1031 hPa
71 %
8 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 17:59
Трамп покажа нескриено воодушевување за авторитарните водачи и изразена склоност кон основните принципи на нелибералната демократија. Но другите веќе во голема мера му го трасираа патот. Републиканците од самиот почеток имаа системска предност на изборите за сенатори и конгресмени, зашто базата на Демократската партија е концентрирана во големите држави и големите градови. Според мојата пресметка секој актуелен демократски сенатор претставува околу 3,65 милиони луѓе, додека секој републикански претставува околу 2,65 милиони. Со други зборови, 50 сенатори – меѓу кои 29 се републиканци – од 25 најмалку населени држави претставуваат вкупно околу 16 проценти од населението на Америка, а 34 републикански сенатори – доволно за блокирање на пресудата по обвинувањата за импичмент – ја претставуваат државата со вкупно 21 процент од американската популација. Ако го земеме предвид и прекројувањето на изборните единици и оневозможувањето на гласањето, кои претставуваат дополнителна системска предност за републиканците, се проценува дека Демократската партија на изборите во 2018 година морало да победи со 7-11 поени (што е разлика која е можно да се достигне само на ретки „брановидни“ избори), за да успее да освои најтенко можно мнозинство во Претставничкиот дом.
Од пет претседателски избори одржани овој век, демократите освоиле мнозинство од гласовите на четири. И покрај тоа, 2 од овие 4 избори (2000 и 2016) сепак завршија со победа на републикански кандидат, зашто Електорскиот колеџ исто така им дава поголема тежина на гласовите од малите, главно републикански држави, токму како и Сенатот. Имајќи предвид дека Врховниот суд придонесе за поткопување на суштинските принципи од законот за право на глас (Шелби Каунти против Холдери), дека одби да разгледа флагрантни случаи на прекројување на изборните единици (Гил против Витфорд за Висконсин; Бенисек против Ламон за Мериленд) и дека неодамна го потврди законот со кој во Охајо се чистат гласачките списоци (Хастед против Институтот Рандолф), оправдан е стравот дека овој суд во иднина ќе овозможи уште поневидени престапи од овој вид.
Незабележаното влијание на „темните пари“ во предизборната кампања дополнително го изобличи изборниот процес. Одлуката на Врховниот суд со која корпорациите се прогласуваат за личности, а парите за слободен говор (Citizens United v. FEC) особено ја зголеми моќта на корпорациите и богатите поединци да влијаат на американските избори. Се приближуваме до точката во која демократите сè уште ќе бидат во состојба да ги добијат изборите во традиционално про-демократските држави, но на изборите за претседател и Конгресот ќе станат ирелевантни. Можно е личните недостатоци на Трамп и неговата тактика за обраќање кон тесната гласачка база, со мотивирање на демократите и одбивањето на независните гласачи да доведе токму до оние ретки „брановидни“ избори неопходни за да се овозможи конгресна противтежа на претседателската администрација и за да се освојат доволен број држави за да започне пресврт кај актуелните трендови за прекројување на изборните единици и оневозможување на гласањето. Изборите во 2008 и 2020 година ќе бидат од пресудна важност како тест за размерите на пропаѓањето на нашиот изборен систем.
Уште една област во која Трамп имаше корист од долгорочните трендови кои му претходеа на неговото доаѓање на претседателското место е и рушењето на работничкото организирање. За да ја консолидира својата диктатура Хитлер морал со еден удар да ги укине независните синдикати во Германија. Трамп не е соочен со таков проблем. Во првите три повоени децении работниците и менаџментот де факто ги делеле растечките профити кои биле резултат на растот на продуктивноста. Од седумдесеттите години на минатиот век овој општествен договор пропадна, синдикалното членство и влијанието опаднаа, растот на приходите стагнираше, а нееднаквоста почна одеднаш да расте. Победата што во Висконсин ја извојува гувернерот Скот Вокер над синдикатите и вработените во јавниот сектор, како и неодамнешната одлука на Врховниот суд со која се поништуваат задолжителните дотации за синдикатите во јавниот сектор (Janus v. AFSMCE), претставуваат само дополнително забрзување на еден веќе долготраен процес. Сè понееднаквите услови на пазарот на труд, предизвикани од порастот на влијанието на корпорациите и опаѓањето на моќта на синдикатите, како и сè поголемата армија добро платени лобисти, исто така се симптоми на нелибералниот тренд за кој зборуваме.
***
Покрај рушењето на независното судство како противтежа на извршната власт, препознатливи облици на нелиберална демократија се и неутрализацијата на слободниот печат и упорното намалување на човековите права. Кога се во прашање овие институции, кои често се претставуваат како бедем на демократијата пред авторитарната узурпација, администрацијата на Трамп или веќе триумфирала или е на пат да оствари значајни победи за нелибералната демократија. Веднаш по своето поставување за канцелар, Хитлер основал Министерство за народно просветлување и пропаганда и на местото министер го поставил Јозеф Гебелс, еден од своите најблиски политички сојузници.
Под власта на Трамп, овие функции де факто се приватизирани преку Фокс Њуз и Шон Хенти. Фокс верно ги повторува „алтернативните факти“ кои ја потврдуваат верзијата на настаните на Трамп, а Трамп за возврат наоѓа инспирација за своите твитови и изјави во настапите на коментаторите на Фокс и своите ноќни разговори со Хенти. Резултатот е создавање „меур на Фокс“ за гласачите на Трамп, сосема неразбирлив за гледачите на Си Ен Ен, Пи Би Ес и Ем Ес Ен Би Си, како и за читателите на Вашингтон пост и Њујорк тајмс. Исклучително критички ориентираните слободни медиуми не само што не се делотворна противтежа на подготвеноста на Трамп постојано да лаже без никакви политички последици, веќе стануваат уште еден непријател против кој тој го мобилизира незадоволството и фрустрацијата на своите гласачи. Слободниот печат не мора да биде загушен, доволно е да се направи ирелевантен и да се искористи за добивање политички поени.
