Астрономи

19.10.2018 11:48

Нагло поминува зимата.
Експлозии по каменоломите.
Без свест за тоа да имаат
се будат од сонот астрономите.

Пролет — и снегот се топи.
Се шират билните вражбини.
Се наведнуваат над телескопи
бришејќи ги од пајажини.

На ѕидовите цути мувла.
По аглите глувци се будат.
Излегуваат од ѕвездените дувла
кентаури и други чуда.

Се фаќа магла на леќите.
'Рѓаат инструментите скапи.
Сè повеќе ги свиваат плеќите
составувајќи го својот запис.

Ноќното небо ги храни.
Земјата им е зад тилот.
Се шират, невидливи за нив,
соѕвездијата на хлорофилот.

Далечната ѕвезда свети.
Нивната мисла кружи:
има ли на другите планети
глувци и мувла, ружи?

Телескопите пропаѓаат.
Знаењата им се штири.
Дали нови ѕвезди се раѓаат?
Дали вселената се шири?

Не им достасува силата.
Раката им е слаба и сува.
Ги поправаат очилата,
забележуваат: се шета мува.

Се губи некаде Андромеда.
Ѕвездите постојано бегаат.
Ништо не им се гледа.
Гаснат Лира и Вега.

Наесен лисје од буката
паѓа врз каменоломите.
Со сон непознат на науката
заспиваат астрономите.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото