Париска прошетка со Бодлер

23.10.2018 13:41
Париска прошетка со Бодлер

Молњевитиот развој на европските градови во втората половина на 19 век во книжевноста се одразил со цела низа нови теми и мотиви што можат да се сведат на поимот фланеризам. Во есејот Сликар на модерниот живот Бодлер слика фигура на уметник шетач, фланер (фр. flâneur = шетач), принц на метрополата, кој во мугрите на индустриското општество безработно шета низ градот трагајќи по особениот квалитет „на она нешто што ќе ми дозволите да го наречам модернитет“. Иако Бодлеровиот фланер непосредно се однесува на сликарот Константин Гис, тој урбан шетач станува метафора за модерен уметник. Негова престолнина е Градот на светлината, граѓанскиот Париз, кој во тоа време, благодарејќи на големата Османова преградба (1853 – 1870) од град со кривулести мрачни улици прераснува во еден од најмодерните европски градови со бројни паркови, остаклени градски премини (пасажи) и широки авении.

Иако во клучот на фланеризмот можат да се разгледуваат и Бодлеровите Цвеќиња на злото, во целост произлезени од велеградското милје (особено поглавјето Париски слики), фланеристичките мотиви најнепосредно доаѓаат до израз во збирката песни во проза Сплинот на Париз (1869), нов книжевен вид, кој за време на животот на поетот (а и долго потоа) наишол на широка рецепција. Иако таа книга денес е во сенка на славната збирка на Бодлер, треба да се нагласи дека не било секогаш така, за што сведочи и хрватската рецепција на Бодлер – до 20 век на хрватски од Бодлер не можело да се прочита ништо освен (во периодиката објавени) песни во проза, и пред првиот превод на Цвеќиња на злото (Матица хрватска, 1961) се појавиле дури два превода на Мали песни во проза (1920 и 1955).

Во таа збирка, која може да се чита како голема париска прошетка, Бодлер пред цел век и пол создал нов, модерен книжевен израз, тематски и стилски потполно прилагоден на модерното време, кој непосредно го доловува сложениот уметнички сензибилитет на граѓанинот на Европа, својот современик. Она што кај Сплинот на Париз особено фасцинира, e фактот дека и покрај оддалеченоста од 150 години, тие текстови одговараат на сензибилитетот и на нашето време – неупатениот читател при првиот допир со некоја од тие песни би можел да помисли дека е напишана вчера.

Во продолжение ќе претставиме неколку примери од збирката. Ќе ги набљудуваме низ насловниот (лајт)мотив на книгата – сплинот, таа „главна болест на цивилизираната душа и нужно зло на секоја виша култура“, како што ќе запише првиот и најголем хрватски фланерист, А. Г. Матош, кој на преминот од 19 во 20 век ќе го претстави и ќе го воведе во хрватската книжевност мотивот и фигурата на фланерот (а и Бодлер воопшто). Зборот spleen (клучен во Цвеќиња на злото), обично се преведува како „тага, јад, здодевност, смраченост, мрзоволие, нажаленост“ (Б. Клајиќ). Внимателниот читател на Сплинот на Париз и на Цвеќиња на злото ќе забележи дека е тоа само дел од значењата, кои можат да се градираат од здодевност и незаинтересираност, преку осаменост, намуртеност и зловолја, самотија, тегоба, меланхолија и разочарување, до конечна резигнација.

Сплинот како досада

Сплинот како досада, смраченост или, пак, вишок слободно време е најчест поттик за фланирање. Појдовната точка на оваа кратка прошетка низ Бодлеровиот фланеризам во Сплинот на Париз ќе ја сместиме станот на поетот (Лошиот стаклар), каде што фланерот едно утро се буди „мрзоволен, смрачен и уморен од безделничењето“ и го опишува специфичниот тип човечки природи „исклучиво сонувачки, за дејствување целосно неспособни“, кои досадата ги поттикнува на „јуначки подвизи“. Признава дека и самиот често бил „жртва на таквите растроени душевни состојби“, правдајќи ги иронично со злодуси. Дава пример: тоа утро го отворил прозорецот и на улицата видел стаклар. Следува синестезичен опис на екстериерот: „Низ тешкиот, валкан париски воздух допираше до мене неговото продорно, врескаво викање. Не можам да разјаснам зошто кон тој јадник веднаш ме обзеде толку груба омраза“. Поетот, „обземен од подмолна радост“, му се обраќа и го повикува во својата соба на катот. Кога стакларот конечно се качил, авторот ги погледнал неговите стакла и гледајќи дека во неговата понуда нема обоено, викнал: „О, створу бесрамен, па уште се осмелуваш да шеташ по квартовите на сиромаштијата, а не поседуваш ни стакла низ кои животот се гледа убав!“ Откако го избркал стакларот, поитал на балконот по саксија и штом овој ѕирнал од зградата, го погодил, кршејќи му целиот негов „беден имот“. На крајот заклучува: „Таквите шеги на разиграните нерви имаат и свои опасности, а често и скапо се плаќаат. Ама што му значат и маките вечно проклетство на оној што во еден миг доживеал безмерна наслада.

