Разочарување

25.10.2018 10:16
Разочарување

Завршив; и ако не умеев подобро, јас бев виновен за тоа, не темата. Мојата склоност кон темата растеше заедно со моето знаење за неа; ама, растеше мојата нервоза да бидам правичен. Донекаде чувствував дека е прашање на чест моите слушатели да имаат помалку високо мислење за некои од овие стари писатели од она што јас го имам за нив. Ако сум фалел некој автор, тоа било затоа што ми се допаѓа: ако сум наведувал пасус, било затоа што сум уживал во читањето; ако за некого сум зборувал презриво, тоа било спротивно на волјата. Не е лесна задачата што се поставува пред писателот, дури и од толку скромна класа како што сум јас; тој е извидник и ако не успее, изложен е на потсмев; а ако успее, непријателството, ситничарењето и злобата со која го опсипуваат се токму сразмерни со неговиот успех. Одбивноста и љубомората на неговите пријатели неретко одат во чекор со злобата на неговите непријатели. Тие вас не ве сакаат ни за трошка повеќе поради тоа што сте го оправдале доброто мислење што отсекогаш го имале за вас. Тие би сакале секогаш да ветувате многу, а да не правите ништо, за самите да можат да се дограбат до успех. Тоа ја покажува нивната мудрост и не ја навредува нивната суета. Писателот го арчи своето време на макотрпни проучувања и на нејасни истражувања за да стигне до трошка популарност, за да наиде на ништо друго освен на секирација и разочарување во деведесет и девет од сто случаи, или, кога ќе помисли дека се добрал до злосреќната награда, согледува дека не вреди неволјата – исчезнува во мигот, го снемува како сенка, јалов како звук; „често останувајќи без признание, незаслужено збунет“. Тој мисли дека стекнувањето со посебно признание ќе му ги осигура изразите на такви чувства и кај другите, онакви претстави и надежи какви што побудувале и во неговите гради; ама, наместо тоа, тој не наидува на ништо друго (или речиси на ништо друго), освен на сомничави погледи, идиотски прашања и презриво кезење. – Тешко дека вреди за времето потрошено да се поднесе целата болка на која би се изложил поради ова!

Во младоста позајмуваме трпение од годините што ни претстојат; надежта ни дава храброст да работиме и да трпиме. Над нашиот пат напред се надвил облак, и ние замислуваме дека е секаде зад него сончево. Пределот изгледа бескрајно, со оглед на тоа дека не знаеме кај му е крајот. Мислиме дека е животот долг затоа што е уметноста таква, и дека, поради тоа што имаме доста да завршиме, тоа и вреди; или дека ниеден напор не е преголем, ниедна жртва не е отповеќе болна, дека би се надминале тешкотиите на кои неминовно наидуваме. Животот е постојана борба да бидеме тоа што не сме, и да го оствариме тоа што не можеме. Меѓутоа, додека се приближуваме до целта, ги повлекуваме уздите; нагони има сѐ помалку, оти нема уште многу до целта; и колку ни се поблиски нештата, стануваме понеоптимистични во потрагата: не треба да очајуваме ако не ја постигнеме целта, дотолку повеќе ако знаеме дека таму нема ништо вредно, и стравот дека нема да имаме ништо дури се повлекува пред копнежот, обесхрабрувајќи ја нашата жар и заслабнувајќи ги нашите настојувања; и ако воспоставените навики не ја умножат нашата умешност, тоа, верувам, ќе ги скрши сите наши настојувања или можности да преземеме нешто. Се тетеравиме во неколкуте преостанати чекори до целта, правејќи го, можеби, последниот напор; и среќни сме кога ја завршуваме задачата.

Разочарување е извадок од текстот Предавања за литературата во Елизабетанскиот период и се наоѓа во Избраните есеи, кои ги приредил Џефри Кејнс, издание на Nonesuch Press, Лондон, 1930.

Извор: O uživanju u mržnji, Službeni glasnik, Beograd, 2009.
Слики: Diamantis Stagidis

ОкоБоли главаВицФото