
„Единствено Ананда што надоаѓа од Врвната Божествена Љубов може да го израмни јазот кој постои помеѓу највисоките висини на супраменталниот дух и најниските бездни на Материјата, Ананда која го има клучот на прекрасниот Божествен Живот и дури и сега од своите тајни предели го поддржува делувањето на секоја друга моќ во универзумот.“
Шри Ауробиндо
Воведни забелешки
Феминизмот како движење, теорија и практика се роди од револтот против стереотипите на патријархатот и машката доминација, востановени како норми во општеството и беше комплементарно на левите политички движења и ориентации (револуционeрниот социјализам), за да прерасне постепено во борба против какви било угнетувања – не само врз основа на родовата, туку и етничката, класната или расната дискриминација.
Денес тој прераснува во борба, не само за ослободување од експлоатацијата/потчинувањето и отфрлањето на нечија доминација на материјално/физичко ниво, не само освојување на сексуалната слобода која се става во корелација со ослободувањето на умот, дискурзивноста, туку ослободување и во виталот, и најважно од сè, ослободување на духот, во битието, битствувачкото (психички-духовното битие). Борбата за слободата на жената прераснува во борба (за слобода) на мажот, бидејќи тоа е борба за да се воспостават нови односи меѓу луѓето, квалитативно издигнати на повисоко рамниште.
Бидејќи на самиот почеток на едно истражување се поставува прашањето која е темата или проблемот кој ќе се испитува, се решив тоа прашање да се однесува на духовните аспекти на феминизмот. Спиритуалниот или духовниот феминизам како алтернативна духовност е ориентација која многу му должи на културниот радикален феминизам како и на духовните струи во еколошкиот феминизам (Zahariević, 2001: 139-151). На пример, биофеминизмот се залага за принципите на новата „светска демократија“ (Вандава Шива) „која вклучува подеднакво вреднување на сите видови ( човечки и нечовечки), на луѓето и културите, сочувување на културниот и биолошко/ еколошкиот диверзитет и сочувување на локалната економија“ (Popović, 2001: 443). Феминистки како Карол Гилиган и Вирџинија Хелд се борат да ја пренесат етиката на грижата, од семејството и „женската“ сфера, во јавната сфера, поставувајќи ја во доменот на политичките, социјалните и глобални прашања.
Моралните квалитети како грижата, заедништвото, соработката, довербата, солидарноста, растежот, подигањето, негувањето, заштитата, закрилата, негата, го ткаат новото ткиво на текстурата во односите кои добиваат сè поголемо значење. Друга заложба на овие струи е достигнувањето на една „човечност“, така што ќе се надмине сексизмот како и промовирањето на андрогинијата како решение за излез од патријархатот (Мери Дејли).
Развивањето на духовните аспекти на феминизмот ќе се разгледува во контекст на возобновувањето на духовното. Сметам дека колку е поширока рамката и колку е подлабока проникнувачката способност толку побргу сe доаѓа до решението. Од друга страна, колку повеќе ни е стеснет видокругот толку повеќе бидуваме заробени во сопствените проекции, во сенките на симулакрумите кои си/ни ги проектираме/-аат на ѕидовите од пештерата во која сме оковани и осудени на движење само по една линија, во еден правец – една димензија. Се разбира и овој пристап има недостатоци исто како и премногу специјализирачкиот: на „универзализмот“ и „есенцијализмот“ како негативна страна му се забележува поништувањето на разликите. А тоа, пак, можеби, се случува токму поради стеснетиот видокруг при специјализирачкиот пристап како позиција на набљудување од еден агол.