На опасноста за која поетот зборува наидува во текстот Да ги претепаме сиромашните. Во него поетот претепува слабичок просјак што го изгњавил со просењето, по што од тоа „прастаро дртало“ си го добил во иста мера. Но, иако изненаден и претепан, фланерот е „задоволен како софист од атинската стоичка школа“.

Типичен фланеристички опис можеме да пронајдеме во прозата Шегаџија во која поетот излегува на улица: „Во раскашавица од кал и снег минуваат по патот кочии во низа што нема крај. Отсекаде, низ мешаницата од развратници и неволници, блескаат играчки и бонбони. Започна прописното разулавување на велеградот, што е кадро да го вознемири духот и на најпостојаниот самотник“. Дознаваме дека низ тој заглушувачки метеж пргаво каска магарче терано од камшикот на суровиот кочијаш, по што следува описот на дендито: „Кога магарчето пристигна на аголот од улицата, таму каде што врти тротоарот, некој господски убавец, уракавичен и сиот нагизден, со ужасна кравата, со претесен, сосема нов костум, пристапи, ја симна шапката и свечено му се поклони на животното велејќи: ‘Ви посакувам Среќна Нова година!’ Потоа самосвесно се сврте кон своите другари, како да го очекува одобрувањето што уште повеќе би му го зголемило личното задоволство“.

Досадата како (лајт)мотив најнепосредно е опишана во Бодлеровата парафраза на Фауст, Великодушниот играч, каде што нашиот фланер, повторно како боем, во порочното париско подземје со алкохол и карти другарува и со Нечестивиот лично. Од разговорот помеѓу поетот и ѓаволот „за нашиот свет, за неговото настанување и неговото идно уништување, за големата идеја на овој век, то ест, за напредокот и усовршливоста“, дознаваме дека фланерот при играњето карти ја изгубил душата, која ја дал како влог, ама тоа не го загрижува премногу: „Душата е толку незначајна ситница, често бескорисна, а понекогаш баш пречи, па нејзиното губење помалку ме возбуди отколку при некаква прошетка да ја изгубев својата визит-карта.“ Следува необичен расплет: за да му го отштети ненадоместливиот влог на душата, врагот му подарува свој влог. Тоа е моќта целиот живот да ја ублажува и да ја совладува досадата, „таа необична болкичка, која е причина за сите ваши страдања и целиот ваш беден напредок“.

Сплинот како осаменост

Развојот на големите градови развил и нови општествени односи. Во социологијата на велеградот сосем новиот феномен, кој набрзо ќе се појави во книжевноста, бил масата луѓе. Во феноменот на масата фланерот бил нов вид човек – тој е поединец што внатре во масата непознати луѓе ќе пронајде простор за осама. „Толпата е царството на фланерот“, ќе запише Бодлер, „како што е воздухот царство на птиците, а водата царство на рибите (...) неговата страст и повик се во прививањето во толпата. За совршениот скитник, за страсниот набљудувач, огромно уживање е своето престојувалиште да го свие во бројот, во лелеавата променливост, во движењето, во минливото. Да не се биде дома, а сепак секаде да се чувствува како дома...“

Во мигот кога Виктор Иго ја слави масата како јунак во модерниот еп, Бодлер во велеградската маса за јунакот бара засолниште. За таква разработка на мотивот на масата Бодлер во Сплинот на Париз посегнува по неколку места, а најсистематски во песната Толпа, каде што истакнува: „Не му е секому дадено да се искапи во масата луѓе. Да се знае да се ужива во толпата е права уметност. Да се напојува со животна сила црпејќи од родот човечки може само оној кому вилата уште во лулка му има подарено склоност кон преоблекување и маскирање, и го вдахнуваат да го мрази постојаното живеалиште, а страсно да сака да патува“.

Масата луѓе и самотијата во поетот се во природна корелација, а на тој начин ги доживува поединецот издигнат над масата – поетот. „Кој може“, пишува Бодлер во Сликар на модерниот живот, „да се досадува во масата, тој е будала. Будала, повторувам, и тоа достојна за презир“. Бодлер, значи, ја гледа масата како простор во кој фланерот се реализира, па во Толпа продолжува: „Самотниот, замислен шетач црпи чудесна опојност од тоа општо соединување. Кој со леснотија се претопува со толпата, тој ги упознава грозничавите наслади што никогаш нема да ги вкуси ни себичниот, кој се затворил како ковчег, ни тромавиот немукаетлија, засекогаш повлечен во себе како полжав во својата куќичка. Само поетот ги усвојува, како да се негови, сите знаења, сите радости и јадови на кои ќе го намери случајот“.

