Господинот Хенри и енциклопедијата (1)

18.10.2018 14:41
Господинот Хенри и енциклопедијата (1)

Прашање

Господинот Хенри рече: Ако портокал дојде од стебло на јаболко, дали портокалот треба да го нарекуваме јаболко, или јаболковото стебло портокалово стебло?


Статистика

Господинот Хенри рече: Статистиката е создадена во Лондон 1662 година.

... и пред тоа постоеле случајот и повторувањата, но никој не ги воочувал.

Потоа господинот Хенри го почеша стомакот со показалецот од десната рака.

Господинот Хенри носеше црни панталони кои не стигаа до чевлите.

Господинот Хенри носеше стари кафеави чевли. И тие, одоздола, исто така не достигаа до панталоните.

Значи, тоа беше обострано: панталоните не ги достигнуваа чевлите, а ни чевлите не ги достигнуваа панталоните.

Восхитувачко поклопување, рече господинот Хенри, истовремено размислувајќи за важноста на статистиката, создадена во Лондон 1662 година.


Клупа во парк

Господинот Хенри беше во парк, пред неговата омилена клупа, на која седеше некоја жена и свиреше виолина.
Господинот Хенри ја прекина виолинистката и рече: Антонио Страдивариус бил најпознатиот градител на виолини.

... бил архитект на виолините.

... испробувал различни видови виолини додека не се решил за големината и обликот на денешната виолина Страдивариус.

... јас можев да бидам голем виолинист, но никогаш не научив да свирам виолина...

... но сепак, алкохолот е појавен многу пред виолините.

... многу пред виолинистите, постоеле луѓе уметнички вдахнати од алкохолот.

... и поради тоа, бидете љубезна и тргнете се од клупава со својата виолина.

... бидејќи клупава е моја ‒ рече господинот Хенри.

Помнење

Господинот Хенри седеше на клупа во парк, размислувајќи дали неговото тело ќе стане за да отиде да испие чаша апсинт.

Господинот Хенри рече: Мојата душа веќе станала.

Господинот Хенри потоа го погледна телото, обидувајќи се да го пронајде сопственото лице, но безуспешно.

... постојат делови од моето тело кои можам да ги видам со свои очи, а постојат и други, кои можам да ги видам само со помнењето.

... како помнењето да има очи, постари од двете други очи.
Господинот Хенри тогаш замолче.

И, по куса тишина, рече: Она што е сигурно е дека мојата волја веќе ја испила чашата апсинт, а јас не.

... мојата волја, во моментов, е попијана од мене.

... одам, значи, да ја стигнам ‒ рече господинот Хенри.

Господинот Хенри со брзо движење стана од клупата.

Еве ја, конечно одлуката. На апсинт! ‒ извика.

И почна забрзано да чекори.


Валута

Господинот Хенри најде прстен на плочникот.

Ох, рече господинот Хенри, можеби е прстенот златен.

Потоа го стави в џеб и помисли: Не е од злато, туку од шест илјади чаши апсинт.

... тоа е валутата на мојата земја.

И господинот Хенри се насмевна. Пронајде необично богатство.

Еве го првиот течен прстен во Историјата ‒ рече господинот Хенри.

 

Белешка за авторот

Гонсало М. Тавареш (Gonçalo M. Tavares), португалски писател, е роден 1970 година во Луанда. Професор е по епистемологија во Лисабон. Добитник е на голем број награди, а неговите дела во разни земји инспирирале други уметнички творби: театарски дела, краткометражни филмови, танц, видео записи, пластична уметност, опери, перформанси, архитектонски проекти и академски дисертации. Во 35 земји објавени се се над 200 преводи на неговите книги.

 

 

 

Избор и превод: П. В.

Слики: The Royal Art Lodge

Наслов на оригиналот: Gonçalo M. Tavares, O Senhor Henri e a enciclopédia, 2003.

ОкоБоли главаВицФото