Незрела свест

18.10.2018 11:16
Незрела свест

Ако се обидеме да ја одредиме суштината на културниот идентитет, од една страна, и националниот идентитет, од друга, веќе на првиот чекор ќе ни се појави една битна противречност што на прв поглед постои помеѓу овие два поими.

Културата подразбира создавање општочовечки вредности и по дефиниција е насочена кон наднационалното; во таа смисла културата и културните вредности можеме да ги доживееме како нешто што се спротивставува на нацијата и на националните вредности – што само на прв поглед е така. Навистина, убавото и доброто се општочовечки вредности и со самото тоа онтолошки му претходат на поимот на нацијата и го надминуваат. (Не постојат, имено, француска, германска или српска вистина и убавина.) Во овој контекст, значи, може да ни изгледа дека постоењето, изградувањето и формирањето на културниот идентитет на еден народ се коси со неговиот нацинален идентитет и дека му штети. Но, како што реков, тоа е само на прв поглед така, и тоа поглед неточно насочен.

 

Хармонија на спротивноста

Значи, да видиме како навистина стојат работите и да се обидеме да ја отплеткаме недоумицата.

Да го согледаме проблемот и од друга страна: сите основни форми на постоење и пројавување на човечката култура – јазикот, митот, религијата, уметноста – се врзани за определена нација, произлегуваат од националниот идентитет на народот и до срж се проникнати од него. Ако ги посматраме нештата од овој агол, се добива впечаток дека културниот и националниот идентитет се онтолошки поврзани категории и дека една без друга не можат. Културниот идентитет се формира и се постигнува со негување и со развивање на одредени (или на сите) форми на човековата култура, а културата се манифестира и е определена од принципите на нацијата – јазикот е секогаш јазик на некој определен народ, митот исто така, религијата, додуша, донекаде ги прескокнува националните граници, но, сепак, секоја религија во својот искон ги носи обележјата на националната заедница од која првобитно потекнала, а уметноста и кога е најголема и кога достигнува општочовечка вредност (и баш затоа што е голема и општочовечка) – го носи печатот на националниот идентитет; можеби само науката и филозофијата го избегнуваат обрачот на националното, макар што дури и на тоа подрачје можат понекогаш да се откријат клучни карактеристики на нациите од кои потекнале определени научни хипотези и филозофски системи.

Меѓутоа, и националниот идентитет, од своја страна се постигнува и се формира со помош на културниот. Тоа е она што е клучно и на што треба посебно да се обрне внимание. Кој е тој народ низ историјата што постигнал колку-толку значаен степен на национален идентитет, а да не го пројавил, развил и потврдил и својот културен идентитет? Античката грчка митологија – неспорно една од најголемите вредности на светското културно наследство – целата е натопена со специфичниот народен дух на старите Грци, а тој факт не само што не ѝ ја смалува вредноста, туку, напротив, ѝ ја зголемува. Културниот и националниот идентитет во големите дела на човековата култура се проникнуваат и се дополнуваат, создавајќи складна целина.

Токму во овој контекст може да се зборува за хармонијата на тие спротивности, или попрецизно – на прв поглед спротивставени вредности. Големите светски книжевности – руската, француската, британската, италијанската, шпанската – исто така мирисаат на своите специфични национални својства и се битно национални, но го постигнуваат, притоа, и нивото на општочовечкото, севажечкото, значи, нивото на врвни, парадигматски, светски вредности – наднационални и метанационални.

И значајните сликарски школи – италијанската, фламанската, холандската, шпанската – го носат печатот на нацијата што ги изнедрила, јасен печат на национален идентитет, а воедно, наспроти тоа или баш поради тоа, остануваат и највисок израз на културниот идентитет на својот народ. А културниот идентитет, како што напоменавме, по дефиниција ги трансцендира границите и рамките што ги поставува нацијата.

Дилемата што ни се укажа при самиот пристап кон проблемот на односот помеѓу националниот и културниот идентитет – дали се тоа поими што меѓусебно се поништуваат и се исклучуваат или се два комплементарни ентитети што прават хармонична целина (кога ја прават и ако ја прават!) – како да се разрешува во корист на тезата дека националниот и културниот идентитет се две страни на една иста паричка и дека едното без другото не може ни да егзистира, ни да се развива и да постигне какво било вредносно ниво.