Првиот закон што го донел Хитлер со декрет, Законот за овластувања од 1933 (кој ја суспендирал законодавната моќ на Рајхстагот) ѝ давал права на владата да ги отпушти јавните службеници врз основа на сомнеж и врз основа на нивната политичка ориентација и „неариевско“ потекло. Нееднаквоста пред законот и правната дискриминација биле клучни одлики на нацистичкиот режим уште од првите денови на неговото доаѓање на власт. Исто така, овој режим се вмешал во приватните избори на луѓето по прашањето на сексуалноста и размножувањето. Прогонот на машките хомосексуалци драстично се зголемил резултирајќи со смрт на над 10 000 геј мажи и затворање и кастрација на уште повеќе илјадници други. Присилно биле стерилизирани помеѓу 300 и 400 илјади Германци кои биле прогласени за носители на наследни недостатоци; околу 150 000 ментално и физички хендикепирани Германци биле прогласени како „невредни да живеат“ и потоа биле убиени. На Германците кои биле прогласени за способни на свет да донесат вредно расно потомство им бил ускратен пристапот до контрацепција и абортус и им биле доделувани награди за голем број деца; странските работнички кои останувале бремени биле принудувани на абортус за да се спречи раѓање непожелни деца и губење работни денови.
Нелибералната агенда не е ни приближно толку ужасна како нацистичката, но можеме да очекуваме укинување на многу права кои ги уживаат Американците во моментов. Истополовите бракови веројатно ќе опстојат, имајќи ја предвид промената на ставот на јавното мислење за ова прашање. Но правата на работодавачите и поединците да ги дискриминираат хомосексуалците веројатно ќе добие широка заштита под маската „искрени религиозни уверувања“. Позитивната дискриминација, омилената мета на претседателот на Врховниот суд Џон Робертс, веројатно ќе биде укината со образложението дека е во прашање облик на расна дискриминација. Правото на жените на абортус веројатно ќе биде укинато во републиканските држави, без разлика дали преку експлицитно соборување на одлуката од случајот Roe v Wade или, што е поверојатно, преку тесни судски одлуки со кои ќе се дозволат драконски ограничувања преку кои во практиката се оневозможува пристапот до абортус. Еднаквата заштита на избирачките права во републиканските држави ќе биде поткопана преку уште полукави и смешни закони за оневозможување на гласањето и прекројување на избирачките единици, кога Врховниот суд јасно ќе стави до знаење дека нема намера да се меша во ваквите одлуки.
***
Внатрешната политика на нелибералната демократија на Трамп сè уште е многу далеку од тоталитарните диктатури како оние на Хитлер и Мусолини. Но тоа е мала утеха за оние кои се надеваат и веруваат дека лакот на историјата неминовно се витка кон поголема еманципација, еднаквост и слобода. Исто така, мала утеха е и тоа што во надворешната политика Трамп не ги следи хитлеровските освојувачки и геноцидни цели, зашто и покрај тоа шансите за мир и стабилност се во сериозна опасност. Ескалацијата на трговските војни лесно би можела да предизвика пад на светската економија, а администрацијата на Трамп направи мирното решение на конфликтите со Иран и Северна Кореја да биде недостижно.
Можно е Трамп само да го користи реторичкото претерување како средство за пазарење и дека во овие два случаи ќе се повлече на поумерени позиции. Но исто така е можно и реторичкиот конфликт да ескалира, дека просторот за отстапки ќе исчезне и дека Трамп од невнимателност ќе ја турне земјата во сериозни економски и воени конфликти. Историски гледано, ваквите конфликти и ескалации често им бегале од контрола и на многу поталентирани лидери од Трамп.
Како и да заврши претседателскиот мандат на Трамп, баучот на нелиберализмот ќе продолжи да ја опседнува американската политика. Високо политизираното судство ќе остане, многумина ќе се сомневаат во легитимноста на одлуките на Врховниот суд, а претстојното именување судии ќе биде предмет на огорчена борба. Ќе биде тешко да се ублажат расните поделби, културните конфликти и политичката поларизација која Трамп активно ја охрабруваше и разгоруваше. Прекројувањето на изборните единици, оневозможувањето на гласањето и неконтролираното финансирање на кампањите ќе ги направи изборите нерепрезентативни и недемократски. Ќе биде тешко да се запре растечката нееднаквост на приходите, а уште потешко да се преобрати.
Најпосле, неколку децении по мандатот на Трамп, ефектите од еколошката катастрофа предизвикани од антропогените климатски промени – кои Трамп не само што ги негира, туку интензивно работи на тоа да ги забрза – ќе станат неминовни. Претворањето на внатрешноста на континентот во пустини, поплавите во населените крајбрежни подрачја и засилената зачестеност и интензитетот на екстремните метеоролошки појави, проследени со недостатоци на вода и храна, ќе предизвикаат бранови имиграции и конфликти околу оскудните ресурси, спрема кои актуелната ситуација во Сирија и Централна Африка ќе изгледа како детска игра. Не постои доволно висок ѕид кој ќе биде во состојба да ги заштити САД од овие настани. Трамп не е Хитлер и трампизмот не е нацизам, но како и да заврши мандатот на Трамп, малку е веројатно дека оваа приказна ќе има среќен крај.
Крај.
Илустрации: Dave Granlund
Извор: https://www.nybooks.com