Што по новиот извештај на ОН за климатските промени?

19.10.2018 00:29
Што по новиот извештај на ОН за климатските промени?

Пред три години во Париз на преговорите за климатските промени , светските лидери не успееја да утврдат колку покажува „термометарот на судниот ден“. Мотивирани од првенствено политички причини, претставниците на развиените држави, како опасно загревање го наведуваа просечниот раст на глобалната температура за 2 степени Целзиусови. Тоа не им беше прифатливо на островските земји како Малдиви и Маурициус, како ни на земјите во развој меѓу кои се Етиопија и Камбоџа. Овие држави одбија да ја потпишат сопствената смртна казна.

„Нема да го поддржиме договорот кој води кон сигурно исчезнување на нашиот народ“, рече претставникот на Барбадос. Островските држави заедно со речиси 50 земји кои се загрозени од климатските промени инсистираа на граница од 1,5 Целзиусови степени. На крајот беше постигнат компромис кој се состоеше од прифаќањето на двете гранични вредности. Имено, Парискиот договор ги повикува државите да го задржат глобалното затоплување под 2 Целзиусови степени и да се трудат да го одржат на границата под 1,5 Целзиусови степени.

Деновиве, научниот советодавен одбор на Обединетите нации ја изложи својата проценка на овие бројки. Извештајот на Меѓувладиниот панел за климатските промени (IPCC) предизвика општа и оправдана паника. Се покажало дека загревањето и од само 1,5 степен би можело да биде катастрофално, со последици како на пример: исчезнување на коралните гребени, иселување на милиони луѓе заради подигањето на нивото на морињата и глобалниот пад на земјоделските приноси. Покрај тоа, со оглед на моменталната количина на емисии, изгледа дека светот ќе го потроши својот „карбонски буџет“ од 1,5 степени уште во текот на следната деценија. „Тоа е како заглушувачки аларм во кујната“, изјави Ерик Солхеим, извршниот директор на програмата на ОН за заштита на животната средина за „Вашингтон пост“.

Но дали го слушаме алармот од кујната додека сите седиме во дневната соба и гледаме „Фокс вести“? Замолен да го коментира овој извештај, Доналд Трамо одговори: „Сакам да знак кој го составил, мисла која група го составила“. Неговиот одговор укажува дека претседателот никогаш не слушнал за IPCC, што е вчудоневидувачко, иако не и не неочекувано од него. Кога следниот ден Флорида беше погодена од силен ураган, врз чија разорна силина влијаело загревањето што е во тек, претседателот отпатува во Пенсилвнија да го поддржи републиканскиот конгресмен Лу Барлет, кандидатот кој ги порекнува климатските промени.

Иако остава впечаток на голема неспособност, оваа администрација во последните 18 месеци систематски ги гуши прописите кои треба да ја зауздаат емисијата на гасови со ефект на стаклена градина. Според некои проценки, со примена на еден од овие прописи кој налага поголема ефикасност при потрошувачката на горива за автомобилите и камионите – би се намалила емисијата на јаглен диоксид за 6 милијарди тони кај возилата опфатени со овој пропис. Но во својот неодамнешен извештај кој требаше да го оправда ублажувањето на стандардите на ефикасност, владата предвидува дека до крајот на векот глобалните температури ќе пораснат за 4 Целзиусови степени. Зошто тогаш некој би се грижел за некои тричави 6 милијарди тони? Да ја дочекаме апокалипсата со моќни автомобили.

Се чини дека Врховниот суд не планира да реагира на штетното резонирање на владата. Пред две недели ја одби жалбата на понизок суд за хидро-флуоро-јагленороди (HFC), веројатно најопасните гасови со ефект на стаклената градина. Понискиот суд го укина прописот од времето на Обама со кој се ограничува употребата на HFC, кој главо се користи за ладење. Одлуката на понискиот суд, во склад со дистопискаталогика на нашето време, ја иницирал Брет Кавано.

Освен што предупредува дека загревањето од 1,5 степен ќе биде катастрофално, IPCC порачува и дека тоа е неизбежно. „Не е забележан историски преседан“ на изведување на толку крупни промени како што се оние кои се неопходни за да се спречи она што нè очекува. Покрај промената на начинот на производство и дистрибуција на електричната енергија ширум светот, неопходни се и суштински промени во транспортот, земјоделството, домувањето, инфраструктурата и тоа пред денешните деца што имаат две години да тргнат во средно училиште. Како што тврди IPCC, за да успееме да го ограничиме затоплувањето на 1,5 степен, глобалните емисии на јаглерод диоксид, сега околу 40 милијарди годишно, би морале да се преполоват до 2030 година, а до 2050 година да паднат речиси на нула. Дури ни тоа не би било доволно. Сите можни сценарија на IPCC почиваат на „отстранување на јаглерод диоксидот“, односно врз технологиите кои од воздухот го отстрануваат CO2. Такви технологии постојат , но сè уште се како летечките автомобили - премногу скапи за производство како прототипови. Еден од нацртите на извештајот кој протече во јавноста бележи „висок ризик“ од загревање кое преминува 1,5 степен. Иако ова предупредување е тргнато од конечната верзија на извештајот, пораката е јасна.

Значи, постои искушение едноставно да се откажеме во духот на владата на Трамп. Но како што вели Едгар во „Крал Лир“: „Не е најлошо, сè додека можеме да кажеме – ова е најлошо“. Веројатно најважната поента од овој извештај е дека секој следен полустепен ќе го промени светот: кога затоплувањето ќе достигне 1,5 – 2 степени, земјоделските приноси ќе се преполоват. Бројот на морските рибници исто така ќе се намалат бидејќи нивната изложеност на екстремна топлина ќе трае три пати подолго. Како и обично, овие промени најмногу ќе ги погодат сиромашните. Фредерике Ото, в.д. директор на Оксфордскиот институт за промени на животната средина, неодамна изјави дека „половина степен дополнително затоплување прави огромна разлика. За оние што веќе се маргинализирани тоа може да биде прашање на опстанок“.

Додека го пишувам ова, затоплувањето за два и пол, три, или според администрацијата на Трамп, четири степени е реална можност. Ако ги погледнеме трендовите, последната бројка делува најреално. Емисиите на јаглерод диоксид на глобално ниво пораснала во текот на минатата година, а се очекува дека оваа година ќе продолжат да растат.

Размерите на катастрофата што нè очекува зависи од нас.

Извор: The New Yorker

 

ОкоБоли главаВицФото