Историјата, меѓутоа, ни покажува дека сепак постојат времиња и ситуации кога националниот и културниот идентитет одат на сметка на другиот и се покажуваат како неприродна заедница што тежи кон меѓусебна деструкција. Постојат моменти во историјата кога одредени народи имаат потреба по секоја цена да го манифестираат својот (многу често недоволно созреан или недоволно освестен) национален идентитет, да им докажат на другите дека тој постои или дури и да го наметнат како врвна или единствена вистинска вредност. Оваа појава често добива форма на колективна невроза.

 

Дискретна вредност

Густав Радбрух, без сомнение еден од најзначајните современи теоретичари на правото, во својата Филозофија на правото вели: „Како и личноста, така и нацијата спаѓа во оние вредности што човек ги достигнува ако не се стреми кон нив – само предавајќи им се на нештата и заборавајќи на себе. Знак за незрела и слаба национална свест, но не и лек за тоа, е кога човек во сите свои манифестации се стреми кон националниот карактер.

Како што забележува Радбрух, токму тоа е знак за „незрела и слаба национална свест“, таа потреба насила и по секоја цена да се манифестира. Аналогно на тоа, знак за слаб и незрел личен идентитет е потребата тој насила, по секоја цена и хронично да се манифестира и да се докажува. Со овој феномен се среќаваме во секојдневниот живот, а гледајќи од аспект на хронологијата на еден човечки век, тоа е карактеристика на периодот на раната младост, она што ние денес го нарекуваме пубертет, а што значајниот холандски културолог Јохан Хуизинга го нарекува пуерилен период, користејќи го латинскиот термин за пубертетлија (ни момче ни младич) – puer. Пуерилен е токму стремежот кон постојано истакнување на индивидуалните особености.

Значи, слабата или уште недоволно зрела национална свест тврдо инсистира на својата национална карактеристика.

Да се задржиме за миг на оваа констатација на Густав Радбрух и да ја разработиме: ако создаваме нешто што ѝ припаѓа на областа на културата (уметничко дело, научна теорија, филозофски есеј или нешто четврто) со свесна намера да постигнеме национална особеност и обоеност – од нашата работа нема да биде ништо; намерното, умислено стремење кон националната димензија на нештата ќе влијае деструктивно на културната и ќе ја уништи. Производот што ќе настане од овој вид продукција ќе биде сѐ освен културна вредност и израз на културниот идентитет. Но – и тоа е клучно – нема да има ни национална вредност, ни израз на националниот идентитет.

Вредностите не трпат надворешна присила и затоа под кој било вид притисок културната вредност – дискретна како и секоја вистинска вредност – се повлекува и исчезнува. Обидот за инструментализација ја уништува во целост – тоа е големата вистина на сократско-платонската филозофска мисла.

Значи, создавањето во областа на културата следено со свесна намера да се постигне национална вредност и да се манифестира националниот идентитет ќе биде целосно промашување во секој поглед. Не само што нема да има културна вредност, туку нема да има ни национална – нема да има вредност воопшто. Желбата да го постигнеме, да го утврдиме и да го истакнеме својот национален идентитет, покрај хетеродеструкцијата, ќе се манифестира и како автодеструкција, ќе се уништи самата себе. „Националната свест секогаш била најсилна тогаш кога некоја нација верувала дека токму таа е повикана да ја изврши мисијата на некоја наднационална идеја“, вели Густав Радбрух. „Тоа е структурата на националната свест: свеста на еден народ дека тој е носител на некои вредности на човештвото... Да се создаваат човечки вредности, а не со огледало в рака посебна национална култура, и да им се препушти на идните генерации во материјалните вредности да го препознаат и ракописот на националниот карактер: само тоа е својственост на самосвесен народ“.

Се разоткрива дијалектиката на односите на националниот и културниот идентитет – промовирајќи наднационални, општочовечки вредности, определен народ станува вистински носител на културните вредности, но во исто време, не посегнувајќи по тоа, го воспоставува и го докажува и својот национален идентитет во најблагородната смисла на зборот.

Извор: Политика
Слики: Sebastian Guerrini

Слични содржини

Квир / Култура / Теорија
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото