Колку појужно, толку потажно

18.10.2018 02:30
Колку појужно, толку потажно

„Класите, кои се спротивставуваат на работничката класа, всушност не можат да замислат подобри сојузници од оние кои меѓу работниците се обидуваат да ја претстават демократијата како бескорисен нонсенс“. Вака, во однос на потребата да се разобличи опасноста од попречување и саботирање на демократската алтернатива во општеството, партиско-политичката борба пред сто години ја формулирал првиот шведски социјалдемократски премиер, Јалмар Брантинг. Шведската социјалдемократска работничка партија ја имала власта во најголем дел од дваесеттиот век, а и моментно има добри изгледи да ја состави новата Влада. Нејзините заслуги за високите дострели на модерниот шведски демократски систем и за стабилноста на институциите, се неоспорни.

Во последните години пошироко во Европа се забележува новоразбудено интересирање за демократски прашања. Тоа, се разбира, не е воопшто чудно, имајќи предвид дека повеќе од кога и да било се напаѓаат демократските принципи, неретко од страна на движења и партии што својот имиџ меѓу избирачите засилено го градат со популистички фрази и пароли.

Токму затоа станува сè поважно да се идентификуваат заканите против демократијата и да се покаже подготвеноста за пружање отпор. Бидејќи за сите оние што се залагаат за прогресивни идеи, борбата за демократија не може да претставува враќање кон претходните состојби на некаков бирократски статус-кво, туку може успешно да функционира само како – движење напред.

Шведската социјалдемократска партија, која потекнува од работничките и синдикалните движења, и зачекорува во историскиот контекст на развојот на парламентарната демократија како нивна организирана политичка сила, во последните децении, поради партиските турболенции што на традиционалната политичка сцена внесоа силни десничарско популистички бранувања, сепак не можеше целосно да ги избегне приклонувањата кон политичкиот центар и кон некои примеси карактеристични за политиката на десничарските конзервативни партии.

Но шведските социјалдемократи продолжуваат со своите основни определби, односно да се борат за изнаоѓање нова идеолошка енергија што ќе им овозможи да дадат натамошен придонес кон јакнење на економската и социјалната демократија, учеството и инклузивноста, создавање претпоставки за обичните луѓе, не само за работниците, да остваруваат поголемо политичко влијание во секојдневието. Партиската елита на шведските социјалдемократи во својата работа е посветена токму на таквите цели.

Шведска, и соседните скандинавски земји Финска и Данска, и понатаму се на врвот во ЕУ во однос на развојот на демократијата. Токму Шведска, според најновиот извештај на германската фондација „Бертелсман“, има најодржлива демократија во ЕУ, додека голем пад забележуваат Полска и Унгарија. Политичката поларизација и порастот на популизмот се наведуваат како важни причини за тенденциите што ги карактеризира туркање на демократијата кон несигурен терен.

Но споменатиот извештај за 2018 година, во чии рамки се сумирани стотина различни индикатори за мерење на нивото на демократското управување, покажува јасен негативен тренд во цела низа ЕУ-членки, посебно кога станува збор земјите во Јужна Европа. На дното на табелата според најизразено влошување на демократијата во изминатите четири години, освен Полска и Унгарија, се и Грција, Кипар, Хрватска, Бугарија и Романија.

Моделот на либерална демократија е изложен на сè поголем притисок во рамки на ЕУ, а во некои членки централните демократски и уставни стандарди, како, на пример, кога станува збор за слободата на изразувањето и на медиумите, се веќе сериозно оштетени. Негативни показатели се забележани во 16 членки на Унијата.

Како што се истакнува во извештајот на „Бертелсман“, шведскиот систем е способен да се приспособи и да ги возобнови претпоставките на својата стабилност, при што се упатуваат пофалби до шведската Влада за напорите за унапредување на интеграцијата во општеството и борбата против невработеноста, како големи предизвици во однос на функционирање на демократијата.

Нема никакво сомневање дека Македонија, судејќи според целосното отсуство на партиски консензус за клучните државни интерси и прашања поврзани со идниот развој, како и според кршењето на уставните одредби во изминатите години, посебно од страна на претседателот, или, пак, нивно почитување само доколку тоа оди во прилог на партиските интереси, мошне лесно би се нашла во конкуренција за самото дно на листата на демократскиот развој на угледната германска фондација.

„Бертелсман“ пред неколку години го означи развојното демократско ниво во Македонија како „дефектна демократија“ во назадување. Моментната тензична ситуација во која тоне Македонија, и се разнишуваат темелите на македонското општетсво и на слабите институции, најдобро би можела да се спореди со описот што во актуелниов миг се дава за земјите на дното на листата во најновиот извештај, односно земји кои се на пат кон развој со некои елементи на предфеудални општества, со корупција и непотизам и со силно изразена злоупотреба, манипулирање и поткопување на демократските институции.

Веројатно нема воопшто да биде претерано доколку пропорционално во однос на целата ЕУ се примени максимата од периодот на поранешна Југославија, – колку појужно, толку потажно. Македонија е точка во која јужната деструктивна насока на демократско назадување и гушење на развојните перспективи, моментно можеби најјасно се прекршува.

Слики: Nate Kitch

Извор: Плусинфо

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото