Икајќи од радост

29.10.2018 10:24
Икајќи од радост

Икајќи од радост

Скриени под сенките
на септемвриските пензионирани лисја,
двајца бездомни се упатени
кон крајот на сите улици на светот.
Бидејќи таму се наоѓа најевтиното бокле вино,
неотворени кутии цигари,
оставени од некој дамлосан пијаница,
бидејќи таму некаде завршува среќата
и почнува потрагата по неа,
бидејќи таму се наоѓаат краиштата
на сите надевања и посакувања,
бидејќи таму се наоѓам,
и се обидувам чашата да си ја најдам.

 

Мгл аа

Жолто светло долж 'рбетот ти,
се вртиш и те гледам в лице,
тага и смев, кривулини и чикми
меѓу нас, и срам во маглата што се гали
и трие од ѕидовите на куќата, плетејќи
легла од дрезгава светлина, што

проѕирка низ класјето. Додека телото
стамено твое наспроти брановите,
додека треперат уличките од нас,
се кинат конците на раната
што светот ни ја задал.

 

Судар судба средба

Дадена ни е една минута,
само шеесет секунди,
да бидат исполнети со немо јунаштво.
Кога си заминуваат добрите џинови,
се тумбаат на небото над нас боговите,
се полнат очите со јоргован
и крвта со хлор.
Кога пукнатините на таванот
се престоруваат во соѕвездија
а јаворот над нас во ќебиња,
јоргани,
шатори полни сонови.
Насмевката ти е една минута голема,
мојата е мечти и копнеж полна.

Во минута се прегрнуваат завојуваните страни
насред врвица од пакостите на Бога.
Се прави чекор напред, бавен.
Стапалото се турка низ густите џунгли на сомнежот,
очите се разбегани ко улични мачки.
Јас го носам темниот облак на времињата.
Самовилите се сите збрани во тебе.

Судбо, овде завршува прегратката со космосот

Сами сме

Судбо, остарувам после секој допир

Ми се шири насмевката со минутите,
и годините ја полнат
со глог и маточина.

Ноќта долга

Под чаршафи преплетени стапала
во длабок сон камилица
без потреба и услов.
Овде се учи тајната
во крвта и воздишката
скриена, со паганска магија
е повикана ноќта долга
во која долж шумата булки
ја бараме бесмртноста.

Диме Данов е роден 1996 година во Неготино. Сите тавани му се високи, ама знае да ги фати облаците за цицки.

Слики: Alexander Jansson

ОкоБоли главаВицФото