„ЧКРАП!“: како се сака фотографијата

17.10.2018 11:48
„ЧКРАП!“: како се сака фотографијата

„Што е „Чкрап!“? Фото клуб? Фото група? Група фотографи? И да и не. Ние сме луѓе кои ја сакаат фотографијата. И го сакаме „Чкрап!“ Тоа ни е заедничко. Инаку, многу сме различни. Жени и мажи. Млади и стари. Креативни. Суетни. Ние сме од Тетово и од други градови од Македонија. Некои од нас живеат во странство. Ама, сме дел од „Чкрап!“ Не се гледаме често. А, постојано сме во врска. Некои се поактивни. Некои не. И кога нè нема (на годишната изложба од „Чкрап!“), тука сме.

Имаме свои животи. Различни професии. Најчесто сме заедно на годишната изложба на „Чкрап!“ Оваа изложба, во 2018-та, е петнаесетта по ред. Досега на изложбите на „Чкрап!“ од 2004 година до сега учествувале 66 фотографи. Меѓу нив активни членови на „Чкрап!“ и неколку почесни членови. Некои изложувале само еднаш, некои на сите или речиси на сите изложби досега. Некогаш повеќе, некогаш помалку. Годинава изложуваме единаесетмина. Но, бројката не е секогаш најважна. Фотографиите се најважни.

Секоја фотографија – приказна. Приказна за авторот.

Приказна за светот кој нè опкружува. Интимна, визуелна исповед. Соголување. Поставување прашања. Помалку понудени одговори. Можност за публиката да ги размрда своите мозочни виуги, а истовремено да ужива во визуелни атракции.

„Чкрап!“ е горд на досега сработеното. Ја промовиравме фотографијата во едно опкружување кое не е баш најпријателско за овој феномен. But, We don’t give a f**k!“

Драги Неделчевски

Во дамнешната 1980 година тогаш младиот фотограф Драги Неделчевски, полн со ентузијазам, заедно со неколку негови пријатели (Александар Настески, Зоран Андонов, Илија Милановски) го основа „Фото кино Студио“ во Домот на културата „Илија Антески – Смок“ во Тетово. Условите за работа и дружење биле извонредни. Студиото било сместено во поткровјето на Домот на култура. Таму било ателјето, а имало и мала фото лабораторија за црно бела фотографија. Тоа било одлично време за занимавање со фотографија.

Младите и уште неискусни фотографи, но желни за добри фотографии, тогаш имале прилика да фотографираат театарски претстави, концерти, фестивали и други настани што се одржувале во Домот на културата. Работеле секојдневно, се дружеле, разменувале мислења, подготвувале фотографски изложби....Биле самоуки, самостојни, не биле врзани за посебни школи и модели на т.н..„клупска“ фотографија, која тогаш доминирала во Југославија. Нивните извори биле некои други фотографи (Анри Картие- Бресон, Роберт Френк, фотографите од агенцијата Magnum…).

Макотрпно стекнувале искуства и иако нивните фотографии во почетокот не наликувале на оние од книгите за фотографија што ги голтаа во американската читална во Скопје и оние од светските списанија. Полека го освојувале прекрасниот свет на фотографијата.

Така било цели 20 години сè до конфликтот во 2001 година, кога биле избркани од Домот на културата, а нивната опрема и фото лабораторија биле исфрлени на улица, а голем број негативи и фотографии биле уништени. По тој шок им беа потребни три години за одново да почнат.
Кон крајот на 2003 година, Драги Неделчевски, Зоран Андонов и нивниот другар, младиот фотограф Самир Љума, го основаат фото клубот „Тетово“, како здружение на граѓани, според сите прописи, со намера поорганизирано да дејствуваат. Но, сега веќе немаат простор за работа па се снаоѓаат како што знаат. Немаат фото лабораторија, но веќе доаѓа времето на дигиталната фотографија. Поискусни се и повторно работат фотографии во свој стил. А тоа било негување на различни пристапи, голема слобода и неробување на воспоставените стилови во фотографијата. Во клубот доаѓаат некои нови фотографи и тој станува спој меѓу младоста и искуството. Веќе во 2004 година организираат две изложби на фотографии, а онаа на крајот на годината станува традиционална. Оттогаш секоја година организираат изложба на сите членови со најдобрите фотографии кои ги изработиле таа година и на публиката во градот ѝ овозможуваат ретко задоволство да ужива во фотографијата. Набрзо го менуваат името на клубот во „Чкрап“, а потоа го пререгистрираат здружението зашто не добија никаква поддршка ниту од градот ниту од државата - и стануваат неформална „Фото група Чкрап!“


Зоран Шекеров

Низ „Чкрап“ минувале многу членови, фотографи, некои од нив не останале долго, но тука секогаш е една група од дваесетина активни фотографи кои постојано се во контакт, без оглед што се наоѓаат на различни страни од светот или се низ градовите во Македонија. Очигледно, „Чкрап!“ бил и останал интересен и за оние од другите градови. Се контактира преку интернет, но најмалку еднаш годишно, во октомври, сите се собираат на едно место, во Тетово, заради заедничката изложба. Некои „чкраповци“ почнале да работат и професионално (фотографија, филм, видео), некои останале аматери, но со професионален пристап кон фотографијата, а некои само уживаат во тоа што го работат другите. Многумина активно изложувале на фотографските изложби во Македонија и странство, добивале награди... Неколкумина имале и свои самостојни изложби на фотографии.

Во „Чкрап!“ секогаш владее опуштена атмосфера, постојано се разговара за фотографијата, а речиси никогаш за пиксели и нови фото апарати. Фотографијата што ја негуваат членовите е општествено ангажирана (екологија, социјални и егзистенцијални теми), концептуална, експериментална, документарна...

Фото групата „Чкрап!“ нема свој простор за работа, нема приходи, не е „официјално наградувана“, но има голем број посветени фотографи, како и верна публика која ја следи нивната работа, на изложбите или на интернет. „Чкрап!“ стана бренд за кој многумина во градот и во државата слушнале и го поврзуваат со добрата фотографија.

„Чкрап!“ е член на Фото сојузот на Македонија, а соработува и со Македонскиот центар за фотографија.
Фотографијата како феномен е еден бескраен океан во кој фотографите од фото групата „Чкрап!“ успешно пливаат еве, веќе долго време, а младите членови дваат надеж дека така и ќе остане.


Ана Андонова, Ѕвона

Ханис Багашов

Мери Каталиниќ, Air

Мери Каталиниќ, Walk

Слични содржини

Фотографија / Култура / Настан
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Фотографија / Свет
Фотографија / Историја

ОкоБоли главаВицФото