Нема помирување со криминалци

18.10.2018 23:46
Нема помирување со криминалци

 На оваа држава не ѝ е потребно помирување, туку ѝ е потребен процес на прочистување. Прочистување од партискиот начин на размислување, од партиското договарање и политичкиот, наспроти правниот модус на градба на државата.

Во ниту еден момент од своето постоење како самостојна држава, Македонија не влезе во правните води. Политичките елити ја внесуваат Македонија од една во друга криза, и одново и одново ги уверуваат граѓаните дека, еве, баш во овој момент, се носи она најсудбоносното од сите судбоносни решенија, решение со кое се одредува целокупната иднина на државата.

За политичките партии кризата стана начин на нивното опстојување, начин на избегнување на одговорноста и начин на опстојување на власт без резултати кои се поврзани со интересите на граѓаните.

Охридскиот договор понуди политичко решение без правна завршница и оневозможи градење на правната држава во која ќе бидат промовирани демократските вредности.

Тој продолжи да живее и покрај постоењето на промени во Уставот и законите. На тој начин, наместо да ја градиме државата врз цврсти темели на владеење на правото, ние ја градевме врз живиот песок на партиското договарање и пазарење и делење на колачот.

Пржинскиот договор беше партиски октроиран договор кој понуди моментални решенија кои сега продолжуваат да влијаат како фактор на доминација на политичко-партискиот за сметка на правниот модус.

Ниту еден од овие договори не ја внесе Македонија во водите на владеењето на правото и постепеното градење на системот на демократски вредности. Напротив, секој од овие договори отвори врата на политичкиот дил како единствен начин на водење на државата.

Преспанската спогодба и Референдумот понудија можност да се излезе барем колку – толку од тој затворен круг, од таа стапица, меѓутоа, наместо излезот да го побараме во правото, беше понудено помирување.

Понудата за помирување не само што ја маргинализира штетата нанесена од страна на поддржувачите на режимот на Груевски, туку ја продолжува и праксата на избегнување на одговорноста за несоодветните потези и за ненавремените промени.

Имено, владејачката структура не создаде услови за расчистување со криминалот на претходната власт (реформа на судството, моќен Јавен обвинител, способен Уставен суд, независна антикорупциска комисија, бескомпромисен Народен правобранител).

Владејачката структура не се зафати со пописот на населението и со прочистувањето на избирачкиот список како приоритети, со што го обесмисли референдумот во врска со договорот со Република Грција.

Последниот повик за помирување ја обесмислува основната линија на побуната на граѓаните против режимот на Груевски кој беше и се перципира како семи-фашистички со големи примеси на мафијашко делување.

Не се помируваш со криминалци туку градиш правен систем кој ќе ги санкционира прекршувањата на правото. Било кој повик на помирување во моментот значи омаловажување на повеќегодишната борба во која беше канализиран револтот на граѓаните.

Целта дефинитивно ги определува средствата. Доколку за цел имаме градење на демократско општество во кое владее правото, криминалот го санкционираме, а криминалците ги ресоцијализираме. Не се помируваме со нив.

Слики: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа