експлозија не треба да се гледа како раст на знаењето и мудроста кои не можат лесно да се измерат. Во склад со вистината, може да се каже дека одредени знаења се во пораст, додека некои други засекогаш се изгубени. Може да се каже дека стануваме сè поголеми незнајковци за она што мораме да го знаеме за да живееме добро и во склад со правилата на одржливост.

4. Секогаш можеме правилно да го склопиме она што сме го расклопиле на делови

Модерното образование го расклопи светот во дисциплини и под-дисциплини. Покрај тоа, по 12, 16 или 20 години школување повеќето студенти дипломираат без пошироко интегрираното чувство за единството на нештата. Последиците по нашата планета се огромни.

5. Целта на образованието е да обезбеди средства за напредување и успех

Писателот Томас Мертон им го даде следниов совет на студентите: „Бидете што сакате, лудаци, пијаници, пропалици, само избегнувајте едно нешто по секоја цена – успехот“. На нашата планета не и’ требаат уште „успешни“ луѓе, туку очајнички и’ се потребни миротворци, лекари, обновувачи, луѓе кои живеат во склад со местото на живеење, човечни и морални.

6. Нашата култура претставува врв на човечките достигнувања

Ние сме модерни, напредни и развиени. Ова претставува најлош вид на културна ароганција, недопустливо неразбирање на историјата и антропологијата. Сфаќањето на мнозинството западњаци дека ние сме победници во Студената војна и дека капитализмот триумфираше над комунизмот е неточно: комунизмот пропадна бидејќи произведе премалку по превисока цена. Но пропадна и капитализмот бидејќи произведе премногу, подели премалку, по превисока цена за нашите деца и нашите внуци. Комунизмот пропадна како аскетска моралност. Капитализмот пропадна бидејќи ја уништи моралноста.

Шест предлози за опстанок на човечкиот вид

1. Во секое образование да биде вклучена животната средина;

Да подучуваш студенти по економија без укажување на законите за термодинамика или екологија е еднакво на тврдењето дека физиката и екологијата немаат никаква врска со економијата, а тоа е неточно.

2. Со идеите и знаењето да ја обликуваме личноста на луѓето, бидејќи целта на образованието не е усовршувањето на една тема, туку на личноста;

3. Знаењето носи и одговорност, па треба да провериме дали е добро употребено;

Сетете се само на Чернобил, озонската дупка и другите катастрофи. И покрај насобраното знаење, се случија, а никој не беше одговорен. Ризикот и искушувањето благодарение на знаењето далеку ја надминаа нашата способност одговорно да го користиме знаењето.

4. Не можеме да кажеме дека знаеме нешто сè додека не ги разбереме неговите последици по луѓето и нивните заедници;

Знаењето кое студентите го стекнуваат во деловните школи и на економските факултети не вклучува и претставување на значењето на добрите и здрави заедници или човечките жртви на тесните и разорни економски ставови кои ја величаат ефикасноста и успешноста пред човечките вредности и животот на заедницата.

5. Студентите мораат да го надминат јазот меѓу идеалот и реалноста;

6. Студентите треба да стекнуваат знаења на најразлични начини и вон рамките на самиот предмет;

Начинот на кој учиме е подеднакво важен како и содржината на одредени предмети. Процесот е важен за учењето. Предавањето на факултетите често се сведува на пасивно пренесување на знаењето, без допир со т.н. надворешен свет. Не е доволно да сецирате жаба за да ја сфатите природата и биолошките закони. На факултетите владее педагогија која често содржи пасивност, монолог, доминација и вештачко знаење. Затоа сметам дека студентите треба да стекнуваат знаења на најразлични начини и вон рамките на самиот предмет.

Извор: The Learning Revolution

Скулптури: Inbai Kim

 super.

 super.

Sekoja cest za izbraniot

Sekoja cest za izbraniot tekst. Da se nadevame deka ljugjeto ke se svesnat navreme za vistinskoto znacenje na obrazovanieto i ke go kanaliziraat kon  ziveenje vo ramnoteza so prirodata.