I. Поимите „бог“ и „божественост“ и јазикот на патријархатот
„Револтот кај жената се јавува во вид на особен женски атеизам, денес актуелен во светот“ (Ќулавкова, 2003: 95). Веројатно, многу жени/феминистки, борејќи се против патријархатот, го отфрлија и „Бог“ како маскулинизиран поим, побргу одлучувајќи се да бидат атеистки отколу да веруваат во машкиот апсолут. Најчесто, Апсолут Бог е (означен со именка) од машки род. Секако, една именка/збор ако е од машки род, не значи дека и поимот што го означува е, исто така, (само) од машки род! Но ако се направи аналогија со Тао како врвен метафизички принцип, или „патот“, во таоизмот, се добива малку поинаков поим за Апсолутот, кога се означува со именка од среден род! И малку поинаква претстава за Апсолутот се добива, бидејќи во Тао постојат двата принципа во испреплетеност на едно трансцендентно ниво, но токму затоа во тој поим нема монолитност. Кога се поставуваат два збора/именки една до друга како Бог и Божественост, првата (сепак, именка од машки род) најчесто ни асоцира на монолитност, строгост (дисциплина), аскетизам, закон и правда, додека вториот поим – Божественост (именка од женски род) ни буди разиграност, ширење и движење во сите правци, буење. Кон Божествената Мајка чувствуваме блискост и ни носи закрила, смирување и задоволство, додека Бог Отец најпрвин ни буди страхопочит.
Поимите (јазикот), кои се оформуваат во општество што се развива под влијание на патријархалната религија, го носат белегот на одредена хиерархија од „вредности“. Во градењето на патријархалниот аксиолошки систем, разумот е на суверено место (а, пак, „роб на страстите“, според Дејвид Хјум), волјата за доминација и моќ како „природни“ и „нормални“ нагони, законот на посилниот (социјален дарвинизам) неминовен и нужен, па следат: натпреварувачиот дух и успешноста во градењето на кариерата како смисла на животот, насилност што води кон (авто)деструктивност, војна и смрт, како „хигиена за човештвото“. Од друга страна, во тој систем, емотивноста, сензибилноста, симпатијата, довербата, најчесто се сфаќаат како слабости, пожртвуваноста и љубовта, великодушноста и добротворноста – неисплатливи, мирното решавање на проблемите и конструктивноста – привремени, социјабилноста, разбирањето, благодушноста, хуманоста, милоста – минливи, благодарноста, нежноста, сочувството, се сметаат за ирелевантни. Така со репресивен механизам на демонстрација на моќ се наметнува (и се очекува тоа да се прифати од целата заедница) одреден начин на размислување, односно одреден вредносен систем.
Во таа хиерархија на вредности, задоволството е (беше) тајно, бидејќи е поврзано со уживањето кое не би требало толку да го имаме во овоземниот живот колку што треба отаде, во задгробниот, или во рајот. Оттаму, еден аспект во бунтот на жената е поврзан и со задоволството од што произлезе искуството jouissance и „задоволството во текстот“ на некои феминистки. Според една од нив – Лис Иригаре (Luce Irigaray), жената е (...) „метаболизирана од фалогократизмот. Додека она што се случува во уживањето на жените го надминува сево ова. Неопределено прелевање во кое ќе можат да бидат запишани голем број случувања.
Полнотијата, ширината на нивното идно појавување се навестува, се најавува како можна, но во еден растеж, во едно ширење, без одредливи граници... Жената се однесува на она што не може да се дефинира, да се наброи, да се формулира или да се формализира. (потцртано од Т.М.) ...Таа се идентификува со секое x, без притоа со него да се идентифицира на определен начин “ (Иригаре, 2003: 123).
Според сликарот Казимир Малевич, битното, суштинското, битието, сепството, е единечно, неусловено од што било, бело постоење, а манифестација на тоа е возбудата.
„Сметам дека принципот и изворот на она што го нарекуваме живот е возбудата, која се манифестира во разни форми – како чисто , несвесно, необјасниво, никогаш, ни на кој начин докажано дека навистина постои, без бројка, егзактност, време, простор... (потцртано од Т.М) од втор степен на животот е мислата во која возбудата поприма видлива состојба на реално во себе, но не напуштајќи ја границата на внатрешното “ (Маљевич, 1996: 5).
Мислам дека возбудата на Малевич е многу блиска на jouissance во „задоволството во текстот“ или на блаженство од концептот СатЧитАнанда во Ведантата.
Според Ведантата, концептот или таквоста на стварноста е трипартитна: СатЧитАнанда (Sachchidananda): Сат или Постоење е тоа што вистински é, Чит или Чиста Свест е креативна самосвест; Ананда или Блаженство, Светлина на Духот е супстанцијата на сето постоње, тајниот извор и поддршката на сè што постои. Задоволство, блаженство, радост или со еден збор - ананда (delight, bliss), се во самата структура на стварноста – како еден од трите аспекти на Сат-Чит-Ананда. Но тие како да се непостојни во патријархалното устројство, или, можеби, се первертирани, икривоколчени, или пак, скратени само за жената (или, можеби, е потиснато нивното женско видување и доживување). Според Шри Ауробиндо, Ананда надоаѓа од Врвната Божествена Љубов.
Некои нови вредности за кои жената - феминистка се бори и од кои се гради цел еден нов јазик, поинтуитивно и понепосредно нè водат кон божествената љубов, додека достигнувањето блаженство во нејзиниот живот му носи ослободување и на мажот и напредок на целата заедница. Така, тие вредности веќе стануваат општочовечки и за нив (треба да) се борат подеднакво и жените и мажите.
II. Силата - инхерентна на Постоењето
Во биполарниот концепт од машки /женски принцип во Ведантата: Шива-Кали, Брахман - Шакти, овие два принципа се во фузија или во интересно испреплетување, во божествена игра – Лила. Кога се објаснува Постоењето (Сат), не се објаснува како празна небиднина, туку тоа е нешто што се претопува во Сила. Мирувањето е во движење, а движењето во мирување. Не постојат апсолутни и крајни поларитети кои се во конфликт ниту пак се исклучуваат.
Сето феномен - постоење се претопува во Сила, во движење на енергија која добива помалку или повеќе материјални, повеќе или помалку груби, згуснати или суптилни форми за себепретставување на своето сопствено искуство. Во древните претстави, со чија помош човечката мисла настојуваше овој извор и закон на битието да го направи разбирлив и реален за себе, тоа бескрајно постоење на Силата било сликано како море, море во мирување во својата внатрешност и, така, слободно од какви било форми, но коешто, со првото премрежување, првотo воведено движење, изискувало креирање на форми – тоа е семето на универзумот (Sri Aurobindo, 2005: 87).
Оваа прекрасна слика на примордијалното Постоење што се претопува во Сила, пред да добие некаква Форма, е море во мирување кое, со првото премрежување – импулсот, креира форма. Со алегоријата и симболиката на поетскиот јазик се претставени митот за постанокот и принципите на креацијата.
Сите форми на Материјата за кои сме свесни, сите физички нешта до најсуптилните, се изградени со комбинацијата на петте елементи. На нив се засновани сите наши сетилни искуства: оти со примање на вибрацијата доаѓа осетот за звук, во контакт со нештата на светот на вибрациите на Силата сетилото за допир, со акцијата на светлината пролеана во формите, изложена, одржувана со силата на светлината и огнот и топлината, сетилото за вид, со четвртиот елемент – сетилото за вкус, со петтиот, сетилото за мирис. Всушност, сè е резултат на вибрантни контакти меѓу сила и друга сила. На овој начин, древните мислители го премостија јазот меѓу чистата Сила и нејзините конечни модификации и ја решија тешкотијата која го спречуваше обичниот човечки ум да сфати како е можно сите овие форми, кои за неговите сетила се толку реални, цврсти и трајни, во суштина, да бидат само привремени феномени и нешто што егзистира како чиста енергија, нешто за сетилата непостојно, недопирливо и скоро неверојатно, а истовремено (истите форми) тие да може да бидат непроменливата космичка реалност (Sri Aurobindo, 2005: 88).
Одговорот што најмногу бил прифаќан од умот на древните Индуси беше објаснувањето дека таа Сила е инхерентна на Постоењето. Шива и Кали, Браман и Шакти се едно и не две, тие се неодвоени. Силата инхерентна во постоењето може да биде во мирување или во движење, но кога е во мирување, таа нити постои помалку нити е укината, ниту е намалена или на кој било начин изменета во својата есенција. Овој одговор е така целосно рационален и во хармонија со природата на нештата што не би требало да се двоумиме да го прифатиме. Оти, невозможно е, бидејќи е спротивно на разумот, да се претпостави дека Силата била нешто туѓо и непознато на единственото бескрајно постоење, па некако влегла во него однадвор, или пак, била непостојна, па возникнала во него, во некој момент од Времето (Sri Aurobindo, 2005: 88).
