Самракот на демократијата (1)

24.10.2018 10:00
Самракот на демократијата (1)

Како историчар специјализиран за историјата на Холокаустот, нацистичка Германија и Европа во ерата на светските војни, често сум соочен со прашањата за тоа во која мера актуелната ситуација во САД потсетува на овој меѓувоен период и подемот на фашизмот во Европа. Споредувајќи ги овие два периоди, утврдив неколку вознемирувачки сличности и една значајна, но подеднакво вознемирувачка разлика.

Во дваесеттите години на минатиот век, САД воделе изолационистичка надворешна политика и одбивале да учествуваат во меѓународни организации како Лигата на народи. „Америка на прво место“ тогаш била „исклучиво Америка“, ако ги изземеме финансиските договори како плановите на Јанг и Доус, кои требало да обезбедат нашите поранешни сојузници да ги отплатат своите воени заеми. Во исто време, високите царини тешко ја погодиле меѓународната трговија, отежнувајќи ја исплатата на овие заеми. Нееднаквоста растела, богатството се концентрирало на врвот, а Конгресот и судовите одбивале да ги спроведат регулациите со кои граѓаните би се заштитиле од катастрофите предизвикани од разузданата слобода на претприемништвото. Истовремено, владата усвоила исклучително рестриктивна имиграциска политика која требало да ја зачува доминацијата на белите англо-саксонски протестанти од приливот на католичките и еврејските имигранти. (Различните мерки со кои се спречувала имиграцијата од Азија веќе биле на сила од 1882, односно 1917 година.) Благодарение на овие мерки, државата била неспособна да формулира конструктивен одговор како на Големата депресија така и на подемот на фашизмот, растечката закана по светскиот мир и бегалската криза која настапила во триесеттите години на минатиот век.

Денес, претседателот Трамп изгледа одлучен во намерата да ги исклучи САД од целокупните повоени структури, меѓусебно поврзани со дипломатски, воени и економски договори и организации кои од 1945 година ги чуваат мирот, стабилноста и просперитетот. Неговата склоност кон билатерални договори како ривалски односи на нулта сума, во кои тој е доминантниот играч кој „победува“ секогаш, се совпаѓа со идеолошките склоности на Стив Бенон и таканареченото alt-right движење кон непречено наметнување на себичниот интерес на автономните и ксенофобни национални држави – накратко, кон меѓународниот систем пред 1914 година. Оваа „меѓународна анархија“ ги произвела Првата светска војна, болшевичката револуција, Големата депресија, фашистичките диктатури, Втората светска војна и Холокаустот, значи токму оној вид катастрофи кои меѓународниот систем воспоставен после 1945 година, вчудоневидувачки успешно ги избегнуваше цели седум децении.

Заканувајќи им се со трговска војна како на противниците, така и на сојузниците, Трамп го оправдува воведувањето царини за сојузниците со изговор дека земјите како Канада претставуваат закана за нашата национална безбедност. Тој го комбинира своето константно омаловажување на нашите демократски сојузници со отворено воодушевување на авторитарните владејачи. Неговата наивна и нарцистичка убеденост во сопствената надареност за персонална дипломатија и неговата вера во значењето на ракувањето со луѓе како Путин и Ким Џонг-Ун, потсетуваат на несреќениот Невил Чембрлен (инаку човек во секој друг поглед различен од Трамп). За среќа, САД се толку цврсто заглавени во меѓународниот поредок кој го создаваа после 1945 година, а Републиканската партија и нејзините застапници од светот на бизнисот се толку исплашени заради заканите за слободната трговија што Трамп сè уште до крај не го спровел својот план за повлекување од меѓународните институции, иако за многу кратко време вчудоневидувачки брзо напредуваше во таа насока.

Друг аспект од меѓународниот период кој во голема мера наликува на нашата актуелна ситуација е изумирањето на Вајмарската република. Пол фон Хинденбург, избран за претседател на Германија 1925 година, во Вајмарскиот устав имал мноштво вонредни овластувања за одбрана на германската демократија во случај таа да се најде во сериозна опасност. Меѓутоа, наместо да ја брани, Хинденбург станал нејзин гробар, користејќи ги своите овластувања прво за да ги уништи демократските норми, а потоа и во сојуз со нацистите да ја замени парламентарната власт со авторитарно владеење. Хинденбург почнал да ги користи своите вонредни овластувања 1930 година, поставувајќи низа канцелари кои владееле со декрети, а не врз основа на парламентарно мнозинство кое, заради Големата депресија и хиперполаризацијата на германската политика, било сè потешко да се формира.

Заради сè помалубројната поддршка за традиционалниот конзервативизам не биле во состојба да спроведат авторитарна ревизија на уставот, Хинденбург и старата десница на крајот влегле во договор со Хитлер и го поставиле за премиер. Верувајќи дека ќе бидат во состојба да го контролираат Хитлер и дека тој ќе им обезбеди поддршка кај граѓаните, конзервативците на почетокот биле задоволни со остварувањето на својот план: поинтензивно вооружување, забрана на Комунистичката партија, суспендирање на слободата на говорот, печатот и собирањето, а потоа и самото парламентарно владеење, чистки во јавните служби и укинување на независните работнички синдикати. Не е потребно да се нагласи дека нацистите набрзо ги надминале целите на своите конзервативни сојузници кои се покажале немоќни да ги запрат во тоа.

***

Ако денес во САД постои фигура која историчарите еден ден ќе ја прогласат за гробар на американската демократија, тогаш тоа е Мич Меконел. Тој ја разгоруваше хиперполаризацијата на американската политика за годините кога Обама беше претседател да ги направи колку што е можно подисфункционални и парализирани. Како и во случајот со парламентарната блокада во Вајмар, блокадата на Конгресот во САД го поткопа почитувањето на демократските норми, овозможувајќи му на Меконел уште побезобѕирно да ги гази. Оваа повратна спрега најдобро се гледа од примерот на кршењето на традиционалните преседани во именувањето судии. Систематската опструкција на судските кандидатури во првиот мандат на Обама ги наведе демократите да го укинат филибастерот за сè освен за кандидатурата за Врховниот суд. Следеше блокирањето на кандидатурата на Мерик Гарланд од страна на Меконел, што беше постапка без преседан, за потоа токму тој да го укине филибастерот за кандидатурата за Врховниот суд, за да ја доврши „кражбата“ на местото на Скалија и да го потврди изборот на Нил Горсич. Екстремна политизација на процесот на судските кандидатури може да се види и во актуелниот процес за избор на Брет Кавано.

Може да се предвиди дека отсега нема да има позначајни именувања на судии доколку и претседателството и сенатот не се во рацете на иста партија. Меконел и нашиот дисфункционален и непочитуван Конгрес сега обезбедија подеднакво дисфункционално и непочитувано судство, а уставната рамнотежа помеѓу трите гранки на власта е во опасност.

Какви тајни сомнежи и да имаат Меконел и традиционалните републиканци за карактерот на Трамп, неговиот стил на владеење и можната вмешаност во противзаконски дејства, тие отворено им се радуваат на добивките што ги оствариле соработувајќи со него и неговата база: огромни намалувања на даноците за богатите, финансиска и еколошка дерегулација, кандидатури (засега) на двајца конзервативни судии од Врховниот суд и мноштво судски именувања од редовите на конзервативците, како и значајно намалување на државно финансираното здравствено осигурување (иако не и тотално укинување на Обамакер на кое се надеваа). Како и конзервативните сојузници на Хитлер, Меконел и републиканците се гордеат со брзо стекнатите дивиденди на својата инвестиција во Трамп. Дури ни комбинацијата на самопонижувањето пред Путин во Хелсинки, срамното раздвојување на семејствата на границите – сосема спротивно на законот за азил (да не ги споменуваме основните хуманитарни принципи и републиканското колнење во „семејните вредности“), и најнеодамнешниот настан, обвинувањето што го изнесе Мајкл Коен против Трамп за кршење на законот за финанситање на кампањата, не успеа да ја разниша лојалноста на старата републиканска гарда. Затоа има малку надеж дека дури и евентуалните скандалозни наоди на истрагата на Милер би можеле да го раскинат овој сојуз.

Но, потенцијалното влијание на извештајот на Милер укажува на уште една злобна личност од меѓувоениот период, која може да се согледа во начинот на кој токсичните поделби во внатрешната политика доведоа до целосен пресврт на претходните политички ориентации. Меѓу другото, и Мусолини и Хитлер дошле на власт затоа што фашистичко-конзервативната алијанса се соочила со поделби и неред кај левицата. Католичките партии (Пополари во Италија, Центрум во Германија), умерените либерали, социјалдемократите и комунистите не соработувале доволно одлучно во одбрана на демократијата. Тоа во Германија било доведено до апсурден екстрем кога комунистите ја потцениле нацистичката закана како привремен предизвик, наместо тоа фокусирајќи се на социјалдемократите – кои ги нарекувале „црвени фашисти“ – како на вистинска долгорочна закана за победата на комунизмот.

До 1936 година, демократските сили во Франција и Шпанија научиле болна лекција за последиците од разединетоста пред фашистичката закана, а дури и Сталин ја променил својата непромислена политика и им порачал на комунистите да им се придружат на демократските сили групирани во изборните сојузи на Народниот фронт. Во Франција можноста за победа на Народен фронт и формирање нова влада на чие чело би се наоѓал – ужас над ужасите – социјалистот и Евреин Леон Блум, многумина наведе да воскликнат „Подобро Хитлер отколку Блум!“. Подобро да победи Французин кој го поддржува нацистичкиот диктатор и традиционален непријател од другата страна на Рајна, отколку француската демократија и независноста да бидат сочувани под водство на еден еврејски социјалист. Победата на народен фронт во 1936 година привремено ја спасила француската демократија, но веќе во 1940 година довела до пораз на деморализираната и поделена Франција, по што на власт дошол вишиевскиот режим кој прифатил соработка со нацистите, истовремено спроведувајќи сопствена авторитарна контрареволуција.

Соочени со истрагата на Милер за руското мешање во изборите и шурувањето со членови од неговиот тим, Трамп и неговите следбеници прибегнуваат кон двојна одбрана – немало шурување и трвдењето за руското мешање е измислица. Втората линија на одбрана исто така е двојна: „мешањето не е злосторство“, а досега не е докажано дека руското мешање имало некаков ефект. Насетувам дека, доколку извештајот на Милер покаже дека шурувањето на Трамп со Русите навистина ѝ одговара на законската дефиниција за „злосторничко здружување“ и дека руското мешање било толку опсежно што не можело да остане без ефект, многу републиканци ќе се повлечат кон, без разлика дали имплицитно или експлицитно, кон третата линија на одбрана: „Подобро Путин отколку Хилари!“. Се чини дека нема ништо што не може да се оправда со демонизацијата на Хилари Клинтон, а тезата дека доаѓањето на Трамп на претседателското место со помош на Путин сè уште е помало зло од кошмарот на победата на Хилари, ќе биде знак за конечен републикански пресврт кон нелиберално владеење дома и потчинетост на авторитарниот владејач на надворешно политичката сцена.

***

Таквите сличности, како и актуелните, па така и оние кои можат да се предвидат, не смеат да ја замаглат значајната разлика помеѓу меѓувоеното рушење на демократијата и нашата денешна ситуација. Во овој роман од 1935 година, Тоа не може да се случи тука, Синклер Луис го опишал квази-нацистичкото преземање на власта во САД. Во романот, паравоените сили на новоизбраниот популистички претседател, ја преземаат власта апсејќи членови на Конгресот, воведуваат диктатура, поставуваат семоќни локални комесари, отвораат концентрациони логори, воведуваат неопхподни судови и строга цензура и ги затвораат сите политички противници кои не успеале да побегнат во Канада. Повикувањето на примерот на нацизмот во тоа време било разбирливо како што веќе забележав, многу аспекти од самракот на демократијата во меѓувоениот период навистина изгледаат застрашувачки слично со актуелните трендови. Но, нацистичката диктатура, војната и геноцидот кои следеле после пропаста на вајмарската демократија, не се покажале како претерано корисни за проценка на насоката во која се движиме денес. Мислам дека денешните трендови покажуваат значително отстапување од диктатурите од триесеттите години на минатиот век.

Фашистичките движења од тоа време биле гордо и отворено антидемократски, а оние кои дошле на власт во Италија и Германија парадирале со тоталитарната природа на своите режими. Најоригиналното откритие на актуелниот бран авторитаризам се состои во тоа што изградбата на отворено антидемократска диктатура со експлицитно тоталитарни тенденции не е неопходен услов за останување на власт. Можеби овој нов авторитаризам може најдобро да се опише со лукавиот термин „нелиберална демократија“. Реџеп Таип Ердоган во Турција, Владимир Путин во Русија, Родриго Дутерте на Филипини и Виктор Орбан во Унгарија, открија дека опозициските партии можат да продолжат да постојат и дека може да продолжат да се организираат избори за да се обезбеди смоквиниот лист на демократската легитимност, додека во реалноста изборите се занемарлива опасност за нивната моќ. Вистински опасните опозициски лидери на овој или оној начин или се неутрализирани или елиминирани.

Тотална контрола на печатот и другите медиуми исто така не е неопходна, бидејќи поплавата од лажни вести во толкава мера го загадува протокот на информации што фактите и вистината стануваат неважни како фактори за обликување на јавното мислење. Некогаш независното судтсво постепено се разградува преку селективни чистки и поставување политички сигурни лојалисти. Побратимскиот капитализам отвора пат кон симбиоза помеѓу политичките и бизнис лидерите, заснована на корупција и богатење. Ксенофобниот национализам (а во многу случаи и експлицитно антиимигрантскиот бел национализам), како и претпоставувањето „ред и закон“ со индивидуалните права исто така се клучни за мобилизирање широка поддршка меѓу гласачите и стигматизација на непријателот.

Кон вториот дел.

Илустрации: David Horsey

Извор: https://www.nybooks.com

ОкоБоли главаВицФото