Стивен Данком: Утопија ќе има кога луѓето сами ќе го изградат општеството

20.10.2018 00:05
 Стивен Данком: Утопија ќе има кога луѓето сами ќе го изградат општеството

„Во 2009 година, познатиот чилеански уметник Алфредо Жар го направи еден од своите највпечатливи проекти.

Иако Шведска за многумина делува како Утопија, бидејќи граѓаните добиваат квалитетно образование и здравство, овој уметник сфатил дека тамошните луѓе ги имаат сите придобивки, но само бидејќи некоја компанија или државата им ги дала.

Жар согледал дека на овие луѓе им недостасува музеј. Па така, го изградил музејот, се одржало свечено отворање со сечење црвена лента и огромна публика и во рок од 24 часа го запалил и си заминал.

Звучи заебано, но неколку недели подоцна, добива повик од градоначалникот и тој му вели дека за првпат во историјата на градот, граѓаните се собрале и побарале нешто. Тие сакале музеј. Со уметноста тој ја разбуди имагинацијата кај луѓето. Тој ги натера да замислат каков би можел да биде музејот, но бидејќи е уметник тој дури го изгради и потоа им го одзеде. Со тоа тој им вели – ако чекате да се појави музеј, нема да биде ваш. Ако сакате, ќе треба да разговарате со градоначалникот и да го побарате“.

Случајот со Жар и неговиот уметнички експеримент служи како пример кој професорот Стивен Данком им го раскажува на своите студенти на Универзитетот во Њујорк и на своите соработници во Центарот за уметнички активизам.

Тој одржа предавање во Музејот на современа уметност на тема „Уметноста на политичката имагинација“. Со тоа музејот ја најави својата нова програма „Радикално образование“ чија цел ќе биде да поттикнува критичко размислување.

Тој во интервју за Радио МОФ зборува за уметноста како алатка за менување на перспективата за светот, но на начин што ќе допре до емоцијата на луѓето. Според него, уметноста отсекогаш испраќала пораки, кои не мора секогаш да бидат директно поврзани со политика.

„Илјадници години црквата имаше монопол врз вистината, а од 20 век тоа е државата. Со порастот на интернетот тој монопол на вистината е уништен. Сега имаме илјадници приказни кои постојат. Мислам дека е важно истражувачкото новинарство, мораме да ја знаеме вистината, но сама по себе не е доволна. Она што треба да се направи, е таа да се поврзе со луѓето и мора да ја почувствуваат и да ја размислат. Уметноста тоа може да го направи добро, може да ја земе вистината и да раскаже приказна“, вели Данком.

Според него, секој може да биде автор или уметник. Смета дека тоа не е нешто што треба луѓето да го остават на експертите. Во овој контекст, ги споменува алтернативните медиуми кои, како што вели, служат за да покажат дека секој може да биде репортер или писател.

„Уметниците мора да се прашаат – Како пораките да направат влијание, за да не станат дел од буката. Уметноста е дел од тоа и може да создава спектакли, може да поместува искуства, да создава наративи и да ги допре луѓето лично“, вели Данком.

Професорот по културни студии имал прилика да ја посети државата и да работи со македонски активисти пред четири години.

„Најголемиот впечаток што го имав кога дојдов е дека беше една од најдепресивните држави во кои сум бил. Активистите беа толку ‘отепани’, ништо не беше можно. Кога се вративме, откако се случи Шарената револуција, беше како друга држава. Луѓето чувствуваа дека работите може да се променат. Мислам дека една работа за Македонија која ја почитувам е тоа што на некој начин ја создадовте иднината на бившата Република Македонија“, смета Данком.

„Нашата земја [САД] влегува во она што вие го имавте пред десет години, а јас не гледам дека во скоро време ќе се случи некоја Шарена револуција. Мислам дека она што се случуваше во Македонија изминатата година е навистина извонредно“, додава.

Данком е еден од основачите на Центарот за креативен активизам во Њујорк, каде активистите и уметниците се спојуваат во заедничка задача.

„Кога работиме со уметници, секогаш ги прашуваме, ова е одлично, но која ви е стратегијата за промена, како да го направиме животот подобар на пример за ЛГБТ лицата? Што сакаме да постигнеме и како вашата работа ќе достигне до тие цели? Активистите, пак, поинаку го поставуваат прашањето. Тие разбираат кои се целите, кои закони мора да се сменат и како. Но, ние ги прашуваме како ќе допрат до луѓето? Како ќе ја разбудат нивната имагинација?“, појаснува Данком.

Тој соопшти дека работи со група македонски и албански уметници за создавање на Центарот на Западен Балкан за креативен активизам. Целта е, како што вели, да се создаде континуитет на уметничкиот активизам. Други да ги научат тактиките и да се создаде традиција на урбани акции во државата.

За актуелното прашање околу пристапувањето на државата кон европската заедница, тој ќе рече:

„Прашањето што го поставуваме постојано кога работиме со активисти и уметници е – во ред, го направивте тоа, што е следно? Ајде да ја прашаме оваа влада – во ред, стануваме дел од ЕУ, што е следно? Факт е дека може да ја погледнете Бугарија, или Албанија, и ќе речете, во ред тие имаат повеќе слобода за патување, имаат повеќе фабрики и добра, но тие не се утопија. Затоа, мора да постои барање од граѓаните за политичка имагинација. Ние бараме вие да замислите друг свет“, вели Данкомб.

Како за споредба го спомена проектот „Скопје 2014“, за кој вели дека е „фантасмагорична утопија од минатото, но е визија, иако грда, корумпирана и лоша“.

„Европската Унија нема да ја промени Македонија толку многу. Ако сакате поинаква Македонија, треба сами да ја изградите. Лично сметам дека ЕУ ќе помогне, подобро е да се биде дел од неа, но таа нема да создаде утопија. Утопијата ќе се создаде кога ќе има енергичен музеј, кога ќе има уметнички заедници, кога ќе има општество создадено од самите луѓе“, додаде тој.

Извор: Радио МОФ

 

ОкоБоли главаВицФото