Ништо не се препозна

18.10.2018 01:58
Ништо не се препозна

Ништо не се препозна. На една рака се броеја новинарки и пеачки и глумици и режисерки, а и новинари и пеачи и глумци и режисери на една рака се броеја, кои несебично се бореа за вредности.

Ги гледавме тие искачени на гајби и импровизирани бини, како бестрашно ги бранат вредностите за кои сите се залагавме.

Ги гледавме и читавме како се анатемисани и од колеги и од уредници, од уметничките директори, директори на фестивали и слични режимски главешини.

Ги гледавме, малку беа но беа со нас и ние горди на нив. Ни вдахнуваа надеж со нивната статија, игра, песна, драма, рецитал, со нивната бескомпромисност и храброст.

Едноставно, ги сакавме, оти се препознававме во нив. Ги имам сите пред очи, а и сите ги знаеме со име и презиме, но ајде да не повикувам поединечно, као не е културно. Е тие, тие девојки и батковци, не требаше да се наметнат, или да праќаат абер, нив требаше да појдете и да ги замолите и да ги молите сѐ дури не прифатат да водат и пострежимски.

Да водат и предводат институции, фестивали, театри, агенции и сета нивна бескомпромисност и храброст да ја пренесат во секоја пора од институцијата, во секој фестивал, театар, ТВ куќа, во секој еден од нас и разбуден и гурелав и слеп, зашто тие тоа го имаат во нив, а се малку, а сме малку за да си го дозволиме комфорот за да ги изгубиме.

И, ги изгубивме. Неповратно се разочарани и со право, зашто им го исшмукавте револуционерниот здив, им го исшмукавте ентузијазмот, енергијата, желбата, борбата, залетот им го зедовте. Многу сум разочаран дека не се препозна тоа. Многу.