1012 hPa
100 %
17 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 08:59
Иако прашањето за влијанието на околината и здравјето кое го носи неодговорното исфрлање отпад сè почесто е во фокусот на јавноста, одредени видови отпад и натаму успеваат да останат речиси незабележани. Еден таков вид отпад се отпушоците од цигарите. Во Хрватска, каде процентот на пушачи сè уште е многу висок, тие се присутни насекаде, а освен што понекогаш некој освестен поединец ќе ја забележи естетската проблематичност на оставањето отпушоци на плажите и слично, за токсичноста на овој сеприсутен вид отпад речиси никогаш не се зборува. Оваа тема е занемарена и на светско ниво, а тоа се обидува да го промени Томас Новотни, професор по глобално здравје на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего и еден од основачите на Cigarette Butt Pollution Project.
„Почнав како доктор по семејна медицина кој ги гледаше последиците од пушењето кај своите пациенти. Потоа како експерт за јавно здравје имав прилика да се занимавам со превентивните аспекти од употребата на тутунот. Покрај тоа сум и страствен активист за заштита на околината и согледав дека оваа активистичка заедница би можела да биде посилен сојузник во намалувањето на здравствените последици и последиците по животната средина од употребата на тутунот“, ја опишува Новотни својата мотивација за започнување на проектот чија цел е да спречи отпушоците од цигарите да завршат во околината, глобално да едуцира за загадувањето кое го предизвикуваат и да заговара нови законски решенија.
Томас Новотни
Секоја година во светот се продаваат пет билиони цигари, а една третина завршуваат во парковите, на улиците, плажите и водите. Иако акциите за чистење на глобално ниво редовно покажуваат дека отпушоците од цигарите се најбројно застапен отпад, речиси и да нема поместување во однос на овој проблем, па на Новотни и неговите колеги „им се чинело важно да се грижат со овој проблем на начин на кој нема да се исклучуваат штетите за околината и здравствените учиноци на човекот.
„Повеќето луѓе, и пушачи и непушачи, мислат дека филтерите се направени за да ја намалуваат штетата. Но, тие не ја намалуваат штетата по здравјето туку пушењето го прават поедноставно и тие впрочем се маркетиншки алат. Измамата во врска со филтрите е толку раширена што дури ни експертите за здравје не можат секогаш да ги натераат да го отфрлат уверувањето дека 'филтерот' е нешто што ги филтрира канцерогените и другите отровни состојки. Кога филтерот би го правел тоа навистина тогаш не би имале здравствени ризици поврзани со пушењето. Филтерот само овозможува да го вдишеме чадот подлабоко во градите“, вели Новотни.
Освен што пушењето ги носи добро познатите здравствени ризици, отпушоците од цигарите се еден од најпотценетите проблеми на животната средина. Не станува збор за бенигно парче биоразградлив материјал, како што се чини дека сè уште мислат повеќето луѓе, туку за загадување на околината со пластика и хемикалии. За токсичноста на отпушоците и обемот на овој отпад не се знае доволно, а една од причините е тоа што и науката која стои зад нашето разбирање на ова прашање сè уште е релативно нова.
„Испуштивме да забележиме дека отпушоците се отпад кој најчесто го фрламе наоколу. Секоја година фрламе милијарди отпушоци, иако сега знаеме дека станува збор за токсичен, опасен отпад. Како таков би требало да биде регулиран со законите за животната средна. Отпушоците не се направени од биоразградлив материјал туку од пластика“, предупредува Новотни.
Пластиката сама по себе е небиоразградлив отпад која со текот на времето се разградува на микропластика која потоа преку ланецот на исхрана може да заврши во животните и луѓето. Кога станува збор пак за хемикалиите, истражувањата досега покажаа дека од отпушоците во околината се исцедуваат никотин, етифенол и тешки метали.
„Сега ги проучуваме водите што се исцедуваат за да видиме дали можат хемикалиите да се биоакумулираат и потенцијално да влезат во ланецот на исхрана. Тешко е да се каже колку штета нанесуваат во морињата и океаните. Со децении милијарди од нив завршуваа во околината и дури сега се обидуваме да ги идентификуваме маркерите за тој отпад за да ги разбереме ризиците што ги претставуваат. Знаеме дека природата консумирала отпушоци и дека тие се движат по потоците и реките до морињата и потоа назад на плажите. Тоа е загадување кое ни го нарушува уживањето во пејзажот и станува јавна непријатност“, опишува Новотни.
Cigarette Butt Pollution Project гледа можни решенија за намалување на овој проблем во усвојувањето низа нови законски решенија. „Алтернативата ја гледам во забрана на цигарите со филтер, наметнување даноци за загадување на секоја продадена кутија цигари, додавање предупредување на пакувањето дека отпушоците се токсичен опасен отпад, креирање програми кои ги финансира тутунската индустрија отпушоците да се собираат и правилно да се исфрлаат, едуцирање на јавноста за влијанието на отпушоците врз животната средина и вложување повеќе напор за луѓето да се поттикнат за да престанат со пушењето“, вели Новотни.
Но, лобирањето за ново законодавство не оди брзо, иако имаше некои обиди. Досега во Калифорнија трипати беше предложена забрана за продавање цигари со филтер за еднократна употреба. Иницијативата секогаш добиваше голема поддршка но сè уште не е усвоена. До најголем напредок дојде во Сан Франциско каде се наплаќаат 60 центи за кутија цигари од што годишно се собираат три милиони долари за чистење на отпушоците.
„Со нови научни податоци и повеќе заговарачки партнери, предвидувам дека таквата легислатива ќе успее. Засега ќе се фокусираме на локалната легислатива да се забранат цигарите со филтер, зашто веќе постојат примери за слични законски одредби во САД и пошироко, на пример забрана за производи од тутун со арома на ментол и други ароми на ниво на општини. Истиот аргумент кој е прифатен во тој случај може да се користи и за филтерите, дека тие ја олеснуваат појавата на зависност од никотин и го намалуваат процентот на лица кои престанале да пушат“, заклучува Новотни.
Извор: http://www.h-alter.org