Тука се алудира на односот меѓу машкиот принцип – Постоењето и женскиот принцип – Силата, кои се стопени во креацијата и градат хармонија во една динамика на повисоко рамниште. Може да се направи компарација со Богородица како женски принцип кој е надвор од целиот концепт на креацијата на христијанското Тројство и, така, чудно влегува во концептот на стварноста „од ништо“. Или библискиот мит за создавањето на Ева и подоцнежните толкувања (како на пример од Апостол Павле) според кои, поради нејзиното „второстепено“ раѓање, таа е инфериорна и по таа логика, веројатно, се продолжува со Богородица која, иако е таа што ќе го роди Богочовекот, останува надвор од целиот „концепт“ на креацијата, надвор од трипартитната структура на Тројството.
Библискиот мит за Постанокот, којшто според Мике Бал (Mieke Bal) „нигде не зборува за првенството на мажот и неговото право да доминира, уште помалку пак за моралната корумпираност на женското тело“, потоа протолкуван од јудео-христијанството и исламот, преку т.н. синдром на „(…) ретроспективна лага, односно, проектирањето на еден полн лик врз претходните елементи кои водат до неговата конструкција“, ја „импутира подоцнежната мизогина идеологија“ (Бојаџиева, 2002: 196-197).
Единствено, благодарение на Богородица, угледот и статусот на христијанската жена е подобрен и таа „не е веќе проколната“. „За ваквата состојба, во голема мера, придонесува воздигнатиот лик на Мајката Божја – Богородица. Нејзината слава заблескала врз сите жени. Прокле од Константинопол, константинополски архиепископ (434-46) оценува дека преку Марија, сите жени се благословени. Тој истакнува дека жената не е веќе проколната, бидејќи нејзината раса сега има сè што е потребно да се надмине дури и славата на ангелите“ (Јакимовска-Тошиќ, 2017: 107-123).
Неантропоморфни, апстрактни, архетипски, архаични поетски претстави, богати со симболика, се космологиските претстави и првите импулси на создавањето според Ведантата. (Јунг тоа ниво го нарекува психоид – архетип како таков од каде што изнурнуваат сите архетипските слики, симболи и престави.) Тие, дури, се и претстави кои проникнуваат до некои појави и процеси, кои многу подоцна ќе ги открие и западната наука (квантната физика). Научници-физичари од Западот, во минатиот век, ќе дојдат до откритија кои древната мудрост на Ведантата оддамна ги има опишано со својот филозофско-поетски јазик! Каква врска има сето ова со духовните аспекти на феминизмот и, воопшто, со мојата тема? Има многу врска со начинот како се создаваат поимите и претставите (за светот, за постанокот, за генезата, за човекот, за животот, за мажот и жената), имаат врска со јазикот како акумулатор на духовното, во источната култура и/или во западната култура. Еве, уште еден опис на Силата инхерентна на Постоењето:
Но бидејќи Силата е така инхерентна на постоењето и во природата на Силата е да се има оваа дупла или наизменична потенцијалност на мирување и движење, односно, на себеконцентрација во Силата и себе-дифузија во Силата, прашањето „како“ за движењето, односно за неговите можности, иницијативни импулси или причини кои го поттикнуваат, сега нема да го поставиме. Тогаш можеме лесно да разбереме дека овој потенцијал мора себеси да се преведе или во наизменичен ритам на мир и движење кои следуваат едно на друго во Времето, или, поинаку, како вечна себе-концентрација на Сила во постоење што не се менува од играта на движењето на површината, од менувањето и формирањето и наликува на подигањето и спуштањето на брановите на површината од океанот. И оваа игра на површината – ние, секако се изразуваме со неадекватни слики – може да биде со концентрација во себеси и самата, исто така, вечна, или може да има почеток и крај во Време и да продолжува со некој вид константен ритам: тогаш не е вечна во својот континуитет туку е вечна во постојаното и во повторното јавување (Sri Aurobindo, 2005: 88).
Кванти!
