„Градот“ - изложба на дванаесет студенти од ФЛУ

19.10.2018 13:27
„Градот“ - изложба на дванаесет студенти од ФЛУ

Во организација на Центарот за современи уметности Скопје, на 19 октомври во 19,30 часот во Мобилната /Монтажна галерија (локација: Парк на Франкофонија) ќе биде отвореан изложбата „Градот“ на дванаесет студенти на ФЛУ.

Се работи за уникатно визуелно дело, резултат на заедничката работа на група од дванаесет студенти од Катедрата по графика, на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Младите креативци своите доживувања и асоцијации за градот (кој не е место на раѓање и живеење на сите учесници), ги прикажуваат преку цртеж, кој потоа е транспониран во графика преку техниката сито печат. Графиките покрај на хартија ги отпечативме и на текстил, односно на маици, во лимитиран тираж. Маиците, како носители на отпечатокот, се воедно и секојдневен симбол за урбаното живеење, неодминлив дел од поп културата, медиум кој веќе со децении е исклучително податлив за себеизразување.

Секој учесник е претставен преку маица. Дванаесетте маици со сито-отпечатоци спакувани во вакуум кеса формираат уникатно групно уметничко/визуелно дело – вид на уметничка книга, исполнета со лични визии и размислувања за градот Скопје. „Книгата“ од маички е продуцирана во лимитиран тираж од 3 примероци.

Соочувањето на идните потенцијални ликовни/визуелни уметници со можност за јавно изнесување на свои ставови и размислувања, како и неконвенционално изложување на своите дела во необичната „Мобилна/Монтажна галерија“, која се наоѓа во јадрото на градот на кој му е посветен овој проект-дело, соодветсвува со целите на вон-наставните истражувачки и уметнички проекти на Факултетот.

Проектот „Градот“ ги истражува можностите на поврзување на графиката, книгата и развивањето на ликовен концепт. Осмислен е и реализиран под менторство на проф. д-р Славица Јанешлиева-Бачварска, со стручна помош од проф. м-р Ладислав Цветковски и експертот за сито-печат г-ин Душко Стојановски.

Учесници/автори: Аврамовски Иван, Блажева Леона, Иванова Петранка, Камчев Мартин, Мусли Бурџу, Николовски Стефан, Русевска Јана, Секулоска Ивана, Симовска Христина, Соколовска Анџела, Стоилковски Дејвид и Христовска Ивана

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство на култира на РМ, Град Скопје и Општина Центар