Односот на мотивите маса и самотија поетот, кој сега и самиот се искушува, поинаку го развива во текстот Во еден часот наутро: „Конечно сам!“, викнува, по што следува акустична слика: „Не се слуша ништо освен татнежот на тркалата на понекои задоцнети и од скитање уморни кочии. Ќе проживееме неколку часа во тишина, кога веќе не можеме во спокојство. Конечно престана насилството на човечкото лице и само јас сега ќе бидам причина за своето страдање“. Завртувањето на клучот во поетот го интензивира чувството на осаменост, па по вторпат ќе заискри: „Ужасен животе! Граду грозен!“ Следува преглед на денот во кој фланерот одбил „да му направи незначајна услуга на пријател“, а „на префриганиот арамија“ му напишал писмена препорака. Боемот, кој во Лошиот стаклар и во Да ги претепаме сиромашните не покажуваше ни најмали знаци на грижа на совест, сега е гениј што го мачат етички дилеми и тегоби: „Незадоволен од сите, незадоволен од самиот себе, толку јарко би сакал да се откупам и барем малку за се вознесам во тишината и самотијата на ноќта“. Лекот се обидува да го најде во својот поетски гениј: „Господе Боже мој, дај ми милост да создадам уште некој убав стих, што мене би ми докажало дека не сум последен меѓу луѓето, дека не сум полош од оние што ги презирам!“

Сплинот како резигнација

Многу од Бодлеровите песни, што во стих, што во проза, претставуваат мотиви што сплинот ги соединува во призмата на разочарувањето и резигнацијата. Тука кај Бодлер особено се истакнуваат мотивите на негодувањето против модернизацијата, трагичните јунаци и сиромашните од работ на општеството.

За крај ќе претставиме само уште еден пример. Во песната во проза Очите на сиромавиот во полн сјај со сета сила извираат новите книжевни форми што Бодлер ги афирмирал. Вистинско мало ремек-дело, пред сѐ со нов, изненадувачки израз, блика од модерност, а неговата непосредност го прави близок по сензибилитет до денешниот читател.

Изненадува уште веднаш неконвенционалниот почеток: „Би сакала, значи, да знаеш зошто денес те мразам! Но тебе сигурно ќе ти биде потешко да сфатиш, отколку мене да протолкувам, зашто сметам дека си најсовршениот пример на женското непоимање што воопшто постои на светов“. Поетот по уводот го развива мотивот за пиење предвечерно кафе со својата одбраничка на терасата од новата кафеана на аголот од булеварот. Следува нејзината фланеристичка снимка: „Кафеаната сета блескаше. И само газиеното светло се распали со пламот на првиот настап, осветлувајќи остро заслепувајќи ја белината на ѕидовите, блесквите плотни на огледалата, позлатата на тркалезните украсни рабови и пластичните венчиња, насликани на буцкастите пажови што се натегаат со кучиња на јаженце, госпоѓи што му се смешкаат на соколот на рака, нимфи и божици со послужавници полни овошје, паштети и дивеч на главата, Хеби и Ганимеди што со подадена рака нудат мала амфора со чај или цел обелиск мешан сладолед во две бои – цела историја и митологија, која овде им се служи на ненаситниците“.

На тој раскош поетот му контрастира дијаметрално спротивна слика: „Токму спроти нас застанува на патот маж од четириесетина години, човек со изморено лице и пробелена брада. Со едната рака држи малечко детенце, а со другата, во прегратка, повиено некое ситничко чеденце, сѐ уште преслабо за да оди. Како дадилка ги извел своите дечиња на вечерниот воздух. Сите во партали. Нивните лица се необично сериозни, а шест очи зјапаат во новата кафеана со истото, само според добата различно изразено воодушевување“. Следуваат изразите на нивното воодушевување, по што добиваме увид во реакцијата на поетот: „Не само што ме трогнаа тие нивни очи, туку дури малку и се засрамив од тие чаши и шишиња што беа поголеми од нашата жед“. И доаѓа до кулминација: „И јас со поглед ги барам твоите очи, љубов моја драга, за во нив да прочитам своја мисла, па да се нурнам длабоко во тие прекрасни, чудесно благи, зелени очи, во тие од Каприц опседнати и од Месечина опчинети зеници, кога наеднаш прозборуваш: ‘Овие луѓе таму, што ги ококориле очите како ширум отворени капии баш ми се наподносливи. Не би ли сакал да го замолиш сопственикот на кафеаната да ги отстрани одовде?’ Ете гледаш колку е тешко, предраг мој ангеле, да се разберат луѓето, и како мислата е несоопштлива дури ни помеѓу битија што се љубат“.

Извор: Vijenac

Слики: Constantin Guys

Слични содржини

Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Општество / Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото