Црнила од „белиот дворец“

26.10.2018 01:49
Црнила од „белиот дворец“

Мицковски се соголи до балчак, со патетичното видео-обраќање во кое за сите грешки и гревови во Македонија го обвинува политичкиот противник.

Истопорен на „стражарницата“ на еден од бројните симболи на грабежливоста и пљачкосувањето на Македонија, „белата палата“ во кој е сместено седиштето на екстремно богатата му партија, „војводата“ Христијан Мицковски, во недугавиот обид да го обели образот на ВМРО-ДПМНЕ за батакот во кој партијата цела деценија ја држеше државата, во карикатурално видео-обраќање ја навредува интелигенцијата на стотиците илјади паталци кои избегаа од татковината и на оние побројните, кои сѐ уште сакаат, или едноставно мораат, да живеат во неа. И без усул ѝ дели лекции на јавноста!

Според него, „Македонија оди во амбис!“, а „валканата совест на лукративни поединци станала ноќна мора на нашиот народ“. По 11 години црна темница во Македонија, „висковолтажниот војвода“ се прашува кој го изгаснал светлото?! Лицемерие, драмење и патетика без исаф, аргументи а ла „јас не сум оттука“… Проѕирно и крајно дегутантно.

Мицковски порачува дека „оваа земја некогаш беше полна со живот!“, дека „за жал, одамна не е така“, како и дека „ сите добро знаеме кога почна и како почна и кој го почна ова што го живееме“. Како да е, скраја да е, жртва на струен удар (во некоја ќарена хидроцентраличка на пример, во периодот кога ојлевци-дојлевци вулгарно се богатеа, долносувајќи ја цената на човечкото достинство, море, и на животот на простосмртните, во пуста Македонија), лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го бара виновникот за сета мизерија на „ова што го живееме“?

Како да заборавил дека сѐ почна во 2006, за од 2008 до 2016 (море, преку второ и третоешалонските инсталации во сите сфери на власта – за опструирање на обидите за реформи и на сѐ позитивно, па и со актуелните „сончогледи“, гревчиња кои мислат дека се спасуваат од зандана со слепо подаништво кон нов газда или плаќајќи со дел крвавите пари – ограбената иднина на младите генерации, и до ден-денешен!), да продолжи како срчосување на и она малку демократија која ја имавме. И, како стрмоглавување во невидена аздисаност на режимот на Фамилијата.

Токму затоа, делумно е во право наследникот на Никола Груевски, дека низ цела Македонија „чекорат луѓе со наведнати глави“! Да, илјадници си чекорат во круг, сѐ така, веќе трета деценија, надевајќи се дека нешто ќе се смени. Засрамени што дозволи(ја)вме да потон(ат)еме до ова дереџе, судбините на новите поколенија да ги кројат бескадарници, неграмотни сечикеси, на кои ништо не им е свето, а само Господ и Татковината не ги вадат од уста…

Потполно се согласувам со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, дека „сега, чесноста служи за потсмев“, како и дека „само едно е сигурно, не можеме да продолжиме вака…“. Чесноста навистина остана доблест само за наивните, откако оние чиј криминал го брани Мицковски, по цена на баталување на националните и државните интереси, од Македонија направија дувло на, до скоро, недопирливата криминална врхушка. Навистина, не можеме и не смееме да продолжиме вака! Зачекорени сме над бездната. Доста е! Верувам дека и на народот во кој се колне, му е збурбатено од глупави фрази за намалување на сопствената одговорност – оние, за безгрешниот народ. (Демагошката парола дека „народот секогаш победува“, многу одамна ја користеше и Бранко Црвенковски, кога тој се обидуваше да се „вади“ од некоја од бројните грешки…)

Навистина, доста ни е голгота, „војводо“! Ете, ветете, дека кога ќе се стабилизирате и покаете, Вие и Вашите сопартијци ќе се потрудите да остварите троа поасолен живот за сонародниците. Нѐ задушивте со испразни пароли! И вие и вашите политички противници, берете ум и тргнете според некоја понормална агенда. На пример: криминалците – зад решетки, ВМРО – во историјата, ДПМНЕ – во макотрпен процес за темелно прочистување и целосна реформа (за барем во иднина да биде каков-таков баланс на политичкиот опонент, зашто, според искуството од тажните деведесетти, СДСМ не е способен да владее без строг мониторинг и коректив, а според скандалите од последнава година, и добар дел од актуелните социјалдемократи – функциите за жал, ги сфаќаат како Фејсбук или Твитер чамче-муабет), а Македонија – назад во цивилизираната Европа, од која беше изолирана…

И секако, ДУИ да се скурдепса во цврсти правни рамки, со просејување и санкционирање на сите тендер-команданти, а СДСМ да се сепне од предолготрајниот еуфоричен мамурлак и Калимеро-фазата (чмаењето во сенка минатата деценија, не може вечно да биде оправдување, особено кога во ПР-армијата на власта, очигледно не се знае ни кој пие, ни кој плаќа) да ги исклоца мангупите во своите редови, и да се сврти конечно кон економијата, правејќи дефинирана листа на вистински приоритети за државата…

Зашто, Мицковски може и нема друг избор, освен да продолжи со следната епизода на „лимунадата“ за бранителите на името, за Св. Павле од Паљурци, античките корени и „Скопје 2014“, за „патриотите“ и „предавниците на каузата“, но, на неговиот „црн ѓавол“ – СДСМ, допрва треба да му светне бел ден. Нема иднина за државичкава само со хорски рецитации за унисоната посветеност кон евроатлантските интеграции.

Ниту НАТО ќе нѐ брани, ниту ЕУ ќе нѐ рани, ако самите не се свестиме и оправиме, ако Македонија не стане правна држава на навистина еднакви граѓанки и граѓани. И држава во која, слоганите „Че си лежите!“ и „Парите да ги вратите!“, нема да бидат само понатамошно замајување на жедните за правдина, за да не почнат погласно да го изразуваат своето каење, поради тоа што наивно им послужиле како трамбулина на некои фотелјаши и повешти далаверџии, само (пре)облечени во поинаков дрес… Неопходна е јасна определба дека простувањето е индивидуална одлука, дека до помирување нема да се дојде со помилување на криминалци, како и дека законите не смеат да се кршат поради политички алаш-вериш.

 Слики: Александар Дојранлиев

Извор: Цивилмедиа

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото