Исус Христос не аздисува, а политичарите?

27.10.2018 01:14
Исус Христос не аздисува, а политичарите?

Темнината не може да изгони темнина: само светлината може да го стори тоа. Омразата не може да изгони омраза. Само љубовта може да го стори тоа. Омразата умножува омраза, насилството умножува насилство, а грубоста умножува грубост.
Мартин Лутер Кинг

Македонија, по којзнае кој пат по ред, живее драматични мигови. Драмата секако, е во контекстот на нашата партикуларна приказна. Таа очигледно, е и дел од регионалните, од континентални и од глобалните текови во светот. Ако некој би сакал да ги проучува транзициите од комунитарните, универзалните и постмодерни теории за правдата и праведноста, во контекстот на прашањето на идентитетот, Македонија е одличен пример за истражување.

Навистина, трите гореспоменати теории и хронолошки, но и испреплетено се дел од нарацијата за идентитетот и другоста уште од крајот на 19 век со Санстефанскиот договор, преку Берлинскиот конгрес, Букурешкиот договор, Версај, Југославија, па сè до денешните настани. Македонија била експеримент на сите три теории. Во моментов како сите три теории да имаат свои големи заговорници секој од нив тврдејќи дека баш нивниот аргумент ја задоволува правдата и го запазува правото на само-идентитетско определување. Го спомнувам ова не затоа што ќе ги обработувам теориите за правда и праведност (тоа е тема за некоја идна статија). Поентата ми е имајќи го предвид ова, да размислувам конкретно за тековните политички превирања во Македонија и да понудам поттик во насока за толку често споменатата потреба за простување и помирување, до што може да се дојде исклучиво без пресметливост и релативизирање на тие поими. Тезата за правилен процес кон такво помирување ќе ја засновам врз една од главните потреби на човекот како социјално битие: да биде препознаен како значителна личност и да препознае други како такви. Поточно се работи за копнежот да се биде прифатен на начин без страв да се биде исклучен, понижен или отфрлен.

Како на теолог појдовна точка ќе ми биде еден конкретен текст од Библијата, поточно посланието на апостол Павле до Филипјаните 2:1-11. Овој текст Павле им го пишува на верните во црквата во Филипи, која самиот пред некое време ја основал на своето прво патување во Европа, а поводот е раздорот и кавгите настанат во таа заедница.

Пред да се задржам на текстот, би сакал неговата главна поента да ја илустрирам со два примера. Едниот е од славниот стрип Алан Форд, многу популарен во времето на Југославија. Тоа е стилизиран ироничен и циничен приказ на човечкиот живот. Број еден, шефот на крајно неадекватната група на приватни детективи, ги злоупотребува своите потчинети на секој можен начин. Во раководењето многу му помага тоа што „детективите” во суштина не се заинтересирани за другите, а секој е свртен кон себе. Освен Алан Форд, ликот по кој стрипот е именуван. Тој постојано покажува една благонаклоност и блага наивност. Со други зборови, Алан Форд застапува за начела кои се целосно противречни на оние на Број еден. Алан Форд едноставно сака да биде препознаен, прифатен и безбеден во односот со другите.

Ова ме води до вториот пример поточно анегдота. На некоја повозрасна жена ù испаднал бастунот во продавница. Човекот кој се наоѓал во непосредна близина се наведнал го подигнал бастунот, и ù го подал на госпоѓата в рака. Покрај тоа тој направил и еден невообичаен гест. Ја прегрнал. Жената почнала да плаче, а како одговор на реакцијата рекла, „ме нема никој прегрнато веќе со години.”

Тоа за што Алан Форд се застапува, а по кое повозрасната госпоѓа копнее е доблест извонредно елаборирана во текстот на Филипјаните 2:1-11

Текстот ќе го приложам во два дела.

И така, ако во Христа има некаква утеха, ако има некоја утеха во љубовта, ако има општење со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание, исполнете ја радоста моја: бидете со едни мисли, имајќи една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите! Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос.

