Пирови победи на патот во Европа

22.10.2018 15:45
Пирови победи на патот во Европа

Повеќе од четири илјади деноноќија македонското општество трпеше порази од мафијашката партија-држава на ВМРО. Оваа епска трагедија го испразни нашево напатено земјиче од неговите најважни и бесценети блага: од младината што избега од земјата, од културата на солидарност и соживот, од моралните вредности и од надежта за подобра иднина. Материјалните траги од овие порази денес како отворени гнојни рани ни го дефинираат идентитетот: нашата престолнина стана светски позната депонија на најгротескниот архитектонско-скулпторален кич од кој еманира свежа реа на вмровскиот фашизам; ние, поданиците на „заробената држава“, со чиишто пари е изградено ова чудовиште, го носиме „Скопје 2014“ како личен белег со кој се препознаваме во целиот свет како нација на кретени, што во сопствената земја не можат да го одбранат ниту своето културно наследство, ниту сопствената историја, а ниту пак консензусот околу основните факти за своето постоење; земјата е сурово ограбена од мафијата на ВМРО, а институциите на државата се сеуште потполно декапацитирани и дисфункционални.

Сепак, минатото лето, со здружени граѓански и политички сили, и со значителна помош од нашите пријатели од странство, успеавме да оствариме изборна победа над режимот, тенко парламентарно мнозинство и нова извршна власт, што почна да реди и други победи над огромното метастазирано мафијашко-партиско чудовиште на ВМРО, кое, се разбира, беше само нежно обезглавено, но не и победено, не и демонтирано. Најголемата победа на новата власт беше неочекуваното и запрепастувачки елегантно и брзо решавање на заложничката криза што ни ги затвораше вратите во евроатлантските интеграции. За сите овие победи новата власт плаќаше висока цена, зашто власта ја презема под услови што од самиот почеток се покажаа како неодржливи: услови кои диктираа дека власта треба да ја третира злосторничката партија ВМРО како легална опозиција, дека во државната администрација не треба да замени ниту еден државен службеник, дека не треба да го „дразни“ фашистички ориентираното население со расчистување на архитектонските фекалии од центарот на престолнината, дека не смее да направи генерален реизбор на судии и обвинители, дека треба да го одржува правниот и фискалниот континуитет по сите бразди што ги заора претходниот криминален режим и дека промената на до малоумност нефункционалното законодавство треба да се менува полека, рака под рака со злосторничкото здружување како легален и легитимен политички опонент и партнер.

 

Затоа, сите овие победи што ги нанижавме во битката со вмровското зло – без оглед на исходот на тешката парламентарна битка за почеток на уставните промени, што е во тек додека се испишуваат овие редови – до тегобност несопирливо ме потсеќаат на веќе пословичните Пирови победи пред 23 века. Се сеќавате, почитувани читатели, нели? Кралот Пир од Епир, успеал да влезе во историјата славно победувајќи во две битки против Римјаните, во битката на Аскулум во 279 п.н.е. и една година подоцна, во битката кај Хераклеа. Но, историјата не го памети Пир поради победите над тогаш растечката римска воена моќ, туку поради зборовите што ги изговорил по победите. Според Плутарх, тие зборови биле: „Ако ги победиме Римјаните во уште една битка, ќе бидеме потполно уништени.“ Пир всушност ја коментирал огромната цена што ја платила неговата армија за добиените битки: губитокот на 15 000 војници, поголемиот дел од активната војска, и погибелта на скоро сите Пирови команданти и пријатели, што веќе на никаков начин не можел да ги надокнади. Така Пировата победа за сите времиња стана синоним за победа која повеќе личи на пораз, зашто според жртвите што се дадени за неа, во ништо не се разликува од него.

Цената што Македонија и ја плаќа на ВМРО веќе сега ги претвора во Пирови победи сите досегашни и идни нејзини победи на патот кон геополитичката безбедност и безусловното меѓународно признавање. Зашто, самата политика на континуитет и признавањето на ВМРО-ДПМНЕ за легална партија и активна опозиција, практично значи комплетна амнестија на злосторничката партија за сите злостори што ги сторила како криминална организација – како и мафијата, и како и сите фашистички партии – кога се поистоветила со народот и државата, ги заробила и злоупотребила, и потем ги ограбила и уништила. Општата амнестија што е безгласно но безусловно прогласена над целото ова злосторничко здружување, ги поништува и суштински и практично сите можни победи на патот кон Европа. Донесените измени на законот за влада, на пример, во кои моделот на таканаречената „пржинска влада“ стана општа норма за сите избори, се можеби најгротескниот пример за самоуништувачката димензија на нашите „победи“. Со овој самоубиствен политички подарок практично се легализираше децениската злоупотреба на власта од страна на ВМРО, односно таа стана моралниот, политичкиот и правниот стандард за сите идни влади, без оглед што тие можеби нема да посегнат ниту по делче од монструозните злоупотреби на вмрото.

 

Но, да се разбереме, почитувани читатели, не ни помислувајте дека чувствувам омраза кон ВМРО: јас дури не ги сметам ниту за виновни за злочините што ги сторија! Тие се смрт за Македонија како што филоксерата е смрт за виновата лоза, како што тоа за компирот е компировата златица или како што за човекот е вирусот на еболата: тоа се штеточини во чиишто гени е запишана смртта на нивниот домаќин. Не се тие виновни, туку сите оние што не ја препознаваат природата на вмровското Зло: нашите ментори од меѓународната заедница и ние останатите што ги оставаме да уживаат во амнестијата, ушушкани во купот украдени пари, во украдената Куќа на фашизмот, пред која жубори украдената јавно-партиска фонтана со еректираниот јавно-партиски споменик среде неа.

Монтажи: Александар Дојранлиев
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото