Почина херојот кој ги спречи плановите на нацистите за атомска бомба

23.10.2018 01:37
Почина херојот кој ги спречи плановите на нацистите за атомска бомба

Јоахим Ронеберг, норвешкиот херој кој го предводеше големиот напад против нацистите во родната земја, почина во неделата на 99 годишна возраст.

Како млад војник во 1943 година, тој беше одбран да ја предводи Операцијата Ганерсајд, со која беше уништен дел од Хидроцентралата Норск, а со тоа беа спречени и плановите на Германија да развие програма за производство на атомско оружје во текот на Втората светска војна.
„Ронеберг е веројатно последниот од најпознатите борци на отпорот кој не напушти“, изјави норвешкиот премиер Ерна Солберг. „Тој е еден од нашите големи херои“.

Тајна мисија

Роден во 1919 година во градот Алесунд, Ронеберг побегнал од Норвешка по германската инвазија во 1940 година, и станал дел од тренингот на норвешките сили на отпорот во Британија. Се вратил во окупираната татковина во февруари 1943 за да го предводи шестчлениот тим во нападот врз Хидроцентралата Норск на југот на земјата.

Централата била од големо значење затоа што била единствената во светот која во тоа време произведувала големо количество на „тешка вода“- клучна за развој на атомско оружје.

Роненберг и неговиот тим со падобрани се спуштиле на планинското плато до масовно бранетата цел, успевајќи да се провлечат во централата и да постават експлозиви во делот каде се произведувала тешка вода. Откако експлозијата ја разнела централата, тие успеале незабележано да се извлечат и да избегаат стотици километри во планините.

Успеале да избегнат заробеништво, иако по нив трагале околу три илјади германски војници. Две недели подоцна, Ронеберг успеал да пребега во Шведска, која во војната била неутрална.

Јавна личност

Храбрата акција беше екранизирана во 1965 година во холивудскиот филм Хероите на Телемарк, со Кирк Даглас во главна улога, а на темата се објавени и повеќе книги и ТВ серии.

По завршувањето на војната, Ронеберг започнал да работи како радио новинар и одбиваше да зборува за периодот на отпорот. Дури неколку децении подоцна, во 1970-те, тој му стави крај на молкот и започна отворено да зборува за опасностите на војната и тоталитаризмот.

 Извор: DW