Градење на единство

Во четирите клаузули погоре, Павле им вели на верните дека четирите „ако” не претпоставуваат веројатност, туку сигурна потврда оти секое од нив комуницира воспоставена вистина. Единството не треба да се гради како предуслов да се види дали изјавите се точни. Напротив, зашто тие се точни, тие се сигурен темел врз кој се гради единство. Втората клаузула, утехата во љубовта во описен превод значи „да му се обрати некому пријателски.” Токму оваа љубов, во сета нејзина широчина и длабочина е извор за утехата на заедницата.

Тие без страв или притисок можат да изразуваат грижа и љубов едни кон други. Третата клаузула е поврзана со еден познат збор од Новиот завет а тоа е заедништво или „коинониа”. Павле заедништвото го замислува не само како заедница на индивидуи кои се здружиле заедно за остварувањето на определена цел, туку пред сè како заемна заедница во која сите заедно споделуваат наследство, но не секој по мал дел, туку целото му припаѓа на секого поединечно и како заедница. Четвртата клаузула се повикува на вредностите на милосрдие и сострадание. Без овие две вредности, кои патем се првенствено прикажани од самиот Бог кон човештвото, заедницата нема да може да се изгради во простор безбеден за заемно прифаќање.

Од клаузулите Павле преоѓа на терминот едномисленост и еднодушност. Овие два термини се илустрирани со плејада на значења: чувство, внимание, внимателен став, гледиште, размисла, наум, и грижа. Ваквиот спектар на значења говори за главниот пристап која една личност га зазема со сето свое битие. Тоа е основата за секој значителен однос меѓу луѓето, а особено на пријателството. Аристотел го користи терминот „еднодушен” за да ја долови приврзаноста во пријателството: Според Аристотел „пријателите делат една душа меѓу себе; добрата на пријателите им се заеднички; пријателството е еднаквост.”

Честољубието, корен на раздорот

Во наредниот стих се дадени два става, честољубие и празна слава, кои треба да се отфрлат и еден, понизност кој треба да се негува. Ставот на честољубие е една себична амбиција која ја наведува личноста на празнославие. Според Валтер Хансен, Новозаветен коментатор, „празно-славната личност постојано ги провоцира и ги спушта или омаловажува другите за таа да ги здобие и да ги задржи највисоките почести.” Оваа изјава ме потсеќа на една од најславните ликови од нашиот фолклор, на Итар Пејо! Стале Попов најчесто ни го опишува со изјавата, „така Итар Пејо им враќаше на своите Мариовци мило за драго”. Еден од нај трагикомичните примери е оној кога Пејо ќе ги натера Мариовци да скокаат од висок врв ветувајќи им дека облаците под нив се волна која тие треба само да ја соберат. Колку ли само македонските политичари ни нудат таков скок во собирање на „скапоцена” волна!

Зборот ми беше за понизноста. Интересно е да се забележи дека позитивниот пристап кон концептот на понизност е навистина револуционерен чекор во првиот век на нашата ера. Ни Римјаните ни Грците не ја сметале понизноста како нешто доблесно. Напротив понизноста во тој светоглед била презрена. Идеалот бил да се постигне благородно постоење, живот далеку над калта и слабоста со која се поистоветувала понизноста. Но за Павле и првите христијани понизноста е незаменлив принцип за градење на здрава заедница. Наместо да се биде преокупиран со свртеност кон себе, да се биде обземен со себеси, и да се води од егоцентрични мисли, умот се свртува нанадвор имајќи го на ум вреднувањето на другите.

Понизност и сметање на другиот за повозвишен

А како тоа може да се постигне? Така што нема да се гледа на сопствените интереси, туку со гледање на интересите на другите. Зборот во изворниот јазик се употребува за да се назначи внимание со полна насоченост. Само кога ќе го насочиме погледот кон другите, кога ќе ја надминеме паролата „секој си го гледа своето”, нема да бидеме преокупирани со самите себеси. Тогаш ќе имаме можност да ги согледаме благородните квалитети на другите.

