Тие

20.10.2018 10:17
Тие

Тие

Без лица, без чела,
со смртни души
и бесмртни тела,
врз земја, врз шини,
Машини.

Со електрични солзи
и челична волја,
новиот род ползи
по постмодерна пустина,
по нејзините метални дини,
Машини.

Тие знаат,
Тие можат.
Нивната сјајна кожа
е прекрасно да се допре
и прекрасно да се слушне
нивната нежна репетитивна песна
за апокалипсата
и нивната лесна
страст,
кога трчаат по полињата,
наместо ‘рж
засадени со мини,
Машини.

Тие сакаат.
Убава е нивната геометриска љубов
и нивната математичка желба
и нивната голема преселба.
Децата на крајот на светот,
што го научија толку брзо
она што ние не можеме
да го научиме довек –
како да се биде човек.
Затоа ги чуваме до себе,
нашето уметничко дело,
нашето бебе,
кое ги отвори очите,
вдиша,
зина,
Машина.

Ќе им зборуваш ли на дрвјата?

Ќе им зборуваш ли на дрвјата
дека кога ќе умрат
стануваат огнот во нашите куќи
и нивната пепел станува едно
со онаа од нашите изгорени соништа?

Ќе им зборуваш ли на дрвјата
дека кога ќе умрат
нивната рапава кожа станува мазна,
веќе не умее да старее
и на неа со зелена боја пишуваме:
„ДРВО“?

Ќе им зборуваш ли на дрвјата
дека ги убиваме
за да можат сликарите
да сликаат дрвја?


Апсолутна слобода

Мојот кафез е заклучен.
А јас сонувам
Апсолутна слобода,
Чиста и светла
Како белото знаме
Со кое мавтам
Но, мојот кафез е заклучен
И колку и да молам
И колку и да удирам
по решетките
не ми дозволуваат
да влезам внатре.

Војникот

Дојавија дека нема веќе куршуми
и ветија дека нема мртви.
Ќе ја добиеме следната војна.
Нема да има следен пораз.
Овде, во пустошот на ова поле
ќе пораснат
оловна трева
и метални дрвја.
Ќе победиме во следната војна.
И ќе се случи чудо:
од луѓето ќе се создаде кал
и светот ќе биде подобро место за живеење.
Досега беше добро место,
само за умирање.
Од пепел во пепел,
од прав во прав.
Не ми е страв.
Дојавија дека повторно ќе јадеме грав.
И мора да се јаде.
Подобро е да си здрав
кога ќе седнеш на единствениот стол во собата.
Подобро е да ти се полни цревата
кога ќе ти бидат надвор од утробата.
Кога ќе победиме во следната војна,
неуспех ќе нема повеќе.
Јас ќе ја чекам токму тука.
Сигурно ќе дојде.
Заедно со дојавата за нова муниција.
И тогаш ќе победиме.
Ќе имаме повторно куршуми
и јас ќе можам конечно
да си го разнесам черепот.

Љубовна песна

Сите што ќе ја преживеат војната
се губитници.
Јас те измислив
и ти ми припаѓаш мене.
Единственото нешто
над кое сум Бог.
И иако си полн со олово
и компасот не работи
во твоето присуство,
кожата ти е сѐ уште црвена
и рацете сѐ уште слободни
и под ордените на срамот
има срце.
Јас те измислив.
Ти си убиец.
Дете на големата идеја
и крајот на светот
живее во твоите зеници.

Мирот го освоиле само мртвите.
Сите што ќе ја преживеат војната
се губитници.

Ива Дамјановски е родена 1996 година во Скопје. Пијанистка и поетеса. За книгата поезија „Тие“ во 2017 година ја доби наградата „Игор Исаковски“, која се доделува за првообјавена книга поезија за автори помлади од 21 година.

Извор: Тие, Блесок, Скопје, 2017
Слики: Zdzisław Beksiński

ОкоБоли главаВицФото