Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2018

26.10.2018 12:48
Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2018

Издавачката куќа ТЕМПЛУМ по тринаесетти пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик.

Ракописите, кои се испраќаат по електронска пошта, треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат. Наградата изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка.

Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски...

Наградата ќе се додели кон крајот на месец декември 2018 година.

Услови на конкурсот: за наградата можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга.

Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираме и специфичните жанровски експериментални форми.

 

Важно: ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. 90.000 компјутерски знаци.

Ракописите можете да ни ги испраќате до 8 декември 2018 година на следнава електронска адреса: konkurs.novite@gmail.com

Ракописите можат да се остават и во ГЕМ клубот (над кафеаната Менада) во Стара чаршија (улица Караорманска ББ, Скопје).

За сите дополнителни прашања можете да се обратите на истата адреса на која се испраќаат ракописите.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Ѕвездан Георгиевски и Гето Руди (Дејан Василевски).

Во продолжение, претставуваме четири раскази од збирката „Можеше да биде и реми“, минатогодишниот победник на конкурсот.

 

Забава

Бели слончиња ми се мотаат околу креветот. Играат во ритамот на музиката. Собата се врти насекаде, заедно со слончињата. Час е ваму, час е таму. Замижувам, ги отворам очите. Пак замижувам. Џабе. Тие сè уште си прават забава. Се вртам на другата страна од креветот, посегнувам по чашата на ноќното масиче, ја земам и таблетата со златна обвивка, што стои до неа, па ја пијам преостанатата течност заедно со апчето. Повторно легнувам за да уживам во матинето на слончињата, зашто оваа состојба којзнае кога ќе заврши.

 

Вртелешка

Вртелешката ја вртев на ветрот само тогаш кога немаше сонце, зашто тоа му пречеше на мојот слаб метаболизам. Така, понекогаш моето кокошкино слепило ме измачуваше и сè ми беше светлозеленикаво, додека вртелешката правеше елипсовидни движења во обратните бои на виножитото. Најчудно од сè ми беше тоа што вртелешката се вртеше во спротивен правец од вртелешките на другите деца. Ама, не обрнував многу внимание на тоа кога босите нозе трчаа по зелениот плевел. Прекрасно ми беше тогаш кога почнуваше да роси и сите деца си одеа дома, па целата плевелна полјана остануваше само за мене. Веднаш се прогласував себеси за кнез и ги поканував разните гадинки да бидат мои поданици и да ми служат мене и на мојата вртелешка.

Потоа, мајка ми викаше по мене да дојдам на ручек и јас со тага во срцето морав да одам дома и да го распуштам своето кнежевство.

 

Подочниците

Студени се цевките од радијаторот на петтиот кат. Креветот е преголем. Јорганот не грее доволно, а јамболијата е спакувана во оставата, на највисокиот рафт/на највисоката полица. Кој ли ќе станува да ја вади во ниедно време?

Перницата не е доволно мека/тврда, голема/мала, висока/ниска, обична/специјална (да се вметне соодветниот антоним во зависност од несоницата на оној што чита)... Едноставно, човек не може да заспие. А бессоната ноќ сè уште трае и трае и трае и никако да заврши. Некој става нова цртка на подочниците.

 

Полжав

При прошетката, долга лигава линија на велосипедската патека ми го привлече вниманието и ми ги врати мислите во секојдневието. Близу до свежо косената трева два полжава-голчовци се преплеле на жешката асфалтна патека. Кога стигнав до нив – еден бил. Загледан во голчото, ја загубив рамнотежата. Одзади ме собра велосипедист. Кога стигнаа до нас – еден бевме.

Фотографии: Иван Илиев