Но не на начин, кој за жал е парадигма на овие простори, а посебно во Македонија. Оваа парадигма е одлично опишана со народната изрека, „јас тебе војводо, ти мене сердаре.” Тоа не е благородно признание на квалитетите на другите. Напротив ова е заемно ласкање преку кое се осигуруваме дека нечии квалитети кои нас нè засегнуваат и ги сметаме за закана, ќе бидат омаловажени, занемарени и превидени. Наместо да се повикуваме на заемноста која го препознава нечиј квалитет и чија примена би придонела кон благосостојбата на заедницата, заради нашите ниски страсти и себичност, свесни дека ни недостигаат токму такви квалитети, попрвин си ласкаме еден на друг за нашите медиокритетски способности. Наликуваме како славните црв и врапче во Црна Гора, кои секое утро се поздравуваат на следниот начин: „Добро јутро соколе, ето мене љута змијо”.

Исус Христос не аздисува

За ова да не се случува во заедницата, од семејство до држава, Павле се повикува на една химна за Христос која веројатно се пеела во Новозаветните христијански заедници. Павле им вели дека треба да имаат исти мисли како и Христос Исус.
Подолу е мојот препев на македонски од Новозаветниот изворник:

Тој кој битисува Бого-формно
Да аздисува не науми
Оти постои Бого-еднакво
Но од себе се лиши
И роб се стори
Во форма на човек се појави
Налик со образ човечки
Себеси понизувајќи
До смрт покорувајќи, дури на крст умирајќи
Затоа Бог го возвиши
Давајќи му име
Над секое име
Та во името Исусово
Да клекне секое колено
Небесно, земно и подземно.
И секој јазик ќе го исповеда
Христа Исуса за Господа
На Бог Отецот во слава

Посебно внимание би обрнал на зборот „аздисува”. Го засновам врз оригиналниот збор во Новиот завет кој се преведува како насилно и возгордеано грабање и чаламење со сопствениот статус или пак имот. „Аздисува” е најблиску до ова значење. Македонскиот речник го дефинира: „побесне од изобилство во нешто, се возгордее, се прави важен поради благосостојбата”. За да овозможи простување и помирување на луѓето со Бог, а потоа и едни меѓу други, Исус Христос се лишил од својата еднаквост со Бог, и одбил да аздиса заради својата возвишена положба. Напротив, се изедначил со беспомошните луѓе и направил подвиг во име на сето човештво. Славата која му се потврдува како резултат на ова херојско дело, е слава која го потврдува неговиот возвишен статус, но на неа се надополнува и фактот дека тој таа слава не сака да ја ужива без слабите, грешни луѓе.

Не за празните флоскули

Овие денови од устите на политичките водачи во Македонија слушаме многу честа употреба, речиси расфрлање со зборовите простување и помирување. Ако навистина сакаат ова да го постигнат, тие не може ова да го прават како чин во кој целта ги оправдува средствата. Од она кое го слушаме од нив, се насетува некаква пресметливост. Една нова верзија на „јас тебе војводо, ти мене сердаре” или „соколе и љута змијо”. Одеднаш оние кои до вчера беа нарекувани криминалци и насилници, станаа херои. Таквото расфрлање со овие важни принципи ги излитува и им ја одзема силата да го кажат она што толку многу му треба на македонското општество. За да стигнат до барем декларативно посакуваната состојба на простување и помирување, македонските политичари најпрвин треба да одбијат да аздисуваат. За жал, од реториката и поведението кое тие го приложуваат во јавноста, ова е далеку од така.

Имајќи ги предвид состојбите во Македонија, премрежијата и предизвиците пред кои сите во оваа земја сме исправени, а особено ако сакаме да видиме простување и помирување меѓу поединци и групи крајно разединети, кои нема да се само политички маркетинг, оваа перспектива на Павле опишана во Новиот завет е добар патоказ без разлика дали сме христијани, муслимани, атеисти или со каков било друг светоглед. Сè додека во заднината на благородните цели на простувањето и помирувањето стои личниот или некој друг скриен интерес, расфрлањето со големи изјави ќе се сведе на она од што нашиот свет е тешко обременет, слушањето на празни флоскули од личности на кои нема зошто да им се верува.

Принципот од друга страна е толку едноставен колку што е и жестоко теѓок. Сметај го другиот за поголем од себе, биди подготвен во него да откриеш благородност и славата нека ти биде неговата благосостојба. Со други зборови, нека искажаните зборови бидат чист одраз на ставот на срцето и на умот.

Ова од срце им го посакувам на македонските политичари, но над сè на сите луѓе кои живеат во Македонија.

 Слики: Alexey Kondakov