Никотин

25.10.2018 00:13
Никотин

Луѓето консумираат никотин со векови и милениуми, многу порано од цигарите кои станаа глобален производ дури кон средината на минатиот век. Непријатната масовна навика на палење сомелени листови тутун замотани во хартија, на температура од околу 800 до 900 степени целзиусови ослободуваат – како и секое друго нецелосно согорување – густ чад во кој се наоѓа никотинот, но и изобилство опасности како за пушачот, така и за неговата околина.

Денес веродостојно се знае дека секоја петта смрт од причините кои можат да се избегнат – е пушењето. Дали е тоа заради никотинот?

Кога цигарата би горела со отворен пламен, брзо и со доволно кислород, не би имало чад, но ни никотин, па за пушачите тоа би било бесмислено. Но, чадот од жарот на цигарите, добиен со нецелосно согорување на целулозата, кој го вовлекува пушачот во градите содржи опасен јаглерод моноксид и илјадници други супстанци, од кои за многу е докажано дека се канцерогени и опасни по здравјето. Меѓутоа, консументите на тутунот го вовлекуваат чадот од цигарите не за да ги вдишат сите тие материи, туку исклучиво да внесат неколку милиграми од соединението кое се ослободува со горење – никотин.

Според својата структура никотинот е алкалоид кој се наоѓа во листовите на семејството на растението Solanaceae, меѓу кои е и тутунот. Иако во исклучително голема количина е отровен и е клучна причина за зависноста од цигари, самиот никотин впрочем не е канцероген, ниту во студиите е поврзан со ракот на белите дробови и други болести од кои заболуваат пушачите.

И додека, заради другите супстанци кои ги има во чадот, цигарите претставуваат сериозен ризик за заболување од рак, од 1999 година, откако на тоа се посветува посебно внимание, во ниедна студија не се пронајдени таканаречени епидемиолошки наоди дека никотинот сам по себе предизвикува рак.

Студијата на Кохран од 2012 година, како и голем број други кои се појавуваат речиси секоја година, покажа дека никотинот не влијае значително ни на кардиоваскуларните заболувања. Меѓутоа, токму никотинот е состојката од цигарите за која е повеќе од докажано дека предизвикува зависност.

Копнежот за никотин ги привлекол древните народи од Јужна Африка кон тутунот, кој се одгледува и користи барем 3 000 години. Тутунот доаѓа во Европа 1560 година, кога во францускиот двор го донесува дипломатот Жан Никот, според кој никотинот го добил името. Соединението ќе биде синтетизирано од тутунот во 19 век, кога, особено после Кримската војна, ќе почне да се развива практиката за виткање и палење цигари. После Втората светска војна пушењето ќе стане глобален феномен.

Никотинот е исклучително моќен парасимпатомиметик, што е назив за лековите или отровите кои делуваат преку стимулација на таканаречениот парасимпатички нервен систем. Потребни се околу седум секунди никотинот од градите преку крвта да стигне до мозокот на пушачот. Во нервните клетни никотинот го стимулира таканаречениот никотински ацетилхолински рецептор, што ги предизвикува сите оние ефекти што ги чувствува пушачот.

Голем број студии покажуваат дека оваа особина на никотинот длабоко е вкоренета во тоа како работи мозокот и е поврзана со дејствувањето на механизмот за внимание. За да се фокусира на некој конкретен детал, нечии зборови, лик или текст, а притоа да ја задржи способноста во секој момент да го прошири вниманието на просторијата или окружувањето (особено ако се појави некаква опасност), човечкиот мозок постојано го користи овој механизам.

Според истражувањето кое го претстави д-р Пол Њухаус од центарот Вандербилт за когнитивна медицина на овогодинешната конференција на ГФН во Варшава, оваа особина на никотинот објаснува зошто тој има позитивни ефекти кај пациентите со Алцхајмерова болест и други невролошки нарушувања.

Никотинот кај пушачите истовремено создава чувство на опуштеност, острина и концентрација, со општо смирувачко дејство на нервниот систем, но и потреба која подоцна не може толку лесно да се замени. Копнежот за никотин е параметар кој научниците во лабораториите го мерат за време на студиите за алтернативни начини на пушењето.

Според податоците на Светската здравствена организација, овој копнеж довел до тоа денес во светот да пушат околу 1,1 милијарди луѓе, односно секој седми човек на планетата. Годишно во светот се произведуваат околу 5,5 илјади милијарди цигари. И покрај исклучително моќната глобална кампања против пушењето, забраните и ознаките на цигарите, практично вкупниот број пушачи и натаму не се менува. Иако на Западот почна да се намалува бројката на пушачите, таа забрзано се зголемува во неразвиениот дел од светот.

„Иако откажувањето од пушењето е најдобра опција за пушачите кои сакаат да го намалат ризикот од болести, преминувањето на уреди со кои се грее тутунот е подобра опција отколку продолжувањето на пушењето“, вели д-р Кристиел Хазиза, шеф на клинички студии во ПМИ научниот центар The Cube во Швајцарија која на споменатата ГФН конференција ги претстави резултатите за подобрувањата кај пушачите кои веќе не го согоруваат тутунот.

На ова се темели таканаречената harm reduction идеја. Британскиот истражувач Мајкл Расел, кој се смета за татко на ова денешно движење, уште пред неколку децении укажуваше дека тоа може да се постигне со забрани. Ако веќе луѓето не сакаат да го остават никотинот, а најголемиот ризик произлегува од согорувањето, штетата од цигарите би можела да се намали со промена на начинот на кој никотинот се внесува во организмот.

Нема сомнеж дека во толкавата смеса од супстанци во тутунскиот чад, никотинот е клучна причина зошто луѓето пушат и себеси се изложуваат на опасност. Тој е основен извор на уживање, страст и задоволство, но и причина за зависност на корисниците заради што во суштина не се намалува бројот на пушачите. Идејата на Расел, која добива сè повеќе следбеници е дека со развојот на новите технологии луѓето можат да продолжат да уживаат во никотинот, но на помалку штетен начин за себе и за околината.

Бидејќи клучен здравствен проблем претставуваат супстанците кои се ослободуваат со согорувањето, последниве години сè повеќе луѓе на Западот цигарите ги заменуваат со аеросол со никотин, на што се заснова таканаречената електронска цигара која стана исклучително популарна во Велика Британија, но и во другите делови од светот.

Сè попопуларна алтернатива се и модерните уреди кај кои тутунот не согорува туку само се грее на пониска температура, со што се внесува никотинот, но значително се намалува внесувањето на другите, канцерогени супстанци. „IQOS драматично го намалува внесувањето штетни материи, а биолошките маркери ги поместува во истата насока во која тие се движат кај луѓето што ги оставаат цигарите“, тврди д-р Хазиза.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Свет / Наука

ОкоБоли главаВицФото