1022 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 08:59
Одамна укажував на опасноста рокенролот да биде кооптиран во рамки на естаблишментот. Некогаш рокот требаше да биде бунт против отуѓеноста и преголемата сериозност на светот во кој работата и трошењето беа единствени вредности. Но, ѕвездите со долги коси почнаа да гледаат кон резиценцијалните квартови во градовите и да се дружат со газдите. Денес тој процес е при крај. Музиката е иста како и ТВ пропагандата: нејзина цел е кретенизација на младите. Како и сите револуции, рокенролот имаше фаза на бело усвитување на занесот, оргомна енергија; како и сите револуции имаше свои херои и свои жртви.
И тогаш дојде периодот на петрификација. Она што се свири денес ме потсетува на етнографските и природонаучните музеи. И – како што владите даваат субвенции за таквите установи кои зјаат празни – истите олигархии на секој начин ја помагаат дискографската продукција чиј производ е сличен на музејскиот: ПРАЗНИНА. Техно и рејв забавите повеќе потсетуваат на вуду оргии, отколку на собиралишта на младите. Сето тоа властите го посматраат благонаклонето, зашто повеќе им одговара гневот, незадоволството и енергијата на младите без никаква изгледна иднина да се потроши (со помош на екстази) на самоуништување, отколку истите тие момци и девојки еден ден со палки да дојдат под прозорците на владетелите. (Светислав Басара, книжевник)
Тоа е само рокенрол
Самиот по себе, рокенролот отсекогаш беше политизиран, но таквата негова карактеристика не е видлива во секоја прилика. Она што ѝ дава нота политичност на рок музиката се темели на аксиомата дека таа во историјата претставува едно моќно и незабележано средство на младите луѓе во рамки на вечниот конфликт за надмоќ и превласт на генерациите. Кога се вели рокенрол, се мисли на бунт – прегласна и иритирачка музика, начин на облекување, изразување и однесување кои отстапуваат од конвенционалниот стереотип зацртан со традицијата.
Својата комплетна популарност, навидум деформираните и бесмислени тонови, ја стекна во оној момент кога „класата“ возрасни гласно се крена против нив, односно против звуците на џунглата. Рокот е само еден од начините за духовно рефлектирање на реалноста, а со тоа и на политиката, само што огледалото на таа рефлексија се наоѓа во душите на младите луѓе. Впрочем, барем така би требало да биде. Длабоката комерцијализација на сè и секого, евтиното додворување на масите, конкурентската борба за опстанок на пазарот на шоу бизнисот, позирањето, продавањето магла и страшниот притисок на масовните медиуми во голема мера ја затапеа изворната острица на рокот.
„После Битлси диско индустријата стана фабрички сериски бизнис. Се изгуби креативната слобода. Талентите се потиснати. Менаџментот почна да диктира еднолична удирачка музика: бип бип бип бип. Се изгуби двочетвртинскиот, три и четиричетвртинскиот такт. Униформата во последните 30 години единствено ја нарушуваат реге музиката и алтернативните експерименти на антииндустриските групи. Рап стилот веројатно е последното скалило во деградацијата на електричната епоха, зашто тука веќе нема ни музика, додека песната се сведе на атонално дрдорење на пејачот рецитатор“. (Драган Веселинов, професор)
Потпаѓајќи под влијанието на индустријата и естаблишментот, рокот почна да се отуѓува од сопствените извори и вредности, продолжувајќи потоа да плута во матна индиферентност. Со текот на времето се претвора во празна, евтино запакувана забава за медиокритетите, односно станува облик на сопствената пародија. Сепак...
We are only in it for the money
Појавата на панк рокот, во средината на седумдесеттите години од 20 век, најдобро ја потврди следниот факт: рокот е изворен и чист единствено тогаш кога се бори против авторитетите. Панк движењето не го штедеше Системот и Поредокот на современото, фино запакувано, тоталитарно општество. Неговите пораки беа јасни и убиствени, неговиот бунт беше искрен и втемелен во изворните вредности на рокенролот. Еден од слоганите на најупотребуваните говори за суштината на идејата е: „Не знам што сакам, но знам како да го постигнам тоа“.
Сруши, претепај, запали, убиј, уништи и негирај, беа идеите водилки на следбениците на панкот, а објект на тие глаголи не беа тогашните водечки политичари, туку самиот систем и авторитетот, без разлика од која страна доаѓаат, зашто воспоставените авторитети и нивните институции не одговорија на очекувањата на новите генерации. Истакнувањето фашистички симболи – кукасти крстови и слики од Хитлер – никогаш не го имаше значењето кое навистина го има; тоа беше само бурно и полно со инает реагирање на неспособноста на системот на младите да им пружи шанса.
Но, веќе после година или две, политичноста и одлучноста на панкот спласнаа на ниво на комерцијализирани и јалови тиради. Движењето беше претворено во моден тренд, како такво беше социјализирано а со тоа и затапено и сведено на популистичка забава. За утеха останува фактот што таквиот развој на настаните беше и остана својствен за целото рок движење. Силогизмот е едноставен: ако си рокер, тогаш тежнееш да те слушаат што повеќе луѓе. Ако ти тргне од рака, принуден си да се потпираш на етаблираните институции, познати како рок бизнис. Тогаш институциите те земаат под закрила, заработуваш многу пари и баш ти е гајле за политиката и системот кој, како што велат некои, воопшто не е добар.
Лебедовата песна
„За жал, ништо не може да се промени. Како и позитивната, и инферналната имагинација нема граници. Не смеам ни да помислам каква ќе биде музиката за десетина години. Наместо тоа, порадо копнеам по безвучен рок, по групите кои би ги отфрлиле хардвер гитарите, засилувачите, тапаните и кои би создавале музика во главите и душите. Само за себе и оние што можат да ги сфатат.
Имаше ера кога рокенролот беше невин. Оние што го свиреа, останаа невини зашто главно се мртви“.
Извор: https://pulse.rs