(Продолжува)
Слики : Татјана Миљовска, 2018
Трудот е изработен како семинарска работа по предметот Родови претстави во современата култура и медиуми на Културолошките студии при Институтот за македонска литература. Објавен е во последното електронско издание на Филолошки студии: http://philologicalstudies.org/dokumenti/2018/issue1/02_Milovska.pdf
Литература:
Абаџиева, Соња. 2001. Длабоко дишење. Скопје: Скенпоинт.
Sri Aurobindo. 2005. The Life Divine. Pondicherry: Sri Aurobindo Ashram Press.
Sri Aurobindo. 1992 . The Mother. Pondicherry: Sri Aurobindo Ashram Press.
Sri Aurobindo. 1992. Dictionary od Sri Aurobindo`s Yoga (compiled by M.P. Pandit). Twin Lakes,
WI.,USD: Lotus Light Publications.
Bahovec , Eva. 2001. Egzistencijalistički feminizam. vo Malojević I. & S.Markov (ur.) Uvod u rodne
teorije. Novi Sad: Mediteran Publishing.
Бојаџиева, Маја. 2002. Имагинарни жени: излегување од сенката. во К. Колозова (ур.) Истражувања
од областа на родовите студии“ (Зборник- Том 1). Скопје: Евро-Балкан Прес.
Гешоска, Искра. 2018. Гласот на сенката (1) (оглед за македонската жена). https://okno.mk/node/70295 (пристап 19.03.2018).
Zahariević, Adrijana. 2001. Radikalni feminizam. vo Malojević I. & S.Markov (ur.) Uvod u rodne teorije.
Novi Sad: Mediteran Publishing.
Иригаре, Лис. 2003. Спекулум на другата жена/ Спекулум: Незаобиколниот волумен, во К.Колозова
(ур.) Хрестоматија на класични текстови од областа на родовата теорија. Скопје: Евро
Балкан прес.
Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2017. Женскиот принцип во библискиот и во раскажувачкиот корпус на
средновековната македонска литература. во IX Macedonian-North American Conference on Macedonian Studies, The University of Chikago, USA, 12-14 November 2015. Balcanistica (Volume 30:2).
Јачева – Улчар, Елка. 2002. Третманот на жената во народниот живот и во народната книжевност на
Македонија. во К. Колозова (ур.) Зборник : Истражувања од областа на родовите студии ( Том 1). Скопје: Евро –Балкан Пресс.
Камџијаш, Светлана. 2016. Ерос во спиралата меѓу сиромаштијата и изобилието. во За Љубовта -
Зборник на трудови од Меѓународната научна конференција „За љубовта“. Ј.Мојсиева-Гушева & Е.Џукеска (ур.). Скопје: Здружение за компаративна книжевност на Македонија & Здружение на класични филолози „Антика“.
(https://zkfmantika.wixsite.com/zkfmantika/blog/category/%D0%97%D0%B1%D0%...)
Капра, Фритјоф. 1999.Тао на физиката. Прев. Драган Јакимовски. Скопје: Табернакул.
Маљевич, Kазимир. 1996. Бог није збачен. прев. Петар Ћуковић. Подгорица: ALETHEIA.
Мојсиева-Гушева, Јасмина. 2013. Мајчинството како парадигма за безгранична љубов, во Филолошки студии 11/2013 Avelable at: http://philologicalstudies.org
Ouspensky, P.D. (Pjotr Dimitrievich). 1922. Tertium Organum – The third cannon of thought (A key to the enigmas of the world). Trans. Nicholas Bessaraboff & Claude Bragdon. 2nd ed. New York: Alfred A. Knopf.
Поп-Дучева, Светлана. Женските морални искуства како основа на современите етички пристапи традиционалната западна етика. Докторска дисертација при УКиМ во Скопје.
Popović, Dragana. 2001. Rod i ekologija. vo Malojević I. & S.Markov (ur.) Uvod u rodne teorijе. Novi Sad: Mediteran Publishing.
Ќулавкова, Катица. 2003. За необичноста на фалусот или женското меѓу илузијата и делузијата, во К.Колозова (ур.) Хрестоматија на класични текстови од областа на родовата теорија. Скопје: Евро Балкан прес.