На забар

20.10.2018 12:44
На забар

Металните инструменти светкаат на послужавникот
како сеќавање на кошмар.

Ракавици на рацете, маска на устата
и тој станува безличен егзекутор,
стручњак за болка.

Неговата игла со болка ја залажува болката
ама дупчалката не е сигурна во тоа,
запнува да не бидне ништо од работата.

Иследничката ламба ми е вперена в лице,
морам да признаам, месото е слабо,
се чувствува.

Плукам крв како одговор.
Тоа е сѐ што се осмелувам да кажам.

Устата ми е запечатена
со калапот за вилици.

Потоа сѐ внимателно бележи
во мојот картон.

„Забот ти е сега
како нов“,
вели
со насмевка на горд демиург
што веќе си го сметнал ритуалниот накит.

Отидов без да се свртам,
надевајќи се дека никогаш нема да се вратам.

Ама времето и шеќерот имаат свои начини,
ќе бидам преслаб
и еден ден ползејќи ќе се вратам
преколнувајќи за милост, молејќи
неговиот стерилен метал
да ме ослободи од болката.

Арвис Вигулс (1987) е летонски поет, литературен критичар и преведувач. Има објавено три книги, а неговата прва книга поезија, Соба (2009) е прогласена за книга на годината во Летонија. Како преведувач на летонски има објавено преводи на Јосиф Бродски, Васко Попа, Федерико Гарсија Лорка, Волт Витман, Вилијам Батлер Јејтс и други.

Слика: John Collier

Превод: Еѓуп Скокотле

ОкоБоли главаВицФото