Популизмот и здравјето на планетата

26.10.2018 01:02
Популизмот и здравјето на планетата

Ако може да им се верува на анкетите, кон крајот на овој месец, Бразил за свој претседател ќе избере расист, сексист и хомофобичен човек кој се застапува за тортура. Речиси 50 милиони луѓе за малку ќе го изгласаа поранешниот армиски капетан Жаиро Болсанаро уште во првиот круг, иако неговите екстремни ставови се добро познати.

Малку се зборува за влијанието што би го имало неговото доаѓање на власт врз природата. И Болсанаро не е единствен: исцрпувањето на ресурсите ширум светот го поттикнува подемот на авторитарни водачи посветени на интереси кои ја уништуваат околината.

Резултатите на бразилските избори се објавени на 8 октомври, во моментот кога климатолозите ни го упатија своето драматично предупредување: дека човештвото има само уште 12 години за драстично да ја намали емисијата на отровните гасови или ќе се соочи со разорните последици на глобалното затоплување. Државите на светот треба да почнат да садат дрвја и да ги укинат фосилните горива за да се спречи порастот на температурата за не повеќе од 0,5 степени Целзиусови, што ќе ги уништи коралните гребени и неповратно ќе ги поремети временските системи носејќи суша, поплави и екстремни горештини, а што стотици милиони луѓе ќе ги турне под линија на сиромаштијата.

Историјата нè учи дека со пропаѓањето на природната средина, општествата се вртат кон навидум силните моќници и верски зилоти, наместо кон паметните и прагматични водачи. Тоа сега ни се случува и нам. Покрај диктатурата во Кина, Русија и Саудиска Арабија, сè повеќе расте бројот на младите демократии кои се враќаат кон авторитаризмот: Филипини со Родриго Дуарте, Тирција со Ердоган, Египет со ел-Сиси. Изгледа дека на ред е Бразил со Болсанаро. Во основата на тие процеси е еколошкиот притисок кој расте веќе 200 години.

Карбон – капиталистичкиот индустриски модел воспоставен во Британија одамна ги експлоатира минералите и органските ресурси, додека отпадот се испушта во воздухот, водата и земјата. Секоја држава која достигнувала одреден степен на развој го извезувала својот погубен однос кон природата во следната земја кој допрва се искачувала по скалилото на економскиот развој.

Кога оваа парадигма беше применета во најбројната според население држава во светот, Кина, останало малку простор за апсорбирање на нејзиното катастрофално влијание. Во тек е натпреварувањето за она што преостана, заедно со порастот на насилството и екстремизмот. Политичарите од центарот, носителите на компромисните политики – ја изгубија довербата на граѓаните. Гласачите можеби не се еколошки освестени, но чувствуваат дека нешто сериозно не е во ред и дека половичните решенија веќе не се доволни.

Доналд Трамп во САД, со огромна поддршка од индустријата за фосилни горива, ја ослабна моќта на Агенцијата за заштита на околината, на индустријата ѝ овозможи пристап до националните паркови, ја намали контролата на загадувањето и се закани со повлекување на САД од Парискиот договор. Во Австралија, неговите партиски колеги го спречија премиерот Малком Турнбул да го исполни предизборното ветување за намалување на емисијата на јаглерод. Сега во Бразил гласачите застанаа зад политичар кој ветува дека ќе излезе од Парискиот договор, ќе ја згасне водечката владина агенција која го контролира сечењето на амазонските дождовни шуми и ќе ја укине заштитата на териториите на домородците.

Болсанаро го поддржуваат големите агробизниси и рударската индустрија, кои едвај чекаат сливот на Амазон да остане без заштита. Болсанаро го поддржуваат и пазарите кои зависат од индустриската експлоатација на природата. Главниот берзански индекс и вредноста на бразилскиот реал пораснаа по изборните резултати од првиот круг. „Wall Street Journal“ во редакциски коментар го поддржа како „конзервативен популист“.

Ваквите неофашисти треба да се сфатат сериозно. Тие работат во интерес на индустриите кои се противат на Парискиот договор и на другите меѓународни договори кои треба да спречат нови еколошки катастрофи што пак, најтешко ги погодуваат сиромашните. Нивниот „антиглобализам“ е свртен против природата и иднината. Експлоатацијата на природните ресурси носи краткорочна корист, сè додека се крчат шумите, се отвораат нови плантажи и рудници, но прфитот од тоа го собираат малубројни додека еколошкиот стрес ја погодува целата планета.

Климатолозите сериозно стравуваат од можноста глобалното затоплување да создаде повратни ефекти кои ќе ја забрзаат катастрофата. Притоа ни недостасуваат анализи на соодветни економски и политички повратни врски и ефекти. Како сушата во Кина го зголемува притисокот во Амазонија да се произведува повеќе храна и да се уништуваат повеќе шуми. Или до која мерка моќните бизнис интереси им се посклони на дикататорите отколку на демократите ако тоа им овозможува подобар квартален раст.

Јазот помеѓу политиката и науката се продлабочува. Додека научниците бараат поамбициозни зафати за намалување на климатските промени, политичарите профитираат од ветувањата за намалување на емисијата на гасови, од поддршката на таканаречените екстративни индустрии и укинувањето на регулативите кои го контролираат загадувањето. И не се работи само за диктатурите. Британија продолжува со фракингот, Германија со експлоатацијата на јаглен, а Норвешка со истражувања на нови извори на нафта.

Во еден момент гласачите ќе сфатат дека во основата на актуелните светски проблеми е еколошкиот стрес. Мигот на увид можеби ќе настапи кога водата ќе стане прескапа, или кога посевите ќе пропаднат заради непрекинатите топли бранови, или кога бегалската криза ќе предизвика војна – но, во некој момент, слабоста на локалните моќници ќе стане очигледна и луѓето ќе побараат промени. Можеби тогаш ќе биде доцна. И климата и политиката можеби тогаш веќе ќе ја преминат точката од која нема враќање назад, кога настапува општествен хаос, а популистите стануваат доживотни диктатори.

Овој епилог сè уште не е неизбежен, иако ризците постојано сезголемуваат. Сега е појасно од кога било порано дека климатскиот и еколошкиот колапс може да се избегне со гласањето на луѓето на кои тоа им е приоритет. Заздравувањето на економијата не е можно без заздравувањето на природната средина. Глобалната потреба за радикални промени е оправдана, но доколку не е насочена кон еколошка обнова – демократијата ќе изумре пред коралите.

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото